Работите сега ги усложнуваат поделбите внатре во Алијанса. Многу далеку отидоа поделбите внатре во оваа партија, кои се случуваат веќе некое време. Така што тешко е дека може пак да се обединат двете крила, крилото на Таравари и крилото на Села, вели аналитичарот Џелал Незири.
Најавите на претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, дека партијата на претстојните парламентарни избори ќе и се приклучи на албанската опозиција, која ги опфаќа речиси сите опозициски албански партии е шанса ДУИ по долги години да биде симната од власт, сметаат некои од аналитичарите.
„Мислам дека ДУИ ќе се соочи со еден од најголемите предизвици во последните 20 години за претстојните парламентарни избори. Ова од причина, што како ретко досега од другата страна може да се случи да се формира еден унифициран фронт и сите незадоволни гласачи од владеењето на ДУИ. Дополнително спојувањето на партиите може да им помогне во математичка смисла во изборниот модел. Мислам дека за прв пат ќе имаме два блока кои ќе бидат со слична сила во собранието“, вели аналитичарот Петар Арсовски.
Аналитичарот Џелал Незири вели дека е рано да се каже, дали до тоа може да дојде, од причина што освен регрупирања во опозицискиот блок, регрупирања се случуваат и околу коалицијата предводена од ДУИ, кои ја сочинуваат партиите кои се дел од власта.
„Во конкретниот случај поделбата на Алијанса значи и поделба на партијата на два дела. Од кој едниот ќе биде, ако се случи, дел од Европскиот сојуз за промени, а другиот дел од Алијанса ќе оди најверојатно во коалиција со ДУИ и останатите политички партии кои партиципираат во власта. Тешко е да се каже кој блок на партии ќе освои најголем број на пратеници. До изборите ништо не е сигурно“, рече аналитичарот Џелал Незири.
А, токму поделбите внатре во Алијанса на две крила, еднoто предводено од Таравари, и друго од поранешниот претседател на партијата Зијадин Села, кој е за тоа Алијанса да настапи сама на изборите, ќе бидат дополнителен проблем. Села најави дека ќе бара одговорност од Таравари, затоа што како што рече внел раскол во партијата.
„Поделбите во Алијанса прашање е како ќе завршат. Мислам дека веќе не се работи само за политички наратив и за тоа, кој со која политичка сила сака да се здружи, туку се веќе прашање на внатрепартиско единство и на внатрепартиска превласт во партијата. Така што во моментот ниту Зијадин Села со Кренар Лога, ниту Арбен Таравари можат да попуштат во своите барања, бидејќи тоа ќе значи дека веднаш после тоа ќе бидат развластени од партијата. Не очекувам таму ќе се направи некаков компромис, бидејќи тие поделби ќе продолжат заради интерната партиска динамика во Алијанса“, смета аналитичарот Арсовски.
„Мислам дека е тешко Алијанса да се обедини повторно и да се оди на избори ниту во коалиција со ДУИ, ниту пак во коалиција со Европскиот сојуз за промени. Многу далеку отидоа поделбите внатре во оваа партија, кои се случуваат веќе некое време. Најверојатно ќе се случи тоа што се случи претходно со БЕСА, се случи претходно со ДПА, со ДУИ, значи се случува циклична поделба на политичките партии“, изјави аналитичарот Незири.
Незири додава дека во целиот овој период на нејаснотии, преструктуирања и прегрупирања на политичките партии, добро е што на крај ќе се натпреваруваат само две големи коалиции, односно ќе има само две понуди и на тој начин на граѓаните ќе им стане јасно кој за што се залага. / VOA