16.8 C
Скопје
2 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

БЛАГОЈ НАЦОСКИ: СВЕДОЦИ СМЕ НА ИЗЖИВУВАЊЕ ВРЗ МАКЕДОНСКИОТ НАРОД И ДРЖАВА

Нивото на коешто сме нападнати од страна на источниот сосед е ниско и би го нарекол примитивен национализам. Не треба на тој примитивен национализам да одговараме исто примитивно, вели тенорот и македонски амбасадор на културата, Благој Нацоски во разговор за Гласот на Америка

Сведоци сме на изживување врз македонскиот народ и држава, начинот на кој тоа го прави источниот сосед е примитивен национализам, македонскиот народ треба да развие свест за значењето на Уставот, вели оперскиот тенор Благој Нацоски во дел од интервјуто за Глас на Америка, што го правевме по повод 20 години од неговата музичка кариера.

Во разговорот Нацоски, кој е воедно и македонски амбасадор на културата, нагласува дека е голем приврзаник на концептот на Европската унија и дека македонските граѓани треба да го разберат значењето на Унијата и можноста за напредок преку западните демократски вредности. Воедно, укажува дека не треба да се потпаѓа и на лажни и црни вести против Западот, за кои вели дека „се знае од кој извор доаѓаат“.

Глас на Америка: Одбележувате 20 години кариера. Како би ги опишале тие две декади на музичките сцени?

„Бурни, доста интересни и предизвикувачки. Се разбира, во кариерата на еден уметник не е возможно да се има постојани успеси. Има моменти кога и малку се паѓа. Но битно е да се умее да се стане и да се продолжи понатаму и да се стреми кон височините“.

 

Глас на Америка: Долги години сте на италијанската музичка сцена и таму и живеете. Која културолошка средина ја чувствувате за поблиска, македонската или италијанската?

„Мојата адреса на живеење е во Италија, но некако само административно. Во последните четири месеци на таа адреса сум престојувал само една недела. Постојано сум на различни патувања“.

„Што се однесува до културолошката сцена, се трудам да ги следам секаде културолошките збиднувања, колку што е можно. Се трудам да ги следам што е можно повеќе и во Македонија. Но, во последно време имам толку настапи, што не можам да следам ништо друго. Морам да се сконцентрирам само на тоа што јас треба да го правам. Дури ми се случува да не можам да постигнам да ги научам новите улоги.

Глас на Америка: Може ли да направите споредба, каков е односот, граѓански и институционален, кон културата во италијанското и во македонското општество? Што би требало тука да се коригира?

„Што се однесува до негувањето од страна на политичките институции кон културата во Италија, тоа и таму не е доволно. Потребно е многу повеќе“.

Имаме само една национална оперска и балетска куќа. Треба да си ја негуваме и да се подигне свеста што значи сето тоа

„Што се однесува до Македонија, пак, треба малку повеќе да се подигне свеста и на населението и на медиумите и на политиката, дека ние имаме само една национална оперска и балетска куќа. Треба да си ја негуваме и да се подигне свеста што значи сето тоа. Во едно цивилизирано општество, кое се стреми да биде дел од западниот свет, од демократските општества, од ЕУ, треба да има висока свест за културата.

Глас на Америка: На кое ниво е музичката писменост кај македонските граѓани, а особено кај младите?

„Ако се сетам, што во нашиот образовен систем претставуваа оние предмети како музичко, ликовно, би рекол дека тоа е оставено на дното. Средното образование го завршив пред 25 години, така што не знам колку е променето во таа наскока. Се надевам дека има промени. Меѓутоа, за жал и во домашното воспитување, тие предмети секогаш се сметале за не толку битни“.

„Еден пример, Швајцарија пред некоја година во уставот внесе дека музичкото образование е задолжително. Би сакал и ние, па и Италија, да дојде до едно такво ниво.

 

Глас на Америка: Кај нас прашањата поврзани со Уставот се за други проблематики.

Во Македонија се нема свест колку е битен уставот за една држава. Меѓутоа тоа е вина на политичарите, пред сè

„Ќе скршнам малку од мојата професија. Но, ако нешто сум увидел во Италија, кога се зборува за Уставот тоа е како буквар, тоа е највисокиот акт и е многу битен во државата. Свеста на населението е издигнато на тоа ниво што го сакаат, си го почитуваат својот устав и го познаваат. Барем првите, главните членови од првата страница да ги познава секој граѓанин“.

„Тоа треба да го познаваат и македонските граѓани, бидејќи Уставот е столбот на државата. Тоа што сум увидел во Македонија е дека се нема свест колку е битен уставот за една држава. Меѓутоа тоа е вина на политичарите, пред сè. Се надевам дека ќе се стремиме кон тоа да се знае што е значењето на еден устав за татковината“.

 

Глас на Америка: Имаме најави за промени во Уставот, пречки на државата на патот кон ЕУ, проблеми со корупцијата. Како сето тоа вас ве погодува како уметник, но и како амбасадор на македонската култура?

