8 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Поддржувачите на Курти без партија, но на изборни листи во Северна Македонија

Партијата Самоопределување на Курти досега не е регистрирана во земјава. Најавената соработка на Курти со албанската опозиција, за премиерот Ковачевски не е спорна ако доаѓа како од сестринска партија. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, пак, ги оценува најавите како предизборен фолклор.

Партијата Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти, ќе биде дел од изборниот процес во Северна Македонија пролетта 2024 година. Движењето беше претставено како четврти столб во опозициската коалиција на Изет Меџити (Демократско движење), Билал Касами (Беса) и на Африм Гаши (Алтернатива) Тоа стана јасно по отворањето на заедничкиот штаб на албанскиот опозициски блок Европски сојуз за промени во Старата скопска чаршија во Скопје на 24 декември, но остана нејасно дали партијата ќе биде формален учесник на изборите или само јавно ќе ја поддржи опозицијата.

Досега, оваа партија не е регистрирана во земјава. Каков е планот и дали ќе се регистрира, Беким Ќоку-советник на косовскиот премиер Албин Курти за Северна Македонија, не одговори на прашањата на Радио Слободна Европа. На 24 декември тој беше еден од говорниците при отворањето на штабот на Европскиот сојуз за промени, има македонското државјанство и на јавноста и е познат како член на ДПА, потоа и на Алијанса за Албанците. Беше и пратеник во македонското Собрание, каде во 2013 година го зазеде местото на Зијадин Села кој тогаш го напушти парламентот за да ја презеде градоначалничката функција во Струга.

Според она што го брифираат во албанската опозицијата, Самоопределување нема да се регистрира туку ќе биде поддршка за овдешната опозицијата. На нејзините кандидатски листи, пак, се очекува да се најдат лица кои се македонски државјани односно ги исполнуваат условите за кандидати, а важат за поддржувачи на Самоопределување.

За премиерот „сестринска поддршка“ не е спорна, но се повикува на законот

Најавената соработка на Самоопределување со опозицискиот Европски сојуз за промени, за премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски, не е спорна доколку доаѓа како поддршка од сестринската партија.

„Не е непознато сестрински партии да учествуваат во политичка поддршка на партии во други држави. Меѓутоа, досега јас немам видено партии од други држави да учествуваат во изборен процес во друга држава“, вели Ковачевски.

Тој посочува дека треба да се види што точно мислеле албанските опозициски лидери со нивните изјави, но упатува дека треба да се проверат и законските одредби.

„Ако почнат политички партии од соседството да учествуваат на избори во нашата држава тогаш може да се случи и од други држави да сакат да учествуваат во изборите во Северна Македонија што би претставувало некаква не толку посакувана динамика. Меѓутоа, сепак треба да се провери на кој начин тие би учествувале, како би учествувале, на што точно се мисли и секако да се проверат Изборниот законик и регистрирањето партии итн.“, додаде премиерот.

Според Изборниот законик, за формално да учествува во изборниот процес – не како поддршка туку да биде и организатор на кампањата, една партија треба да биде регистрирана во земјава.

„Странски правни и физички лица не можат да организираат изборна кампања“, гласи ставот 3 од членот 70 во Изборниот законик.

Процедурата за регистрација според Законот за политички партии, пак, предвидува дека за основањето се потребни потписи од најмалку 1 000 граѓани кои имаат избирачко право во земјава, како и основање на Собрание на основачи кое треба да донесе одлука, програма, статут и да формира партиски органи, а потоа и да се запише во судскиот регистар.

За Мицкоски ова е само предизборен фолклор

Со коментар дека тоа е предизборен фолклор и упатување на новинарите да побараат дообјаснување кај оние што ги дале изјавите за изборното учество на Самоопределување, денеска настапи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Тоа е дел од тој фолклор тој следи во овој предизборен период, тоа си е одлука на тие коишто ги избрале тие луѓе. Претпоставувам за да се дел од листи треба да се македонски државјани, да ги исполнуваат законските и уставните норми, така што можеби тие што ги вклучуваат тие лица треба да ги прашате нив која и што им била целта и што им била целта. Мислам дека политичкиот натпревар треба да биде натпревар на којшто ќе се вкрстат визијата и стратегијата за развој на Македонија, е сега ако некој има поинакви идеи, тоа е друго, тогаш треба тој да ви даде одговор“, рече Мицкоски.

Ваквите најави, за него, не го менуваат ставот на ВМРО-ДПМНЕ и тој смета дека ако платформата на опозициските партии победи треба да биде составен дел од идната влада.

Нејасна соработка со Курти

На каков начин ќе се одвива соработката со партијата на Курти, дали таа ќе даде само поддршка или формално ќе се регистрира и ќе стане четврта партија во блокот Европски сојуз за промени, опозициските лидери не одговорија на повиците и порашањата на РСЕ. Дел од партиите упатуваат за конкретни планови да се прашаат претставници на движењето Самоопределување во Северна Македонија, но нагласуваат дека пред се, сметаат на нивната поддршка, во што гледаат ветар во грб поради рејтингот што Курти го има кај албанското гласачко тело во земјава.

Изет Меџити, во вчерашниот говор на отворањето на штабот на Европскиот сојуз за промени рече дека „од денеска, тој се состои од четири политички партии“. Но од друга страна кажа дека Самоопределување не е партија регистрирана во Северна Македонија, но поединци кои се приврзаници на Самопределување ќе бидат на нивните кандидатски листи.

„Сега значи во овие четири е и Самоопределување, програмата ја работиме заедно, и нова канцеларија заедничка, и кампањата ќе биде заедничка, и ќе бидат дел парламентарните листи, значи ќе има членови и претставници од Самоопределување“, рече Меџити.

Беким Ќоку, како советник на Курти и претставник на Самоопределување рече дека тие стануваат четврти столб на опозицискиот фронт за да ја донесат долгоочекуваната промена. Како поранешен член на Алијанса за Албанците тој ја повика и оваа партија да се приклучи на опозициската коалицијата.

Соработката на Курти со албанскиот опозициски блок во земјава не е изненадување. Како поддршка од косовскиот премиер беше протолкувана и неговата посета на Чаир и Тетово во август годинава, кога беа организирани граѓански собири и концерт на тетовскиот плоштад во организација на Општината предводена од Билал Касами од Беса, кој сега е дел од опозициската коалиција.

Самоопределување, како политички субјект се регистрираше и во Албанија за да учествува на парламентарни избори во оваа држава во 2021, но не успеа да освои пратенички мандат.

Парламентарните избори во Северна Македонија, според договорот од лидерската средба на 4 декември, треба да се одржат на 8 мај 2024 година кога истовремено ќе се гласа и во втор круг претседателски избори. Две недели претходно, пак, ќе се гласа во прв круг претседателски избори.

Извор: РСЕ

Related posts

Раскол во АзА, Рашиди контра Села: Неодговорно е од сега да се каже како партијата ќе оди на избори

admin

Привилегии или безбедност: Стара тема, нова врева

admin

Изгаснат пожарот во украинската нуклеарна централа, објектот под руска контрола

ninja

Николај Крастев: Руската црква ги промовира српските интереси во Северна Македонија

admin

ЕУ воведува нови гранични контроли: Што се EES и ETIAS?

admin

Путин го започнува својот петти претседателски мандат, со поголема контрола врз Русија од кога било

admin