39.8 C
Скопје
16 јули, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Има ли движењето Самоопределување паналбански амбиции?

Движењето Самоопределување не е регистрирано како субјект во Северна Македонија и не бара таму власт, велат претставници на оваа партија за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Сепак, тие признаваат дека партијата предводена од косовскиот премиер Албин Курти соработува со одредени партии во Северна Македонија и дека нејзините членови со македонско државјанство ќе учествуваат на тамошните парламентарни избори на 8 мај годинава.

Ангажманот на претставници на движењето Самоопределување во предизборната трка во соседна држава предизвика одредени реакции.

Познавачите на политичките настани во двете земји велат дека постои ризик потезите на партијата на власт во Косово да се сфатат како мешање во внатрешните работи на Северна Македонија, додека самиот Курти увери дека Самоопределување како партија нема да учествува на тие избори.

„Прво, овде (во Северна Македонија) е на граѓаните, и на политичките партии дали ќе имаат кандидат и кој ќе биде тој или таа. Движењето Самоопределување не е официјално регистрирано во Северна Македонија… Затоа, ние како движење Самоопределување не учествуваме овде“, рече Курти по конференцијата за Западен Балкан во Скопје на 22 јануари.

Како започна сè?

На крајот на декември минатата година, трите опозициски албански партии во Северна Македонија -движењето Беса, Алтернатива и Демократското движење објавија заеднички изборен список за изборите на 8 мај.

Беким Ќоку од движењето Самоопределување, кој има и македонско државјанство, рече дека неговата партија ќе се приклучи на оваа листа.

„Денес сум тука да ја започнеме нашата соработка како Движење Самоопределување, еден вид четврти столб на оваа коалиција, која е веќе формирана овде“, рече Ќоку, кој е и политички советник на премиерот Курти.

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, кој е и претседател на Социјалдемократскиот Сојуз (СДСМ) е изненаден од ваквиот ангажман на Самоопределување за изборите во неговата земја.

„Мислам дека ова не ја претставува посакуваната динамика“, рече Ковачевски на 25 декември.

Друга реакција на 17 јануари дојде од министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, кој рече дека „вклучувањето на официјалната политика на Косово во политичката сцена на Албанците во Северна Македонија може да се одрази во фрагментацијата на албанската политика и дека тоа е тенденција поттикната од надворешни фактори“.

И покрај сите напори, РСЕ не можеше да стапи во контакт со Ќоку за да дознае повеќе за неговите намери.

Сепак, Движењето Самоопределување тврди дека изјавите на нејзините претставници – исто така владини претставници на Косово – не ги гледа како мешање во внатрешните работи на Северна Македонија.

Оваа партија инсистира на тоа дека Самоопределување нема да учествува како политички субјект на тамошните избори и дека не е регистрирана како партија во оваа земја.

Запрашан да ги коментира изјавите на Ќоку, портпаролот на партијата Арлинд Манџука за РСЕ изјави:

„Движењето Самоопределување има симпатизери и припадници од албанска националност, но и од други националности, кои се државјани на различни држави, во многу земји во светот и дефинитивно имаат политички права согласно законите во земјите од кои се се граѓани“, вели Манџука.

Манџука смета дека поддршката на Движењето Самоопределување на следбениците или политичарите од различни земји е „исклучиво поддршка на нивните идеи и програми, според три столба: социјалдемократија, борба против мафијашката корупција и борба против етничката дискриминација на Албанците, но и на другите етнички групи“.

Како на тоа гледаат анкетираните скопјани?

Аналитичарот Берат Азизи оценува дека симпатиите на албанските граѓани на Северна Македонија кон движењето Самоопределување се „големи“.

„Но, тоа не значи дека Самоопределување овде ќе биде исто како во Косово“, вели Азизи.

За адвокатката Лејла Неби, „Самоопределување на Косово“ даде добар пример за тоа како да се управува со една земја, „каде што законот и неговото почитување се главните принципи“.

