24.8 C
Скопје
15 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

М-НАВ: Почна со плискање вода, заврши со прелеана чаша

На иницијатива на премиерот Димитар Ковачевски, во консултација со министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на владина седница на 9-ти јануари ќе бидат предложени и донесени неколку одлуки за решавање на постоечката ситуација во М-НАВ, соопшти Владината прес-служба. Прво, целото раководство и сите членови на Управниот одбор да бидат разрешени, второ – да се отвори итна постапка за избор на нови членови на раководство и УО. Воедно, премиерот ќе го повика Јавното обвинителство, ДКСК, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авиосообраќај да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ.

„Претседателот на Владата, Ковачевски и Владата во своето работење се водат од врвниот интерес за безбедноста на македонското небо и функционирањето на патничкиот и воениот авиосообраќај“, беше наведено во синоќешното владиното соопштение.

„Стани Благој, да те види сала“

Интересно е да се слушне каков ќе биде ставот на министерот за транспорт Благој Бочварски во консултациите со премиерот, со оглед дека пред 10 дена (27.12.2023) лично тој му додели Благодарница на менаџментот на М-НАВ за придонес за одлично остварени резултати во авиосообраќајот. Министерот вчера (4.01) не беше достапен за одговор на повеќе прашања од негова надлежност. Благодарницата им ја додели на директорите две недели по скандалот со огласите за несуштински и партиски вработувања во М-НАВ, на кои остро се спротивстави Синдикатот на контролори на летање, но и по синдикалната реакција поради прием на инженери без селекција и тестирање. Менаџментот ги отфрлаше сите забелешки на синдикалците.

„Остануваме посветени и понатаму за подобрување и обезбедување на сигурни и ефикасни услуги во воздухопловниот сообраќај и секако реализација на примарната задача, а тоа е одржување на безбедно небо“, е наведено во соопштението на веб-страницата на М-НАВ под фотографија со Благодарницата што им ја додели Бочварски.

Mинистерот за транспорт Благој Бочварски
Mинистерот за транспорт Благој Бочварски пред 10 дена лично му додели Благодарница на менаџментот на М-НАВ за придонес за одлично остварени резултати во авиосообраќајот Фотографија: Regierung Nordmazedoniens

 

Но, менаџменот потфрли и за безбедно небо, и за безбедно тло, кога вчера по прес-конференцијата на претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски, во зградата на М-НАВ упаднале 8 лица, кои упатиле вербални закани до дел од вработените, а едно лице и физички било нападнато. Овие лица без никаков проблем поминале три бариери – влезот во дворот на М-НАВ, влезот во зградата каде се влегува со електронска картичка, а потоа влегле и во контролната, радарска соба, каде што не постоела можност за движење без придружба. Сето тоа и покрај двојното обезбедување – едното кое се наоѓа во самиот објект на М-НАВ, и другото надворешно, за кое е ангажирана Агенцијата за обезбедување на имот и лица 2 СС ДООЕЛ Кичево, со која бил склучен договор согласно Годишниот план за јавни набавки за 2023 година. Состојбата стигна до соопштение дека „МВР во наредниот период континуирано ќе ја обезбедува зградата на М-НАВ“. Со четири лица инволвирани во нападот врз вработени во М-НАВ полицијата извршила службени разговори, а се преземаат мерки за пронаоѓање на уште четири лица.

Исто лице, исто поведение

Во Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“, според извештајот од третиот квартал за минатата година, до септември имало 304 вработени. Но, битката за партиски и несуштински вработувања не е од вчера и има долг историјат на несанкционирање на таквите практики, кои и во минатото доведувале до тензии.

Според сводоци, лицето кое вчера овозможило група насилници да влезат во зградата на М-НАВ, наводно бил Беким Незири, вработен во институцијата, инаку актуелен претседател на партискиот огранок на ДУИ во Чаир, член на претседателството на ДУИ, поранешен министер за економија во една од владите на никола Груевски, претходно директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а пред тоа – директор за економски и правни работи во М-НАВ. Во новинските архиви неговото име фигурира во скандал од февруари 2010 година, кога односите во тричлениот менаџмент стигнале „до точка на вриење“. Беким Незири, кој бил еден од директорите во УО, му плиснал чаша вода на тогашниот претседател на Управниот одбор, Живко Поповски.

„Немаше никакво плискање со вода, тоа е шпекулација. Некој сака да ме прикаже како конфликтна личност. Не сум човек што може на 60-годишен човек да му плисне вода“, изјавил тогаш Незири за „Вест“.

Но, претседателот на УО, Поповски, го потврдил инцидентот.

„Разговаравме за предлогот на Незири да биде разрешен еден од вработените. Јас се спротивставив, со забелешка дека тоа е добар работник, на што Незири ми рече дека тој одлучувал за ‘неговите’. Му реков дека безбедноста на летањето е неделива, нема ‘наши’ и ‘ваши’. Продолжението го знаете, ме плисна со вода“, потврдил Поповски.

За случката бил информиран и Надзорниот одбор на М-НАВ, но оттаму сметале дека тие немаат ингеренции да го решат проблемот, и дека УО треба да се обрати до Владата.

Оставки или штрајк

Доколку се почитува Политиката за управување со безбедност, документ од кој се раководи М-НАВ, инциденти како вчерашниот би требало да бидат целосно елиминирани. Во него се наведува повеќе цели меѓу кои клучната е цел на М-НАВ е „безбедноста да биде прв приоритет при извршување на сите нивни работни активности“.

„Утврдиме ефикасен систем на пријавување, така што вработените ќе ги пријавуваат безбедносните настани без страв дека ќе бидат казнети неправедно, а притоа вака ќе ги добиваме сите инфромации кои ни се потребни за справување со безбедносните настани“, се вели во документот.

Како што е наведено од институцијата, М-НАВ има правна и морална обврска да презема активности при идентификување на пропусти кои влијаат на услугите што ги дава М-НАВ. Имплементацијата на неопходните корективни мерки се овозможува преку систем за пријавување како и преку постапка и процедури за испитување на настани. Со имплементирање на принципи на култура на праведност, системот за пријавување и испитување успешно функционира, а Управниот Одбор ги охрабрува вработените да ги пријавуваат безбедносните настани. Сега, кога кулминираа игнорираните реакции кои укажуваа на последици за работата на М-НАВ и за безбедноста, Струковиот Синдикат на контролорите на летање најави: доколку директорите на М-НАВ не си поднесат оставки или Владата не ги разреши на 9-ти јануари, следно ќе има штрајк со затворање на воздушниот простор.

Извор: ДВ

Related posts

Енергетската криза „изеде“ една гасна централа

ninja

Ковачевски – Брнабиќ: Засилена соработка за иницијативата Отворен Балкан, деблокирање на евроинтеграциите

ninja

МЕЃУ ХИБРИДНИТЕ ЗАКАНИ, ЗАСКИТУВА И ПО НЕКОЈ УЧЕНИК?

ninja

Станува ли меѓуградскиот превоз луксуз за младите?

admin

Израел ги бомбардира Газа и Либан, Нетанјаху составува воен кабинет

admin

Иран извршил воздушни напади во Ирак и во Сирија

admin