13.8 C
Скопје
13 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

НИСКИТЕ КАМАТИ СЕ МИНАТО

Граѓаните најмногу пари им должат на банките за потрошувачки кредит – 1 милијарда и 829 милиони евра. Со зголемувањето на основните каматни стапки на НБРМ, економистите очекуваат ново зголемување на каматите, но и на трошоците за оние кои веќе земале заем. Секој граѓанин веќе должи по 1.834 евра.

Со зголемени каматни стапки банките им ја честитаа новата 2023 година на граѓаните. Преку електронска пошта тие ги известија своите клиенти дека сега на месечно ниво ќе мора да издвојат повеќе пари за рата. Таков е случајот со една скопјанка која сакаше да остане анонимна. Таа преку електроска пошта била известена од банката дека каматната стапка на потрошувачкиот кредит од јануари и се зголемува од 9 на 10 отсто. Зголемување на каматната стапка имало и лани во јули.

„Ова е второ зголемување на каматната стапка во рок од шест месеци и поради тоа сега се трудам да исплаќам повеќе пари на месечно ниво од минималната рата“, вели граѓанка која сакаше да остане анонимна.

Според последните достапни податоци на Народна банка – НБРМ, потрошувачките кредити во декември минатата година споредбено со истиот месец во 2021 година, забележале раст од 6,3 отсто. Граѓаните најмногу пари на банките им должат токму за оваа намена или 1 милијарда и 829 милиони евра.

Во речиси категории на кредити во рок од една година има зголемување на долгот, односно кај потрошувачките, станбените, автомобилските кредити и на кредитните картички. Единствено намалување има кај кредитите одобрени врз други основи.

„Во споредба со декември минатата година, зголемувањето на кредитите на домаќинствата од 7,3% е резултат на растот на кредитите во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во странска валута“, се наведува во соопштението на Народна банка за монетарните движења во земјава.

Народната банка постепено ги зголеми основните каматни стапки од 1,25 проценти во април, минатата година на 4,75 проценти во декември. Основните каматни стапки се сигнал како ќе се движат каматите за граѓаните и фирмите и во комерцијалните банки.

Професорот Маријан Петрески смета дека инфлацијата е под контрола, меѓутоа реакцијата на централната банка е соодветна и според обем и според време. Веќе од декември, како што посочува, се забележува олабавување на инфлацискиот притисок, односно на месечно ниво има благ пад на цените и поизразен е кај цените на храната.

„Во однос на каматните стапки кај кредитите и депозитите, веќе забележуваме благ пораст почнувајќи од август 2022, што е блага реакција на постепеното затегнување на монетарната политика. Со оглед дека и монетарната политика е и веројатно ќе остане на линијата на затегнување, за очекување е дека ниските каматни стапки и на кредитите и на депозитите на кои се навикнавме во претходната деценија сега се веќе минато“, смета Петрески.

Зголемувањето на каматните стапки е една од главните алатки за ставање на инфлацијата под контрола и да се намали количеството на пари во оптек, вели професорот Зоран Ивановски, кој очекува да следи и поскапување на кредитите, што најмногу ги засега граѓаните и компаниите.

„Реално е да се очекува дека во следниот период деловните банки ќе мора да го следат тој сигнал што директно ќе влијае на трошокот на финансирањето на правните и физичките лица, а за жал ќе се зголеми и товарот на лицата кои веќе ги имаат земено кредитите. Иако деловните банки се обидуваат да ја одложат примената сепак во наредниот период може да се очекува пораст на кредитите и за граѓаните и за бизнис секторот“, вели професорот Ивановски.

 

Иако, како што додава, во изминатиот период и покрај заострувањето на монетарната политика банките биле претпазливи во зголемувањето на каматните стапки, имајќи во предвид дека тоа ќе значи и пораст на трошокот на оние клиенти кои веќе имаат земено кредит.

Таков е случајот со Марина, која живее во Скопје неодамна морала да изврши рефинансирање на станбениот кредит, бидејќи каматната стапка од 4 отсто ќе и се зголемела на 5,4 отсто.

„Значи каматните стапки се зголемени и тоа многу. Но, ние си побаравме рефинансирање и ја добивме истата каматна стапка кога ни го одобрија кредитот“, вели Марина.

Најголем раст во рок од една година од 12,7 отсто е забележан токму кај станбените кредити. Граѓаните со цел да си обезбедат нов дом минатата година ја завршиле со долг од 1 милијарда и 234 милиони евра кон банките.

Професорот Петрески додава дека кредитите кои се издадени со фиксна камата нема да претрпат промена, но оние со флексибилна стапка и новоиздадените кредити веројатно ќе бидат со повисоки каматни стапки.

„Таа состојба не очекувам да се смени во догледно време“, посочува Петрески.

Зголемените каматни стапки, според професорот Ивановски, ќе значи и намален обем на кредити кон граѓаните.

„Поскапувањето на цената на парите, односно каматната стапка ќе влијае и на намалување на обемот на кредитирање. Меѓутоа уште еден ефект е можен, а тоа е пораст на нефункционални пласмани затоа што претпоставка е дека добар дел од постојните корисници на кредити ќе имаат проблеми со исплатата“, додава Ивановски.

За кредити за автомобили граѓаните на банките им должат 5 милиони и 821 илјада евра. На кредитни картички должат 167 милиони и 869 илјади евра. Додека пак негативното салдо на нивните сметки е 96 милиони и 959 илјади евра, а за други кредити минусот изнесува 35 милиони и 886 илјади евра. Вкупно долгот е околу 3 милијарди и 369 милиони евра или секој граѓанин во државата во просек должи по 1834 евра.

Related posts

Се стега ли обрачот околу Вучиќ?

admin

Се враќаат со медал од олимпијади, но дома не им се вреднува талентот

admin

Крвава граѓанска војна во Судан, две генерали се борат за власт

admin

Уставот на раскрсница: „Ако веќе се отвора…“

admin

Недостиг на работници: Околу 10 илјади слободни работни места

admin

Франција не сака канцеларија на НАТО во Јапонија

admin