„Да се повтори истото искуство, истите искуства, во (Северна) Македонија е повеќе од потребно. Но, истото треба да се направи и со луѓето кои се посветени на тие принципи“, рече Небиу за РСЕ.

Дали Самоопределување се меша во внатрешните работи на соседите?

Белгзим Камбери од Институтот за социјална политика „Мусине Коколари“ во Приштина вели дека на меѓународната арена на партиите, идеолошката политичка ориентација на движењето Самоопределување, во принцип, го прави природен партнер со СДСМ, во рамките на Прогресивната алијанса и Социјалистичката интернационала.

Според него, движењето Самоопределување „балансира меѓу концептот на социјалдемократското движење и суверенистичката левица“.

Од друга страна пак, трите албански опозициски партии во Северна Македонија, кои на изборите ќе се натпреваруваат како коалиција на Европското движење за промени, имаат десничарска идеолошка политичка ориентација.

Камбери вели дека создавањето на сојузот „Самоопределување“ со овие албански партии покажува дека партијата на премиерот Курти го избрала националниот аспект на дејствување, а не идеолошкиот. Во овој контекст, вели Камбери, тоа може да создаде парадоксални ефекти на политичката сцена на Северна Македонија, каде албанските и македонските националистички партии ќе соработуваат во борбата за власт.

Според него, евентуалното вклучување на членовите на Самоопределување на изборите во Северна Македонија може да влијае на меѓудржавните односи.

„Не е важно дали е регистриран субјект или не. Кога функционер на движењето Самоопределување директно ќе учествува на изборите, реакцијата нема да биде иста како да учествувал автономен кандидат. Затоа, кандидат на владејачката партија во Косово, учествува на избори во друга земја. Тоа би значело, според тоа, дека оваа партија ги легитимира истите методи и за другите земји“, рече Камбери за РСЕ.

Но, Петар Арсовски, експерт за политички прашања во Северна Македонија, мисли поинаку. Според него, соработката на партиите во Северна Македонија со партии или организации во странство не е нова, ниту треба да се плашиме од неа.

„Тоа не треба да не загрижува премногу… Мораме да ги разгледаме законските одредби и владеењето на правото за тоа кој може да се кандидира за функција и дали каква било соработка со надворешни партии влијае или претставува мешање во нашата внатрешна политика. Ако се исполнети овие два услови, тогаш секој може слободно да се натпреварува на избори, што всушност е право загарантирано со Уставот“, изјави Арсовски за РСЕ.

За Џељаљ Незири, аналитичар од Скопје, партнерството на албанските политички партии од Северна Македонија со партиите од Косово и Албанија е вообичаено во однос на добивањето логистичка и медиумска поддршка.

Сепак, според него, досега не се случило партиите од странство да бидат директно вклучени во некој изборен процес во Северна Македонија. Тој изразува сомнеж дека во иднина ваквата состојба би можела да оди чекор понатаму – кон регистрацијата на оваа партија во Северна Македонија.

„Ако се случи Самоопределување да се основа во Северна Македонија и да се натпреварува како таква овде, а всушност да биде контролирана и раководена од господинот Курти, кој моментално е премиер на Косово, во тој случај би имале опасен преседан во регионот. Тоа би отворило пат, особено за српската политика, да го формализира и официјализира своето влијание во политиката на Црна Гора, во политиката на Косово, во политиката на Босна и Херцеговина, но и во политиката на Северна Македонија“, смета Незири.

Што е фокусот на Самоопределување?

Движењето Самоопределување на својата веб-страница пишува дека станува збор за политичко движење кое има за цел да ги вклучи луѓето во носењето политички одлуки преку нивна организација и мобилизација.

