10.8 C
Скопје
25 април, 2024
Inbox7.mk
СТАВ

Мојот другар Тахир

Пишува: Трифун Костовски

 

Почитувани пријатели, денеска ќе пишувам за мојот другар Тахир Шакири, со кого другарувањето ни трае речиси 70 години. Заедно одевме во Основното Училиште ,,11 Октомври” и двајцата завршивме Економски факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј.

Во моето родено Ново маало, градено со долга традиција и индивидуални куќи,  типични за тогашно наше Скопје, немавме санитарни јазли, водовод и канализација.  Во најраните години од моето детство, домашните пумпи за вода и септичките јами беа наша реалност.

Во почетокот на 50-те години од минатиот век се изградија две згради во нашето соседство за тогашните пратеници во македонското Собрание, Реиз Шакири, Боге Кузмановски, Дизе Бојановски и Живко Брајковски, сите до еден првоборци од НОБ. Со нивното доселување во нашето маало се отворија можности за нас новомаалчани да си донесеме во домовите вода од Јавното претпријатие Водовод и канализација и внесеме одвод на фекалиите со така-наречената фекална канализација. Со еден збор, со изградбата на дветете згради, скопската цивилизација се пресели во Ново маало.

Тахир беше средниот син на Реиз и Фидарија, кој по возраст највеќе ми прилегаше. Помалиот брат Фатмир секогаш беше  присутен при нашето дружење и во тие маалски дружења ја имаше улогата на т.н. пратеник, што во превод значи ,,пратен да  купи цигари и пиво” за нас, повозрасните…

Постариот син на Реиз и Фидарија беше Васко, кој отсекогаш беше авангарден. Важеше за голем љубовџија, бидејќи беше најомилен меѓу нашите девојчиња од маалото.

Со доаѓањето на пратениците во нашето маало, нивните дворови и куќи беа наше собиралиште. Сѐ што се случуваше во маалото, од играње фудбал, сервис, одбојка, џамлии, фанта, се случуваше околу куќите на нашите пратеници. Тахир ни беше најдобро воспитаното и најчисто дете во целото маало. Немаше шанса  Тахир да го видите со извалкани чевли или облека. Неговата мајка Фидарија, беше мајка на целото маало и честопати умееше да нѐ покани во нејзиниот дом,  да нѐ почасти со нејзините специјалитети, јадења и слатки кои само таа умееше да ги нарави.

Домот на мајка Фидарија беше чист како солза. Се чувствуваше топлина и владееше беспрекорна хигиената во нивниот дом. И денес, кога ми навираат спомени од моето детство, секојпат домот на Фидарија ми беше симбол за тоа како треба да изгледа мојот иден дом.

Тахир нѐ собираше нас, неколкумина од другарите кои можеше да нѐ земе со себе и да нѐ носи секоја недела во Клубот на пратеници да гледаме игран филм. За нас, децата од маалото, тоа беше доживување кое не може да се опише со зборови.

Првото возење во тогашниот „Опел-Рекорд” кој што го имаше таткото на Тахир, Реиз, беше  дел од нашето секојдневие за паметење. Не постоеше шанса  чичко Реиз, кој го возеше Опелот, ако не види на улица да не нѐ качи во него за да нѐ вози.

Се случи земјотресот во 1963 година. Куќата на моите родители беше срушена и  обележана со црвена боја, што значеше дека треба да се доруши. Мојот покоен татко беше избезумен. Денес го разбирам, бидејќи домот во кој што јас и мојот брат растевме со нашите родители, беше урнат. За мојот татко не постоеше можност да го напушти домот и веднаш отидовме на муабет кај чичко Реиз. Работата се заврши.  Црвените бои беа заменети со две жолти, што во превод значеше дека можеме сами да си го поправиме домот. Мојот покоен татко Тодор немаше зборови за благодарност кон делото што го направи таткото на Тахир, Реиз.

Средното образование јас и Тахир го завршивме во различни училишта и повторно се сретнавме на факултет. Тахир беше многу солиден студент и завршивме во исто време, меѓутоа тој со просек блиску 9, а јас, како типичен ученик на ресавската школа, завршив со просек 6.65.

После завршувањето, нашите патишта се разидоа, меѓутоа спомените останаа во нас.

Сопругата на Тахир, Сунка, која неодамна почина беше симболот на Утрински весник. Таа беше вистинската жена која го пружи сиот сервис за успехот на овој дневен весник.

Тахир и Сунка се родители на синот Валдет и ќерката Фидарија. Сопругот на Фидарија Ерол Муминовиќ е мој голем пријател, со кого  често се среќаваме на тениските терени.

Тахир, да бидеш жив и здрав уште многу години. Средбите наши се ретки, ама кога и да се остварат навираат  силни емоции за спомените од нашето минато. Ти со твоите браќа Васко и Фатмир и со твоите родители Реиз и Фидарија, вечно ќе останете запаметени во меморијата на моето семејство и во моето срце.

 

Related posts

Во корист на сопствената штета

admin

Канал 5 и популарната „Само вистина“ тоа не го заслужија 

admin

Пет причини за граѓаните да инвестираат во граѓанската обврзница – петка за граѓаните

admin

Рефлексија за финансиите и економијата во време на повеќекратни кризи: најтешкото е зад нас

admin

ДЕЗИНФОРМАЦИИ ЗА ДЕНЕШНАТА ОБЈАВЕНА ПРЕСУДА ЗА УБИЈЦИТЕ НА ДЕВОЈКАТА ВО УРОШЕВАЦ ПРЕД 2 ГОДИНИ

admin

#MeKryeministrin

admin