11.8 C
Скопје
3 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

АМЕРИКАНСКИ ЕКСПЕРТИ ЗА МАКЕДОНСКИ АРАМИЛУК

Каква е таа функционална демократија, какви се тие институции ако некој од надвор се справува со домашниот криминал?

Пишува: Катерина Топалова

Македонија постои од памтивек, Македонија е постара од сонцето, Македонија е древна земја, ама пустата не може да се справи со црвите што ја јадат одвнатре. Национализмот најлесно се шири меѓу гладни луѓе, партиотизмот е најдобар лек за болка со која не сакаш да се справиш.

Експертски тимови од САД ќе не бранат од домашните арамии. Премиерот прв рече оти се сложувал со изјавата на амбасадорката Агелер, Министерот за надворешни, пак, Османи, се пофали оти тие побарале да добијат американски експерти кои ќе се справат со македонскиот арамилук. Како да им веруваш на овие луѓе дека знаат како да не внесат во ЕУ, дека знаат што е најдобро за нашата иднина, дека знаат каков план да направат за државата да оди напред?

Ами ако го знаеш проблемот пола од решението е веќе најдено. Туку ние и никогаш не сме биле помалку паметни, само што тешко оди одвикнувањето од лесната кражба. Кој бега од убаво? Така и нашите политичари, зар се глупи да си бегаат од „среќата“. Па и уште ги гласаме, им даваме аманет да земат колку што им треба и кога ќе им затреба. А тие пусти, немаат мерка, па сега уште и ќе се радуваат што некој од надвор ќе дојде да им каже оти крадат!

Наместо да даваат изјави колку се среќни со тимот што ќе им ја работи работата, треба да наведнат глава оти тоа е само уште еден доказ дека партиската послушност станала заштитен знак на оваа држава, оти единствен критериум да „успеете“ се политичките партии и оти поинаку е невозможно. Сите конкурси за вработувања во државните институции се направени по мерка за роднини и пријатели, компетенции ниту биле ниту ќе бидат причина за некој да го добие работното место. Еден човек е во десет управни и надзорни одбори, партиите кројат судски совети и обвинители, челните позиции се даваат на луѓе без ден стаж, ама нашите политичари биле среќни оти странци ќе ни ја ловеле корупцијата.

Па срамота е да се потценуваат луѓето на секаков можен начин па дури и со глупи изјави. Борбата мора да почне одвнатре, да се подигне моралот и свеста за нешто очигледно, оти народот е гол и бос. Оти нема ниту Албанци ниту Македонци што љубат кога ги крадете безмислосно.

Немаме болници, немаме одбрана, немаме училишта, немаме систем, а тие ќе глумат задоволство оти некој друг ќе се справува со нивната корупција. По сто пати се превртеа во власт и опозиција и само во едно беа сложни – крадењето!

За какви функционални институции ни зборуваат ако едногласно кажуваат оти е добро што туѓи експерти ќе ни го гледаат срамот. И што кога ќе кажат кој бил крадец? Како завршија оние што досега беа етикетирани? Кој лежи во затвор?

Една стара вели – гавранот на гавран не му колва в очи!

Туку да се надеваме дека овој срам ќе заврши на арно и нема да има нова експертска Влада која ќе се залага за политички компромис за да се сокријат валканите алишта на домашната елита. Да се надеваме дека оваа странска битка ќе ни донесе домашен бенефит! Срам ми е, ама се надевам! Се надевам дека се ова нема да заврши само со кревање на два прста за Уставни измени!

 

 

Related posts

Македонската економија индиректен заложник на кризата во Украина

admin

СОМНЕЖОТ Е ОСНОВА НА ПИШУВАЊЕТО

admin

Ало, Телеком! Очајно ни треба Европа!

admin

ШТАНЦАЊЕ ДИПЛОМИ ЗА ФУНКЦИОНАЛНО НЕПИСМЕНИ

admin

ЈА ДОБИВМЕ БИКТАТА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

admin

ТРЕТАТА МАКЕДОНСКА РЕПУБЛИКА?

admin