14.8 C
Скопје
13 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Десетици закони и одлуки во Собрание чекаат „брзи прсти“

Избор на државен обвинител, избор на двајца уставни судии како и измени на изборен законик и неколку реформи за владеење на правото ќе влезат во милост и немилост на изборната кампања, откако политичките партии се договорија парламентарните избори да се одржат на 8 мај. Новиот кривичен законик кој се уште е во работна група, законите за раководна служба и административни службеници како и за дигиталната агенција за сајбер безбедност најверојатно ќе чекаат нов пратенички состав.

 

Изборниот законик повторно ќе се менува согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР во предизборен период. Тоа го најави премиерот Димитар Ковачевски. Тој треба да се менува во делот на постапката на приговор и жалбена постапка, набљудувањето на изборите, регистрацијата на гласачи, изборната кампања, финансирањето на кампањата и медиумското претставување во изборниот процес.

Правилото да не се отвара изборниот законик во Собрание најмалку шест месеци пред почеток на кампања се чини дека и овој пат нема да биде испочитувано затоа што политичките партии се договорија за одржување на парламентарни избори на 8 мај догодина.

Дополнително во наредниот период политичките партии треба да изберат и нов член на Државната изборна комисија, која остана без еден член откако Кренар Лога од тогаш опозициската Алијанса за Албанците, а сега владејачка партија, стана министер за правда.

Во меѓувреме многу закони, реформи, но и избори на функционери во одредени институции се заглавени во Собранието кое ќе се распушти во февруари. Тоа значи дека полни раце работа ги чека пратеници во наредните неполни два месеци во кои влегуваат и новогодишните и божиќните празници. Се наметнува прашањето дали политичкиот договор за датум за парламентарни избори ќе ја отстрани активната блокада на опозицијата во Собранието.

Буџетот и изборот на членови на техничката влада која ќе биде формирана на 27 или 28 јануари се очекува да бидат приоритетите на пратениците.

Во техничката влада со министри за внатрешни и за труд и социјална политика, како и тројца заменици (за финансии, за земјоделство и за информатичко општество и адиминстрација) предвидено е да биде застапена опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Додека се чека изборот на техничка влада кој ќе биде главна тема во јануари, овој месец пратениците ќе имаат полни раце работа со измени на закони и избор на шеф на Јавното Обвинителство и уставни судии.

Кој пратенички состав ќе избере нов државен обвинител?

До 13 декември годинава кандидатите за шеф на Јавното обвинителство треба да испратат своите документи до Собранието, кое потоа ќе ги препрати до Советот на јавни обвинители. Ова тело има рок до 27 декември до Владата да испрати мислење за пријавените кандидати.

Доколку се незадоволни имаат рок од уште нови 15 дена да размислат и да и предложат на Владата еден од кандидатите да го замени досегашниот државен обвинител Љубомир Јовески.

Но, доколку Советот на јавни обвинители не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог за именување на јавен обвинител и ќе му предложи на Собранието да го повтори огласот. Тоа значи дека постои сериозна можност Јавното обвинителство да не добие нов шеф во мандатот на пратенички состав.

Во меѓувреме мандатот на Јовески истекува на 25 декември, па до избор на нов може да се постави в.д државен обвинител од редот на замениците како што беше случај кога Јовески пет месеци чекаше да седне на столчето на неговиот претходник Марко Зврлевски.

Дел од аналитичарите се скептични, не очекуваат во наредните два месеца продуктивен пратенички напор во Собранието.

Политичкиот аналитичар Џељал Незири вели дека во предизборие тешко е да се очекува пратениците да носат одлуки без разлика дали се работи за функционалноста на институциите.

„Со оглед на бројките во Собранието, изборот на Јавен државен обвинител може и да заглави. За да не се случи тоа, потребен е широк политички консензус. Во тој случај, изборот на нов обвинител со гласовите на пратениците на власта и опозицијата би била добра вест функционирањето на правосудниот систем. Но, пред изборите е тешко да се очекува партиите толку лесно да се откажат од влијание врз оваа толку важна позицијата во системот“, вели Незири.

