16.8 C
Скопје
27 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Се иселиле млади колку едно Куманово: Населението во државата сѐ повеќе старее

Македонија станува држава на старо население, додека зачестеното иселување на младите неминовно води кон социо-економски промени. Статистиките само ја потврдуваат алармантната реалност, а тоа е дека над  77.000 млади кои се родени овде, веќе не се резиденти на државата. Паралелата меѓу последниот и пописот од 2002 покажува дека бројот на млади од 15 до 29 години значително се намалува, а населението старее со 6%.

Пишува: Вања Мицевска

Со други зборови, во 2002 година 24% од населението биле млади, додека пак во 2021 – тој број е паднат на 18 отсто.

Овие заклучоци заедно со препораки за тоа како да се подобрат ваквите состојби се сумирани во анализите „Млади и попис“ и „Финансирање на младинското учество и политики“. Тие укажуваат на недоследности во имплементацијата на Законот на младинско учество, кој може да придонесе за одржливост во социјална и економска смисла.

Промена на легислативата како чекор напред во зголемување на младинското учество

Авторите на анализите сметаат дека заклучоците до кои дошле, всушност само го потврдуваат проблемот со задржување на младинското население за кој со години наназад алармираат. Донесувањето на Законот за младинско учество беше сериозен исчекор во уредувањето на оваа проблематика, но тој е недоречен – предупредува професорката Катерина Шапкова.

„Законот е во одредена мера недоречен и не може до крај да се следи кои средства се сметаат за средства за млади, а кои средства се сметаат за други намени како образование, култура, спорт и така натака.  Меѓутоа, имајќи го предвид и овој предизвик, заклучоците до кои дојдовме не беа баш оптимистички. Средствата со кои располага Агенцијата за млади и спорт, а се наменети за млади, се многу мал дел од вкупните расходи на Агенцијата“, објаснува Шапкова.

Според неа, општините итно треба да почнат да издвојуваат повеќе средства од своите буџети за млади, а телата кои ги предвидува законот да почнат да функционираат за да може младите да ја зајакнат својата позиција.

-На локално ниво, мал дел од општините издвојуваат 0,1 процент од своите буџети за млади. Сметаме дека ова треба ургентно да се промени. Дел од причините кои доведуваат до ваква позиција е тоа што Законот за млади не содржи рокови во кои општините треба да ги исполнат обврските кои законот им ги дава. Затоа треба еден заеднички напор со промена на легислативата и вклученост на општините и формите на младинско организирање од локалните средини, да се зголеми учеството на финасирањето на младите на локално ниво – објаснува професорката.

Прашана дали овде има индикација за злоупотреба на средства,  таа нагласува дека парите не се наменуваат за други цели, туку законот предвидува поголем износ од она што сега се издвојува.

„Затоа мислиме дека е подобро да има определена програма или буџет, односно програмски да се буџетираат младите  и младинските политики, сѐ со цел да имаме подобра транспарентност и предвидливост колку средства би се издвојувале за младите. Младите очекуваат поголем износ на средства којшто државата би ги издвојувала бидејќи секоја иницијатива треба да биде поддржана со ресурси и битно е државата да се вклучи во овие процеси“, заклучува Шапкова.

Дека ни се потребни политики за задржување на младите во државата, смета и директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски кој вели дека податоците од новите анализи може да послужат ако паметно се искористат.

„За жал, младите ја напуштаат државата. Скоро 18 години не го знаевме тоа или го гледавме, а не сакавме да го видиме. Денеска ја имаме таа слика. Треба да искреираме политики и да ги спроведеме за да го сопреме овој процес на иселување на младите луѓе, да се содадат услови да сакаат да останат тука бидејќи никој не можете да го обврзете да остане“, рече Симовски.

Недоволно средства за политики за млади

Директорката на Фондацијата за демократија на Вестминстер во земјава, Дона Костуранова потенцира дека Законот за младинско учество донесен пред три години предвидува оти 0,3 отсто од државниот буџет и 0,1 отсто од буџетите на локалните самоуправи ќе одат кон политики за млади, но тие бројки не се остваруваат.

