5 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ВЛАДИНИ СНИМАТЕЛИ И ФОТОГРАФИ КОЛКУ ЗА ЦЕЛ МЕДИУМ

Владините институции ангажирале најмалку 20тина сниматели и фотографи со цел, како што велат, транспарентност во работата. Но, на речиси сите видеа и фотографии, кои се објавени, се прикажува само функционерот и неговите средби, наместо целта на известувањето – каква работа е завршена.

Во фотогалериите на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, главната улога ја има првиот вицепремиер Артан Груби. Па може да го видите како седи на фотелја, како разговара на состаноци или како држи говори или слуша други кои држат говори. Во фотогалеријата од 30 слики на министерството една е посветена и на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Прием во Клубот на пратеници по повод „почнувањето на преговорите со ЕУ“, Скопје 20 јули 2022 / Артан Груби
Прием во Клубот на пратеници по повод „почнувањето на преговорите со ЕУ“, Скопје 20 јули 2022 / Артан Груби

Дневно, инаку пристигнуваат по дваесетина фотографии и соопштенија од секоја изјава од владите прес служби, како и промо видеа на социјалните медиуми, фотографии од секое гостување во некоја телевизија на министрите, стриминг од секоја прес конференција или од појавување на некој настан на премиерот или министрите.

Со ова се наметнува и прашањето колку луѓе се ангажирани за промоција на владините институции. За она што се нарекува „медиумската работа“ власта си ангажира најмалку 20-тина сниматели и фотографи кои треба да прикажат на јавноста и на медиумите што работа завршиле македонските функционери. До овој податок дојдовме преку одговорите на 12 од вкупно 16 министерства и Владата.

Во име на транспарентноста и информирањето за работата на владата и министерствата на веб страниците се објавуваат постојано видеа и фотографии од средби, телефонски разговори и прошетки.

Владините функционери во фокус

Но, на речиси сите видеа и фотографии кои се објавени се прикажува само функционерот и средбите негови наместо целта на известувањето – што работа е завршена. Тоа во јавноста остава впечаток дека целта е повеќе промоција на функционерите.

Само во владиниот медиа центар се ангажирани 4 фотографи и 3 сниматели од кои тројца се вработени, а другите се ангажирани со договори на дело или пак авторски договори. Оттаму велат дека дословно ја спроведуваат политиката на активна транспарентност што подразбира, според нив, соопштенија, фотографии и видео материјали кои ги доставуваат до медиуми но и на социјални медиуми.

„Граѓаните и медиумите се оние кои одлучуваат што е од нивен интерес“, се вели во нивниот одговор.

Во фокусот на владината веб страница е премиерот Димитар Ковачевски и слики од него пред говорница, или во прошетки по мали фабрики кои поставиле фотоволтаици.

Ако ве интересира кој од најавените проекти за изградба на патишта е завршен, прво на кое што ќе наидете на веб страницата на министерството за транспорт и врски се фотографии од средби на министерот со странски претставници.

Таму фокусот е на министерот Благој Бочварски, па од главните 7 фотографии на насловната страна, сите се на министерот како држи говори или се среќава со некој.

Слична е ситуацијата и кога министерот заедно со премиерот прават увид во градежните работи на Плетвар, каде што првите 19 од вкупно 25 фотографии се посветени на Бочварски и Ковачевски како разговараат или пак се поздравуваат со работниците. Фотографии од работниците како работат на поправки на Превојот Плетвар нема.

Од министерство велат дека со цел навремено информирање на јавноста ангажирани се еден снимател и еден фотограф.

„Со оглед дека природата на работата на ова Министерство е теренска,
односно проектите се реализираат низ територијата на цела држава,
ангажираните лица преку теренски активности навремено ги информираат
граѓаните за целта, потребата и динамиката на реализација на проектите“, се вели во одговорот.

Фотографите ги следат функционерите во чекор, па на социјалните мрежи беа објавени фотографии од министерот за надворешни работи како чекори на пешачки премин во Њујорк, се шета во Берлин или чека авион, или во Украина каде што ек на војна Османи прикажува „холивудски фотографии“.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во Украина
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во Украина

По секое гостување на министерите во телевизиски дебатни емисии, на социјалните мрежи па и до медиумите во соопштение пристигнува и официјална фотографија од дебатата.

Министерот без ресор задолжен за дијаспора, бидејќи е без ресор нема ангажирано нити фотограф, нити снимател, па по потреба ги користи ангажираните од генералниот секретаријат на Влада.

Од сите објави на министерството за труд и социјална политика на нивната веб страница, само една слика е посветена на новоотворената градинка во село Јосифово, сите други се посветени на промоција на политиките на министерството.

„Во Министерството за труд и социјална политика, ангажирани врз основа на Договор се еден фотограф и еден снимател, кои обавуваат задачи за потребите на министерката и министерството. Сработените фото и видео материјали се испорачуваат до медиумите и јавноста со цел подобро и навремено информирање на граѓаните за работи кои се во нивни интерес, а се во делокругот на работата на министерството“, се вели во одговорот.

За да откриете кој ден ќе биде исплатена пензија или социјална помош за одредена група ќе ви се потребни посебни пребарувачки вештини. Последната информација за исплата на пензија преку пребарувачот на страницата е од јуни годинава, а веднаш по неа излегува соопштениe од претходната министерка Мила Царовска од 2019 за покачување на минималната пензија од 13 на 14 илјади денари и кривичната пријава за директорите на пензискиот фонд.

Одговори на прашањата на Радио Слободна Европа од 16 министерства испратија само 12. Колку сниматели и фотографи имаат ангажирано не одговорија министерството за култура, за земјоделие, економија и локална самоуправа, како и министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Министерствoтo за внатрешни работи e исклучок од овој тренд. Оливер Спасовски, на пример, се сретнува во одвај една десетина од објавите на МВР, кои главно се однесуваат на полициските билтени, соопштенија за сообраќајот и како и полициски потраги и исчезнати лица. Фокусот на фотогалериите најчесто се полицајците и припадниците на специјалните единици, како и запленети нелегални оружја и дрога.

Исклучок е и насловната страна на министерството за култура која пак е посветена на фотографии од настани, премиери, уметнички галерии и отворени конкурси.

Related posts

Мицкоски ја формираше коалицијата „Твоја Македонија“

admin

Седум „слуги на народот“ подготвени за трка

admin

Два конгреса на АА: Со Таравари вечерва, со Села во недела

admin

СПАК побара апсење на Ахметај

admin

СОБРАНИЕТО ГИ ИЗГЛАСА ЗАКОНИТЕ ЗА СОБРАНИЕТО И ЗА АМНЕСТИЈА

ninja

Евроскептицизмот продолжува да се зголемува, Македонците и Албанците различно гледаат на ЕУ

admin