21.8 C
Скопје
24 април, 2024
Inbox7.mk
СТАВ

Еуростандард банка vs функционерите, луѓе без совест

Пишува: Трифун Костовски
Почитувани читатели, во денешната колумна, вообичаено посветена на Еуростандард банка, посебно ќе се осврнам на клучните луѓе кои директно или индиректно беа соучесници во стечајот на банката.
Госпоѓа Бежоска, тогашен и денешен Гувернер на Народна банка, со нејзиниот тим и стручниот советот при Народна банка беа директните егзекутори на Еуростандард банка, чин без преседан во историјата на банкарството на Македонија. Силните инструменти, кои ѝ стоеја на располагање на Народна банка како вонредни мерки и администрација за стабилизирање на банката, не беа користени. Потенцијалниот инвеститор за докапитализација на банката ги задоволуваше сите критериуми на Народна банка, меѓутоа не беше примен ниту на разговор.
Заклучувам: егзекутор е госпоѓа Бежоска.
Зад нејзината егзекуција стои неприкосновената институција Народна банка.
Претседателот Пендаровски има  законско право да предлага Гувернер на Народна банка. Веднаш по стечајот беше одржана средба меѓу Претседателот Пендаровски и Гувернерот Бежоска и во јавноста проструи информацијата дека со чинот  стечај на Еуростандард банка не е нарушен банкарскиот систем во Македонија затоа што Еуростандард банка била маргинален играч во банкарскиот сектор, вклучена со 3% во вкупниот платен промет на Република Македонија.
За Господинот Пендаровски, вакво образложение од страна на Бежоска најверојатно е прифатливо.
Убеден сум дека познавањето на господинот Пендаровски за банкарскиот систем во Македонија е површно.
Господинот Џафери, веднаш после стечајот во директна средба со мене, изреагира дека процедурите кои ги имала на располагање Народна банка, не биле искористени. После првата средба со господинот Џафери,  комуникацијата од негова страна одеднаш престана.
Проформа, Комисијата за финансирање и буџет при Собранието на Република Македонија, направи распит околу стечајот на Еуростандард банка. До денес ги поседувам само стенограмите од овој распит, а молкот и заклучоците од овој распит сѐ уште се енигма.
Техничкиот премиер, Оливер Спасовски и премиерот во два наврати Зоран Заев,  свесно или несвесно се соучесници во овој перфиден банкарски злостор.
Убеден сум дека  господинот Оливер Спасовски извршувал само наредби, но тоа не го оправдува.
Господинот Заев во два наврати премиер во Владата на Република Македонија и повеќе мандати градоначалник на Струмица, со своето бизнис лоби, (бидејќи заедно со своето семејство  е дел од бизнис заедницата не само во Струмица, туку и низ цела Македонија), мораше да реагира на одлуката за носење на Еуростандард банка во стечај.
И покрај тоа што Еуростандард банка со тогашниот Управен одбор кој ја водеше банката беше во голем процент посветен на бизнис лобито блиско до Заеви, господинот Заев молчеше.
Почитувани читатели, во Македонија криминалот и корупцијата се наше секојдневие. Криминалот и корупцијата не се по улиците на Македонија, туку во институциите, како Влада на Република Македонија, Собрание на Република Македонија, Претседател на Република Македонија и во дадениов случај Народна банка.
Правдата мора да победи, не само во мојот случај, туку и во илјадници други случаеви на  ограбени граѓани на Република Македонија.
Јас продолжувам…

Related posts

Отворен став до Рамадани и политичарите во Македонија!

admin

Канал 5 и популарната „Само вистина“ тоа не го заслужија 

admin

ЕКОНОМСКАТА ОДИСЕЈА: ПРЕДИЗВИЦИТЕ ПРОДОЛЖУВААТ, НА ПОВИДОК СВЕТЛА ПЕРСПЕКТИВА

admin

Терор врз Израел и слободна Палестина

admin

СЕДИ КЕЦ!

admin

Провладини апологети со анатема за БРИКС

admin