Таму пишува дека се залага за радикални општествени и политички промени, потпирајќи се на принципот на еднаквост, демократија, политичка слобода и социјална правда за секој граѓанин. Самоопределување наведува и дека неговата цел е суверено Косово, односно Косово кое има контрола над природните ресурси и го ужива правото на сопствена независна армија, како и правото да се обедини со Албанија.

Успех во Прешевската долина и неуспех во Албанија

За парламентарните избори во Србија, кои се одржаа на 17 декември 2023 година, Движењето Самоопределување и неговиот лидер Курти го поддржаа Шаип Камбери од Партијата за демократска акција. Тој е единствениот албански политичар од Прешевската долина, на југот на Србија, кој го доби мандатот народен пратеник.

Белгзим Камбери смета дека Курти и неговата партија го прошириле своето влијание врз партијата на Шаип Камбери.

Поранешната градоначалничка на Прешево, Ардита Синани, од Партијата за демократска акција, моментално е советничка на Курти. Во меѓувреме, потпретседателот на оваа партија Рагми Мустафи е политички советник на заменикот на Курти, Бесник Бислими.

Меѓутоа, во Албанија, Движењето Самоопределување излезе на политичката сцена во 2019 година, кога во судот во Тирана беше регистрирано не како политичка партија, туку како центар. Тогаш беше кажано дека „Центарот за движење Самоопределување е формиран со цел да се зголеми свеста и посветеноста на албанското национално прашање“.

Во 2021 година, Самоопределување излезе на локални избори на 25 април, но не како политички субјект. Нејзините кандидати се натпреваруваа како независни во три општини во Албанија: Тирана, Лежа и Ѓирокастра.

Дел од предизборната кампања стана и косовскиот премиер Албин Курти. Тој во своите говори во овие три града побара поддршка за „нови алтернативи“, посочувајќи дека бројките, практиките и идеите кои се користени 30 години не можат да произведат ништо ново за граѓаните на Албанија.

Курти на средбите беше придружуван од други албански политичари од Северна Македонија, Прешевската долина и Црна Гора. Но, на изборите Самоопределување доби само 3541 глас од околу 1 660 000 што влегоа во гласачките кутии во Албанија.

Експертот за политички прашања од Тирана Бен Андони за РСЕ вели дека овој потег не бил добро прифатен во Социјалистичката партија на албанскиот премиер Еди Рама. Според него, „картата“ на патриотизмот не создала поддршка за движењето Самоопределување на изборите.

Досегашната активност на движењето Самоопределување, заедно со ангажманот на нејзините претставници на изборите во Северна Македонија, вели Андони, покажува дека интересот на оваа партија е да се прошири во албанските средини.

„Се чини дека протагонизмот на Курти и луѓето што сакаат да го следат, не може да се задржи само на Косово, туку дека тие ја сакаат и политичката сцена на Албанија и Северна Македонија. Во меѓувреме, со ова Самоопределување честопати го оттргнуваше вниманието од многу големите економско-социјални проблеми на државата, кои не се малку“, вели Андони“, вели Андони.

По лошиот резултат на локалните избори во 2021 година, Движењето „Самоопределување“ во Албанија целосно замре, иако лидерите кои поднесоа оставки зборуваа за негово реорганизирање.

Обидот на Курти за „вертикално влијание“

Сепак, во Северна Македонија веќе има мислења дека двата соседни престолнини – Тирана и Приштина – се однесуваат патерналистички кон албанската политика.

Петар Арсовски од Скопје вели дека официјална Тирана и претходно се обидувала да влијае на албанските партии.

„На оваа линија беше она што е познато како „Тирана платформа“. Ова е еден пример“, вели Арсовски.

Во 2017 година, премиерот на Албанија, Еди Рама, ги покани албанските политички партии од Северна Македонија во Тирана за да разговараат за актуелниот развој на настаните во таа земја и можната координација на активностите на албанските партии.

Тогаш албанските партии излегоа со соопштение во кое, меѓу другото, порачаа дека „се залагаат за подигнување на статусот на Албанците во Северна Македонија како државотворен народ – со службен јазик, кој ќе има ист статус како македонскиот и за решавање на многу други етнички прашања“.

