-3.2 C
Скопје
14 декември, 2024
Inbox7.mk
СТАВ

Милеј, поуките од неговата победа

Кои се поуките за Македонија? Македонија не е банкротирана држава со 140 проценти инфлација, но е на пат натаму.

Пишува: Сашо Клековски 

„Десничарскиот кандидат Хавиер Милеј победи во Аргентина“ беа повеќето наслови во македонските медиуми за веста дека на изборите за претседател на Аргентина е избран Хавиер Милеј. Покрај формалните информации како проценти, изјави и слично, многу од написите се занимаваат со, условно кажано, забавниот карактер на појавата на овој политичар, кој самиот себеси се нарекува „анархокапиталист“. Милеј носи кожени јакни, изведува рок-песни, се фали со својата сексуална издржливост и дека е поранешен инструктор за тантрички бавен секс, но сексуалното образование го карактеризира како заговор за уништување на семејството, верува дека климатските промени се „социјалистичка лага“, верува дека продажбата на човечки органи треба да биде легална и сака да ги олесни мерките за поседување оружје. Тој го поддржува Израел, а сака да ги прекине односите со Кина и со Русија и да го воведе доларот како национална валута. На митинзите настапува со моторна пила, со која сака да илустрира дека ќе ги сосече јавните трошоци, на еден од спотовите со кинење ливчиња со имиња на министерства објаснува како ќе го намали бројот на министерствата, а се фали дека ќе ја запали централната банка на Аргентина.

Но каков десничар е Милеј, кој има невенчана партнерка и се фали со секс? И покрај неговата театралност во јавниот настап, вклучувајќи дека за економијата се советува со своето мртво куче, неговиот самоопис како „анархокапиталист“ е веројатно точен опис на неговите политички позиции на десни економски политики и либертијански позиции. Милеј е голем симпатизер на Трамп, од кого доби честитка и поранешниот бразилски претседател Болсонеро, кој е во бегство во САД.

На што се должи неговиот избор? Аргентина, сѐ уште втора економија во Јужна Америка по Бразил, се соочува со длабока економска криза, висока трицифрена инфлација, национална неликвидност блиска до банкрот. И  не е тоа првпат Аргентина да се соочува со банкрот, туку најмалку девет пати досега, од кои најголем е тој во 2001 година, кога Аргентина не врати 95 милијарди американски долари. Некои ја нарекуваат Аргентина најголем светски неплаќач на долгови. А не било отсекогаш така. До Втората светска војна Аргентина и САД биле со ист БДП по жител, а сега САД имаат трипати повисок. Што ѝ се случило на Аргентина? Ѝ се случиле Перон и перонизам! Перонизам е идеологија заснована од Хуан Перон, кај нас попознат по неговата жена Ева Перон, кој стана претседател во 1946 година, кога перонистите победуваат на 10 од 14 избори на кои им е дозволено да учествуваат.

Перон  и перонистите се фалени за подобрување на позицијата на работниците и жените, опишани како латинофашисти или националистички социјалисти или, во најмала мера, како националисти и социјалисти, а всушност се популисти. Тврдењето на латинофашизам се потврдува со прогонот на опозицијата, а и со давањето прибежиште на познати нацисти како Менгеле, а Анте Павелиќ му бил советник за безбедност на Хуан Перон. Тоа што е воспоставено во Аргентина е клиентелистичка држава на благосостојба, која не може да си ја дозволи ни многу поразвиена држава. Клиентелизмот се финансира со печатење пари и надворешен долг, што е неодржливо и неколкупати завршува со национални банкроти!

И нормално гласачите конечно ќе се свртат кон некого како Милеј. Секако, ќе треба да се види што ќе направи Милеј, бидејќи нема мнозинство во парламентот.

Покрај изборот на Милеј, може многу да научиме и од изборите во Салвадор, Чиле, Колумбија, но и од опстанокот на Мадуро во Венецуела или враќањето на Лула во Бразил. Дали Аргентина и Јужна Америка се свртуваат надесно? Не, ниту еден избор нема заеднички идеолошки предзнак. Но за тоа во друга пригода. Тоа што е јасно изразено е јасното барање за промени, а ако главните политички партии не се способни, граѓаните ќе се свртат кон порадикални опции, дури и ако се театрални или уште повеќе ако се театрални. Но покрај театралноста, треба и идеологија, идеологија на промени.

Кои се поуките за Македонија? Македонија не е банкротирана држава со 140 проценти инфлација, но е на пат натаму. Во основа, и ние имаме клиентелистички популизам, каде што голем дел од буџетот се троши на социјални давачки и јавна администрација, а многу малку на вложувања и развој. И да не се разбереме погрешно, социјалните мерки што добро целат на ранливите групи треба да се зголемат, но треба да се напуштат класичните клиентелистички мерки како лажни социјални случаи, илјадници вработени во јавни претпријатија и во институции што не одат на работа и, секако, огромната корупција. Всушност клиентелизмот е само трошка во однос на корупцијата на високо ниво. ВМРО-ДПМНЕ мора да им стави крај на таквиот клиентелизам и корупција.

Што друго може да научиме? Помалку важно, но да се забележи, анкетите целосно потфрлија, бидејќи не ја предвидоа победата на Милеј, кој беше втор по првиот изборен круг. Второ, поважно, дека победата на Милеј прв ја призна неговиот противкандидат, перонистот Серџо Маса, а победата прв му ја честита сегашниот претседател на Аргентина, перонистот Алберто Фернандез. Честитки на демократскиот капацитет! Посакувам на изборите во 2024 година, тие што ќе изгубат да имаат доблест први да му честитаат на победникот!

Авторот е аналитичар*  

*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични

Блог www.megjutoa.mk  @sklek  

Related posts

Мојот другар Богдан

admin

СЕФФ 2023: Побрза конвергенција кон ЕУ за просперитет и повисок животен стандард

admin

Гревовите на СФРЈ

admin

Зависноста на Владата на Мицкоски од предизборната пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ веќе е проблем на нацијата

admin

За убиството на Косовскиот полицаец

admin

Мерко е на црна листа, кому му е редот

admin