„Кога постоеше спорот со Грција, тоа многу ме фрустрираше и, иако не сум среќен како заврши, сепак сум среќен што заврши. Не знам дали имаше можност за друг епилог, меѓутоа барем го тргнавме од дневен редев. И мислев, веројатно наивно, дека тоа ќе биде последната пречка за Македонија. Но, во моментов се случува нешто што е полошо од претходното. Ние во моментов сме сведоци на изживување со нас, со македонскиот народ, со македонската држава. Нема никакво оправдување, ниту историско, ниту политичко за сето тоа“.

Во моментов сме сведоци на изживување со нас, со македонскиот народ, со македонската држава. Нема никакво оправдување, ниту историско, ниту политичко

„Не го зборувам тоа бидејќи сум Македонец. Го зборувам бидејќи имав една, пракса, пред повеќе години, често да влегувам во антикварници во Италија. И, кога ќе видам продажба на стари весници или книги да се втурнам во барање. И, за среќа, на дофат ми дојдоа повеќе италијански весници стари 120 години, до 1903 година. Неколку од нив го опишуваат Илинденското востание. Потоа ја опишуваат Македонија, распарчена на три и велат: ‘На територијата на Македонија живее еден народ којшто зборува на јазик различен од јазикот на соседите. Притоа ги споменува, српскиот , бугарскиот и грчкиот’. Народ којшто ‘ги чувствува за странци и Србите, и Бугарите и Грците’.

„Македонија е обвинета дека е творба од Тито. Тогаш Тито имал некои 15-18 години, кога овие дописи стигнувале од дописниците во италијанските медиуми. Сето тоа паѓа во вода. И, сето тоа ме фрустрира“.

„Тоа што јас сметам е дека треба да го искачиме на малку повисоко ниво односот наш, односот и на медиумите, бидејќи нивото на коешто сме нападнати од страна на источниот сосед е ниско. Навистина, тоа би го нарекол еден примитивен национализам. Ние не треба на тој примитивен национализам да одговориме исто со примитивен национализам. Туку да го искачиме на едно повисоко ниво“.

Глас на Америка: Каква перспектива пред себе да гледаат младите македонски уметници што допрва почнуваат со кариера?

„Пред сè, да си го отворат умот и да бидат подготвени за ризик. Треба да имаат повеќе храброст. И, ќе речам, учете јазици. Јас зборувам шест јазици и тоа ми е доста олеснително.

Глас на Америка: Но, земјата се соочува со одлив на млади генерации. Како да гледаме на тој проблем, колку државата губи?

„Се разбира дека губи кога заминуваат квалитетни кадри кои можат да придонесат кон развојот на нашата татковина. Меѓутоа не сум паметен да кажам како може да се спречи сето тоа“.

Моделот на западните демократии, со сите свои маани и недостатоци, е сепак што најдобро што имаме на оваа планета

„Претпоставувам дека влегувањето во Европската унија ќе ги спречи тие нешта, односно исполнувањето на оние ЕУ стандарди. Јас сум голем европеист. Сметам дека моделот на западните демократии, со сите свои маани и недостатоци, е сепак што најдобро што имаме на оваа планета. Нема друг подобар модел на живеење. Унија во којашто изобилуваат најголемиот број на социјални права, благосостојба. Затоа и тука треба уште повеќе да се качи свеста кај Македонците, што значи Европската унија и што носи таа“.

„Има премногу лажни вести коишто ја оцрнуваат Унијата во Македонија. Многу добро знаеме кој е изворот на тие вести. Од една средина. Истите црни, лажни вести за ковид, за пандемијата, против ЕУ, против Западот, доаѓаат од едно место. Само треба да се види од каде се изворите“.

„Држава којашто во последните 20-30 години е водена од човек којшто е обучен убиец во КГБ. Имаме таков човек, којшто е убиец по професија, и е шеф на држава. Што да одиме понатаму“.

Во моментот кога ќе почувствувам дека моите изведби не се на задоволително ниво, ќе ја напуштам сцената

Глас на Америка: Поминавте 20 години кариера. Какви перспективи гледате за себе од тука натаму?

„Овие 20 години беа само загревање. Се надевам ќе оди сè како што треба и понатаму. Сега имам повеќе искуство, како позитивно, така и негативно. И би сакал да се гледам на сцените барем уште 20 години. Во моментот кога ќе почувствувам дека моите изведби не се на задоволително ниво, ќе ја напуштам сцената. Сметам дека публиката треба да те памети по добри изведби“.

„Сигурно ќе се зафатам со професорство. Сметам дека имам многу да дадам. И, кога предавам, тоа го правам со голема страст. Во иднина ќе имам повеќе време да се посветам и да ги пренесам своите искуства и знаења“.

Related posts

Ковачевски и Османи се сретна со Макрон

admin

Груби се огласи откако му беше запален автомобилот: Нема да ме заплашите

admin

Москва ја исмева ЦИА за нов обид за регрутирање руски шпиони

admin

КОЛКУ МНОГУ АГЕНТИ

ninja

ЕСКОБАР: ВЛАДАТА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Е ДОБАР ПАРТНЕР ВО СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ЕУ АГЕНДАТА

ninja

МФ: Издадена 22-та емисија Обврзници за денационализација на износ од 4,5 милиони евра

admin