Оваа изјава во македонската јавност е позната како „Тиранска платформа“. Тогашниот македонски претседател Ѓорѓе Иванов го опиша како „закана за безбедноста и стабилноста“ на земјата. Во јануари 2023 година, Рама повторно ги покани албанските политички партии од Северна Македонија во Тирана.

Од СДСМ, која ја има власта во Северна Македонија, не реагираа негативно на оваа средба, но опозициската ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека средбата во Тирана била одржана „за да можат албанските партии да ја спасат власта на СДСМ“.

Џељаљ Незири, аналитичар од Скопје, вели дека албанските партии во Северна Македонија мора да ја задржат соработката со Тирана и Приштина, но и нивните автономни активности.

„Секоја партија мора да се грижи за зачувување на автономијата на дејствување и одлучување, без разлика на интензитетот на соработката со политичките партии, без разлика дали во Албанија или Косово“, категоричен е Незири.

Исто така, во јануари 2020 година, тогашниот вршител на должноста министер за надворешни работи на Албанија, Гент Чакај, ги покани во Тирана албанските политички партии од Прешевската долина, со кои ја договори нивната заедничка листа за тогашните парламентарни избори во Србија.

Белгзим Камбери за РСЕ изјави дека двете партии на власт – Социјалистичката партија на премиерот Еди Рама во Албанија и Движењето Самоопределување на премиерот Албин Курти во Косово имаат татковски претензии кон албанските партии надвор од нивните земји.

Меѓутоа, според Камбери, методологијата на влијание на двајцата премиери Рама и Курти е различна.

Тој оценува дека премиерот Рама се обидува да ги координира акциите со албанските партии во регионот по хоризонтална линија. Спротивно е, вели тој, со премиерот Курти, кој се обидува да влијае „вертикално“, што значи дека центарот за одлучување на албанските партии во регионот треба да биде Приштина.

„Владата на Косово, Самоопределување како влада на Косово, се обидува да направи одредена политика со координација со албанските партнери во регионот. Овде имаме „вертикализација“, бидејќи се обидува да направи центар на политиката во албанските региони да биде Приштина, а особено одредена партија и одреден човек“, вели Камбери.

Според него, една од целите на движењето Самоопределување во Северна Македонија е рушење на албанската партија Демократска унија за интеграција (ДУИ) на чело со Али Ахмети и доаѓање на власт на опозициските партии со кои соработува.

Самиот Али Ахмети, во интервју за албанската телевизија Топ чанел во јануари годинава, осврнувајќи се на односите на двајцата премиери, Еди Рама и Албин Курти, со албанските политички партии во Северна Македонија, рече:

„Еди Рама никогаш не се мешаше во внатрешните работи на политичката организација во Северна Македонија. Тој секогаш се обидуваше да ги приближи политичките партии во Северна Македонија и секако сум му благодарен… Но, имаше случај кога за претседателски избори на пример, господинот Курти држеше страна“.

Ахмети всушност се осврна на поддршката што партијата на Курти му ја даде на кандидатот за претседател на Северна Македонија, Блерим Река на претседателските избори во 2019 година, кои, сепак, ги доби Стево Пендаровски, тогашниот кандидат на ДУИ и СДСМ.

 

 

Related posts

„ОГНЕНИТЕ“ ЈА ДОБИЈА БИТКАТА, ДАЛИ ЌЕ ЈА ДОБИЈАТ И ВОЈНАТА?

admin

ЕВРОПЕИЗАЦИЈАТА ДА ЗАПОЧНЕ ОД ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ

admin

Дали може да се смени или поништи договорот од Преспа?

admin

Докторски дуел за претседател

admin

Неформална империја

admin

Склучи мир – ќе те судат, предизвикај војна – ќе те слават

admin