11.8 C
Скопје
4 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Опасна политичка апатија

Редовните парламентарни избори во 2024 година може да произведат неочекуван политички мозаик, кој ќе го отежне, ако не и оневозможи, создавањето стабилна влада. Во отсуство на големи коалиции, Северна Македонија може да се најде во стапицата каде што сега е Бугарија…

 

Пишува: Џелал Незири

 

Владејачката Социјалдемократска партија на Македонија (СДСМ) бележи пад на рејтингот, можеби најголемиот во нејзината историја. Разликата со ВМРО-ДПМНЕ според последните кредибилни анкети се движи од 6 до 8 проценти. Но, оваа голема разлика е предизвикана само од падот на СДСМ, додека ВМРО-ДПМНЕ не успева да го зголеми нивото на поддршка. Значи социјалдемократите паѓаат, ама вмровците не растат. Ова е клучен показател дека двете главни македонски партии, кои три децении владееја на политичката сцена, се соочуваат со сериозна егзистенцијална криза.

На политичката сцена на етничките Албанци оваа криза е присутна од поодамна, но во последно време таа продолжува да се продлабочува. Распарченоста или расцепканоста на политичките партии само ја зголемува политичката апатија кај граѓаните Албанци. Во моментов има 5 парламентарни партии, со тенденција да станат 6, кои тврдат дека ги претставуваат гласачите на етничките Албанци. Секој од нив се базира на одреден град или регион. Единствена партија која досега има досег во сите општини каде што има албански гласачи е ДУИ, но и таа ризикува и да биде „фрагментаризирана“. Фракцијата „Огнена група“, која има силна база во Чаир и Сарај, најверојатно ќе формира нов политички субјект.

Распарчувањето на албанската политичка сцена во Северна Македонија отсекогаш се случувало од три причини: од нетрпеливост меѓу различни групи внатре во партијата, од неможноста за нејзино реформирање или поради бизнис интересите на некои личности позиционирани високо во партиската хиерархија. Во последните две децении од ДУИ се родија три нови субјекти, исто толку од ДПА и еден од БЕСА. Беа формирани неколку предизборни коалиции и сите пропаднаа по изборите. Тоа значи дека бројот на пратеници Албанци не е во согласност со нивниот процент во Северна Македонија. Според последниот попис, речиси 1/3 од населението во земјата се етнички Албанци, кои пропорционално треба да бидат претставени со 40 од вкупно 120 пратеници. Сепак, најголем број пратеници што ги освоиле албанските партии е 29, додека на изборите во 2016 година оваа бројка падна на 20 токму поради поделбата на избирачкото тело на четири политички субјекти. Тоа потоа предизвика разочарување кај албанскиот електорат, кој забележа најмал одѕив во последните изборни циклуси, особено по парламентарните избори во 2014 година.

Апатијата на македонските гласачи ги зајакнува политичките екстремни партии, како што е Левица, а во исто време создава простор за нови прозападни политички движења. Албанскиот гласач, пак, се повлекува во комфорната зона со тоа што не гласа за ниту една опција бидејќи „сите се исти“. Гласачите од двата табора, условно кажано, имаат една заедничка карактеристика: губење на вербата дека демократијата може да ги реши нивните проблеми. Последното истражување на ИРИ го покажа овој опасен тренд. На прашањето „дали верувате дека демократијата е најдобар облик на владеење или не“, позитивно одговориле само 51 процент. Дури и мнозинството од возрасната група од 18 до 35 години изразиле дека друга форма на владеење е иста или подобра од демократијата. Тоа значи дека во земјата има плодна почва за зајакнување на екстремните политички, идеолошки или религиозни сили, кои во суштина се популистички и кои можат да произведат непредвидливи ситуации во земјата.

Редовните парламентарни избори во 2024 година може да произведат неочекуван политички мозаик, кој ќе го отежне, ако не и оневозможи, создавањето стабилна влада. Во отсуство на големи коалиции, Северна Македонија може да се најде во стапицата каде што е сега Бугарија, која за две години пет пати одеше на предвремени парламентарни избори, и сеуште не успева да формира влада. Во слична институционална криза е и Црна Гора. Овие кризи ги парализираат земјите, ги забавуваат реформите и го запираат развојот поради состојбата на постојана кампања.

Related posts

Македонските приоритети треба да се третираат како државен, а не партиски интерес

admin

ПРЕДИЗВИЦИ ВО ИЗБОРНАТА ЛЕГИСЛАТИВА ВО ОДНОС НА РЕКЛАМИРАЊЕТО НА БИЛБОРДИ

admin

Лорд Карингтон: Ставовите на Македонија се најконструктивни

admin

АМЕРИКАНСКИ ЕКСПЕРТИ ЗА МАКЕДОНСКИ АРАМИЛУК

admin

Американците се бесни

admin

Коридор VIII – кој губи и кој добива?

admin