„Дополнително, тешко е да се утврди колку се вложува во младите затоа што нема начин да се води јасна статистика. Многу е тешко да се утврди колку од парите од државниот буџет одат за млади, затоа што нема баш таква класификација, преку која може тоа да се измери. И тоа претставува проблем затоа што не можеме да знаеме колку точно се вложува“, вели Костуранова.

Таа нагласува дека секоја локална самоуправа е законски обврзана да формира локален младински совет, но тоа во пракса не се имплементира.

„Локални младински совети се формирани само во шест општини од вкупно 81 општина.  За жал, младите во само осум општини можат да одат и да посетат младински центар затоа што во другите не постојат. Ако сакаме да ги задржиме младите, треба да им понудиме иднина и можности, мора да се инвестира во политики за млади и во подобрување на нивниот квалитет на живот, нивното секојдневие, темите коишто ги засегаат“, додава Костуранова.

Со самото ова, се бележи пад на младинското население во општините, единствено исклучок е општина Липково каде има пораст од 2 проценти.

Претседателот на Младинскиот образовен форум (МОФ), Петар Брлаковски вели дека клучните фактори кои ги „иселуваат“ младите од овде, се вработеноста и образованието, но на нивната одлука влијае и општата клима за тоа како функционира самата држава.

„Првото нешто што треба државата треба да го направи, е да донесе долгорочна стратегија која ќе придонесе кон намалување на младинската емиграција, а тоа може да се направи така што ќе се креираат долгорочни политики за подобрување на образованието, подобрување на младинската вработеност, но и на општата функционалност на самите институции“, истакнува Брлаковски.

Костуранова пак, вели дека како држава бележиме пад на невработеноста кај младите, но сепак сме далеку од европскиот просек:

„Покрај самите работни места, веројатно е важен и надоместокот којшто го имаат, работните услови, но и другите карактеристики кои ги прават работните места стабилни и привлечни за младите. Кога ќе ги прашаме младите што сакаат да се подобри,  дознаваме дека покрај квалитетните работни места на нив им е важно подобрено образование, подобрена инфраструктура, подобрување на грижата за животната средина, спортот и рекреацијата и други теми коишто не се само од интерес на младите, туку за сите“.

Првиот човек на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски информира дека младинската стратегија веќе е изготвена и е поднесена во Владата за усвојување.

Заедно со Клубот на млади пратеници во Собранието веќе ја правиме и измената на постоечкиот закон кој е една водилка, која ќе ги застапува младите и директно ќе им ги завршува работите кои за нив се потребни. Досега стратегијата се правеше во позатворен тип, а сега направивме испитувања во целата држава, сите засегнати страни се вклучени во Младинската стратегија и се надевам дека така и ќе продолжи.  Се надевам дека иселувањето ќе го забавиме. Не може тоа да се исклучи и да се стопира, но може да го забавиме – смета Мојсовски.

Двете најнови анализи на невладиниот сектор, покажуваат дека речиси 30 отсто од младите се невработени, а 53 се економски неактивни. Во однос на степенот на образование, 14 % завршиле високо образование, 48 отсто се со завршено средно, а 30 проценти со основно образование.

 

Related posts

Дишеме контаминиран воздух, јадеме токсична храна: Жешките еколошки точки ни ја уништуваат околината, а закана се и за здравјето

admin

Пораки за обединување, но и меѓусебни критики за Денот на македонската револуционерна борба

admin

МИЦКОСКИ ЗА KDPOLITIK: Секои четири години некој мене ме менува

ninja

САД ЌЕ ПРОДОЛЖАТ ДА ВОВЕДУВААТ САНКЦИИ НА БАЛКАНОТ

ninja

Крвава граѓанска војна во Судан, две генерали се борат за власт

admin

Кои се 10-те најдобри градови за живеење?

admin