Претседателот на Институтот за демократија Марко Трошановски очекува дека изборот на нов државен обвинител нема да помине без перипетии.

Тој објаснува дека теоретски во периодот кој следува до следните избори има доволно време Собранието да ги изгласа законите кои долго време се заглавени, а се од големи значење за државата.

„Во суштина време има да се надомести она што се изгуби со активната блокада која го заглави законодавниот дом во изминатиот период. Но, тоа зависи од тоа како и што се е договорено на лидерската средба меѓу партиите и дали датумот за избори е доволен за овие законодавни процеси да бидат одглавени. Во суштина не треба така да се одвиваат политичките процеси, секако дека трпи државата и општеството, но за жал тоа е нашето политичка култура во моментов“, вели Трошановски.

Дополнително изборот на Јовески за уставен судија веќе со месеци е заглавен во пратенички кавги. Слична е и ситуацијата со неговата интерпелација за која пратениците не можеа да гласаат, затоа што никогаш не се најде на дневен ред на пленарна седница.

Комплетирање на составот на Уставен суд

Уставниот суд во моментов функционира со седум членови од вкупно девет колку што треба да брои според Уставот.

Професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ Јадранка Дабовиќ – Атанасовска го чека последниот амин од пратениците на пленарна седница за да стане нов член на Уставниот суд, откако како предлог на владејачката партија СДСМ доби поддршка и од нивните опозициски колеги од ВМРО- ДПМНЕ во Комисијата за избори и именување.

Владата на последната седница донесе одлука со која ги утврдени текстовите на сет предлог закони за реформи на јавната администрација кои се дел од европските препораки. Тоа значи дека наскоро тие ќе треба да се достават во Собрание.

Станува збор за предлог на закон за административни службеници, кои требаше да бидат подготвени според препораките од Европската комисија и од СИГМА, со цел деполитизација на администрацијата.

„Меѓу решенијата, се предлага забрана за вработување преку Агенции за привремени вработувања и вработување на определено време на раководни работни места, а во постапките за вработување секогаш да се избира најдобро рангираниот кандидат“, се вели во последното владино соопштение.

Во Собрание треба да влезе и предлог законот за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација чија цел е дигитална трансформација на јавниот сектор.

Незири не очекува продуктивност од пратениците нити за реформските закони.

„Нашите политичари пред изборите го гледаат исклучиво тесно партискиот интерес. Нивната главна преокупација е како да победат на извори. Најмалку три месеци пред изборите и Владата и Собранието се скоро нефункционални. Пржинската влада се претвара во арена за судири меѓу партиите, додека Собранието веќе подолго време е парализирано заради длабоката поларизација меѓу власта и опозицијата“, вели Незири.

Во меѓувреме еден од клучните закони – новиот кривичен законик се уште е во работната група на министерството за правда и тој закон тешко дека ќе се најде пред пратениците до прекинот на работа на Собранието. Дополнително од министерството за правда неодамна излезе и предлог законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, кој се уште е јавен увид во Единствениот национален електронски регистар на прописи( ЕНЕР).

Извор: РСЕ

Related posts

ДОАЃА АМБАСАДОРОТ АГЕЛЕР, ПРИОРИТЕТ – БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА

ninja

САД санкционираа над 50 олигарси и соработници на Путин, меѓу кои и портпаролот Песков

ninja

БУЏЕТ ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ЕКОНОМСКИОТ РАСТ ЗА ВРЕМЕ НА КРИЗА И ЗАБРЗУВАЊЕ НА СРЕДЕН РОК

admin

Коњановски: НЕ на корумпираната влада на СДС и ДУИ

admin

ЗГОЛЕМЕНОТО КИНЕСКО ВЛИЈАНИЕ ТРЕБА ДА ГО ВКЛУЧИ ЦРВЕНИОТ АЛАРМ

ninja

ДАВА – стравот на Германија од „партијата на Ердоган“

admin