Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп повикува назад речиси 30 кариерни дипломати од амбасадорски и други високи позиции во странство, во рамки на напорите за преобликување на дипломатското присуство на САД со кадри кои целосно ја поддржуваат политиката „Америка на прво место“, изјавија извори од Стејт департментот.
Шефовите на дипломатските мисии во најмалку 29 земји биле информирани минатата недела дека нивниот мандат ќе заврши во јануари, рекоа двајца функционери, зборувајќи под услов на анонимност поради чувствителноста на кадровските одлуки.
Сите тие биле именувани за време на администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден, но останале на функциите по почетната чистка во раните месеци од вториот мандат на Трамп, која главно ги опфати политичките именувања. Ситуацијата се променила во средата, кога почнале да добиваат известувања од Вашингтон за нивното скоро заминување.
Амбасадорите служат по дискреција на претседателот, иако вообичаено остануваат на функција меѓу три и четири години. Засегнатите дипломати нема да ги изгубат своите работни места во дипломатската служба и, доколку сакаат, ќе се вратат во Вашингтон на други задачи, рекоа изворите.
Стејт департментот одби да коментира конкретни бројки или имиња, но ги бранеше промените како „стандардна практика во секоја администрација“. Во соопштението се наведува дека амбасадорот е „личен претставник на претседателот“ и дека претседателот има право да обезбеди лица кои ќе ја унапредуваат агендата „Америка на прво место“.
Најпогоден е африканскиот континент, каде што се повикуваат назад амбасадори од 13 земји: Бурунди, Камерун, Зелен ’Рт, Габон, Брегот на Слоновата Коска, Мадагаскар, Маврициус, Нигер, Нигерија, Руанда, Сенегал, Сомалија и Уганда.
Следува регионот Азија–Пацифик со шест земји: Фиџи, Лаос, Маршалските Острови, Папуа Нова Гвинеја, Филипини и Виетнам.
Во Европа се опфатени четири земји — Ерменија, Северна Македонија, Црна Гора и Словачка — додека по две земји се засегнати на Блискиот Исток (Алжир и Египет), во Јужна Азија (Непал и Шри Ланка) и во западната хемисфера (Гватемала и Суринам).
„Политико“ прв објави за повлекувањата, кои предизвикаа загриженост кај дел од американските пратеници и кај синдикатот што ги претставува американските дипломати.

