12.8 C
Скопје
28 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Спречена блокада на сите полетувања и слетувања на скопскиот и охридскиот аеродром

Раководството на М-НАВ се согласи со барањата на синдикатот, со што е спречен штрајк во воздушниот сообраќај во Северна Македонија. Штрајкот закажан за 12 октомври, можеше да ја наруши работата на скопскиот и охридскиот аеродром. Договорот вклучува подобрување на условите за работа, промена на застарената опрема и реформирање на процедурите за избор на персонал, јавува РСЕ.

Раководството на М-НАВ најави дека ќе ги исполни барањата на Синдикатот на контролори за летање кој што најави штрајк за четврток, 12 октомври. Доколку штрајкот се случеше, ќе беа запрени прелети над земјава, како и полетувања и слетувања на скопскиот и охридскиот аеродром во периодот од 11 до 17 часот. Ако барањата навистина бидат исполнети, Синдикатот најави дека штрајкот ќе го стави во мирување, но договорот се очекува финално да биде потпишан денеска. Во случај договорот сепак да не се потпише, Синдикатот ќе го одржи штрајкот.

Претседателот на Управниот одбор на Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање на услуги на воздухопловната навигација М-НАВ, Фахрудин Хамиди, за Радио Слободна Европа вели дека барањата на Синдикатот ќе бидат исполнети, со тоа што приоритетната листа за оперативно вработување во М-НАВ, Управниот одбор уште во март ја испратил до Владата и до Министерството за финансии.

„Ние сме постапиле, а суштината на работата е дека и оваа година немаме ниту едно не-оперативно вработување, освен едно што се случи пред месец-два. Зборуваме само за оперативни работни места, а делот кој е најбитен за платите го поминавме вчера на Влада – 10 проценти зголемување за сите контролори и инженери и 7 отсто за другиот оперативен и неоперативен кадар“, вели Хамиди.

На 9 октомври Управниот одбор на М-НАВ одржа состанок со Синдикатот на контролори на летање, на кој сите барања на Синдикатот биле ставени во записник.

„Записникот е пред потпишување и ние крајно кажавме дека се е исполниво, и од нивна и од наша страна. Штрајк не треба да има, треба записникот да биде потпишан и да продолжиме со тековната работа“, вели Хамиди.

Барањата на Синдикатот на контролори за летање се: подобрување на условите за работа во Контрола за летање, застарената опрема да биде заменета со нова и да се воведе „нормална селекција на кадар потребен за вработување“, како што вели претседателот на Синдикатот Александар Тасевски.

„Потребно е да не се измислуваат работни места колку да се вработи некој што ќе им биде јавен по телефон, туку навистина потребата да се покрива со конкурси коишто ќе траат во нормални временски рокови. Начелно е договорено со Управниот одбор да траат 10 работни денови, а не како досегашните три календарски за да можат да се пријават и други луѓе од државата кои можат да го видат огласот и да ја соберат потребната документација и да аплицираат, а по пат на селекција да биде избран навистина најдобрите“, вели Тасевски.

Како што раскажува Тасевски, претходно практиката била во Контрола за летање да бидат вработувани партиски и роднински кадри кои добиле работа за други работни места, за кои не биле барани силни квалификации, како портири или советници. Потоа луѓето примени на овие позиции биле прераспределени на работни места во Контрола за летање.

Во моментов во Контрола за летање недостасува оперативен кадар како контролори за летање и инженери и техничари во службата за техника, кои го сервисираат системот којшто во моментов е застарен, според Синдикатот, но кои треба да работат на инсталирање на донесениот нов систем што треба да биде имплементиран во текот на следната година, а доцни скоро десет години.

Потребни се најмалку 30 контролори на летање, како и 10 до 15 инженери и техничари – места кои во моментов се пополнети со кадри, како на пример советници на советници, вели Тасевски.

Опремата во Контрола за летање на Меѓународниот аеродром „Скопје“ која во моментов се користи е инсталирана во 1999 година, а вообичаено опремата се менува на секои седум години.

Тасевски вели дека опремата не е променета скоро 25 години бидејќи структурите кои се менуваат на власт секогаш наоѓаат некакви причини да не ја реализираат промената на опремата.

Опасноста од застарена опрема е што шансите да се расипе се многу поголеми, но исто така за застарена опрема нема резервни делови кои треба да бидат набавени и променети доколку се случи некаков дефект, додава тој.

Во таков случај, скопскиот аеродром нема да може опслужува прелети, полетувања и слетувања.

Синдикатот на контролори за летање планираше секој четврток да штрајкува од 11 до 17 часот. Со тоа би се намалиле прелетите, полетувањата и слетувањата за 50 проценти од бројот кој што аеродромите во земјава можат да го опслужат. Тоа се двата аеродрома, Меѓународниот аеродром „Скопје“ и Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид.

Доколку се реализираше штрајкот би имало доцнење и нереализирање на летови и префрлање на патници на други аеродроми.

Related posts

Цензусот ќе пресуди кој ќе дава мандат за нова влада

admin

Цената на нафтата се искачи на највисоко ниво, причина – Украина и Саудиска Арабија

admin

Руската амбасада во Скопје – Балкански рекордер на социјалните мрежи

admin

Британија воведе санкции за руски олигарси и банки блиски до Кремљ

ninja

ВРИЕ ВО ОГНЕНАТА ГРУПА – „ТРН В ОКО“ ИМ Е АРТАН ГРУБИ

ninja

Средба Ковачевски-Мицкоски, дали ќе се договорат за уставните измени?

admin