Мора да имаме цврсти позиции по однос на тоа прашање, и ДУИ тоа ќе го направи, вели Бујар Османи на прашањето на Гласот на Америка дали ДУИ би влегле во идна Влада доколку не се усвојат измените за избор на претседател?
Изборниот циклус – парламентарни и претседателски – го следат нови можни политички позиции во преговорите за формирање Влада. Османи вели дека пред формирањето на новата Влада треба да се направат уставните измени, во кои ќе се измени и начинот на изборот на претседателот на државата. По барањето на ДУИ за укинување на претседателските избори – предлог со кој на граѓаните би им се скратило правото на избор на претседател на државата, а тоа право би се предало на пратениците – Османи потврдно одговори на прашањето на Гласот на Америка „дали овој предлог по парламентарните избори би бил услов во евентуални преговори на ДУИ со потенцијални коалициони партнери за формирање Влада?“
„Мислам дека државата се наоѓа на крстопат. Геополитичката поларизација силно се одразува и во нашиот политички спектар преку поларизација на европски и антиевропски фронт“, рече тој.
На прашањето дали ДУИ би влегле во идна Влада доколку не се усвојат измените за избор на претседател, Османи одговори:
„Мислам дека претседателот Ахмети јасно кажа дека тоа се позиции коишто се исклучителни важни во овие геополитички премрежија во коишто се наоѓа светот и нашиот регион, и затоа мора да имаме цврсти позиции по однос на тоа прашање, и ДУИ тоа ќе го направи“.
Османи во интервјуто рече дека неговата кандидатура претставува референдум за една идеја. „Идеја на којашто ѝ е дојдено времето, а тоа е да се заокружи еднаквоста во државата. И затоа, излегуваме со кандидатура којашто е уникатна во поглед на квалитетот што се нуди“.
„Мојата кандидатура е повеќе од кандидатура на еден политичар. Како што реков, еден референдум за една идеја којашто очекува поддршка, не само од Албанците, туку и од Македонците, коишто сè повеќе разбираат дека само држава на еднакви можности е држава со додадена вредност којашто гарантира хармонија, прогрес и евроатланска перспектива“, рече Османи.
Во однос на проблемите со пасошите со кои се соочуваат граѓаните, Османи во интервјуто признава дека дијаспората долго чека за да добие пасош. Вели, ги реорганизирал дипломатско-конзуларните претставништва, па дури и на амбасадори им наредил да фотографираат граѓани за пасоши.
Глас на Америка: Обединетите нации усвоија нова резолуција со која се повикува на итен прекин на војната во Украина. Очекувано, Русија гласаше против резолуцијата. Како до прекин на војната во Украина?
Османи: Денеска тука на двегодишнината од почетокот на руската агресија во Украина се собравме група министри за надворешни работи ако можам да кажам кои бевме најгласни во осудата на руската агресија, меѓутоа и во поддршката што ѝ ја дадовме на Украина. За жал, на втората годишнина, повторно се соочуваме со истата тема – барање за прекинување на агресијата и почитувањето на територијалниот интегритет на Украина – и тоа беше дел од мојот говор во Генералното Собрание на Обединетите нации во кој не само што побарав Русија веднаш да ја прекине оваа агресивна војна којашто две години предизвикува страдања во Украина, туку да укажам дека Руската Федерација станува најголемата директна безбедносна закана за целиот европски континент, вклучувајќи ги регионите како Западен Балкан, па и ние во Северна Македонија.
Глас на Америка: Вашето обраќање во Обединетите нации доаѓа на еден ден откако лидерот на ДУИ Али Ахмети најави дека вие сте партискиот кандидат за претседател на претстојните претседателски избори. Како ја доживеавте партиската покана и дали ја прифативте?
Османи: Беше случајност што номинацијата за кандидат за претседател на државата, ме најде овде во САД, пред сè во Обединетите нации, и сакам еве, бидејќи ова е мое прво појавување после таа номинација да се заблагодарам на огромната поддршка што ја добив во текот на вчерашниот ден, но и пред се денеска во собирањето потписи. Благодарност и до партијата која верува дека јас сум најдоброто решение за претседател на државата. Сметам дека мојата кандидатура не е само лична номинација на еден политичар кој има уникатно искуство во водењето на домашните институции, меѓутоа пред сè на меѓународни институции, бидејќи претседавањето со ОБСЕ беше една исклучителна можност да се раководи најголемата безбедносна регионална организација во светот со 1,3 милијарди луѓе и 57 земји-учеснички во еден тежок геополитички комплекс. Повеќе кандидатурата е референдум за една идеја. Идеја на којашто ѝ е дојдено времето, а тоа е да се заокружи еднаквоста во државата. И затоа, излегуваме со кандидатура којашто е уникатна во поглед на квалитетот што се нуди, меѓутоа и во идејата во позадина, а тоа е претседателот во наредните избори да се реши во собранието со двотретинско и бадентерово мнозинство, бидејќи улогата на таткото на нацијата, улогата на кохезивното ткиво на општеството може да се постигне само со еден консензуален договор во парламентот меѓу сите етнички заедници. Оттука мојата кандидатура е повеќе од кандидатура на еден политичар. Како што реков, еден референдум за една идеја којашто очекува поддршка, не само од Албанците, туку и од Македонците, коишто се повеќе разбираат дека само држава на еднакви можности е држава со додадена вредност којашто гарантира хармонија, прогрес и евроатланска перспектива.
Глас на Америка: ДУИ бара да се укинат претседателските избори, и наместо претседателот да го изберат граѓаните, тоа да го направат пратеници во Собрание со додавање нова функција заменик-претседател на државата. Образложението е намалување на трошоците. Дали овој предлог по парламентарните избори би бил услов во евентуални преговори на ДУИ со потенцијални коалициони партнери за формирање Влада?
Османи: Да. Мислам дека прво државата се наоѓа на крстопат. Геополитичката поларизација силно се одразува и во нашиот политички спектар преку поларизација на европски и антиевропски фронт, и затоа е многу важно партиите коишто се државнички, партиите коишто се компас на евроатлантската интеграција, коишто се чувари на евроатланската интеграција, како што е ДУИ да постави јасни позиции, а тоа е дека пред формирањето на новата Влада мора да се направат уставните измени, коишто ќе гарантираат отворање на поглавјата, коишто ќе донесат просперитет, животен стандард, владеење на право… Меѓутоа, се разбира и уставни измени коишто ќе подразбираат дека таткото на нацијата, односно претседателот на државата ќе се бира со консензус од сите политички групации и етнички групации во државата, бидејќи само така претседателот ќе има додадена вредност во својата улога на кохезивно ткиво на општеството. И затоа сметам дека мојата кандидатура е повеќе референдум за една идеја којашто ја бара поддршката на сите етнички заедници коишто сметаат дека времето е дојдено оваа држава да стане модел на еднаквост помеѓу заедниците, а тоа е гаранција за просперитет и гаранција за европска Северна Македонија.
Глас на Америка: Дали ДУИ би влегле во идна Влада доколку не се усвојат измените за избор на претседател?
Османи: Мислам дека претседателот Ахмети јасно кажа дека тоа се позиции коишто се исклучителни важни во овие геополитички премрежија во коишто се наоѓа светот и нашиот регион, и затоа мора да имаме цврсти позиции по однос на тоа прашање, и ДУИ тоа ќе го направи.
Глас на Америка: Граѓаните добија различни информации од МВР и МНР за патување со пасошите со старото име на државата. Кој е статусот за оваа ситуација во моментов?
Османи: Министерството за надворешни работи е во постојана комуникација и со Европската Унија и со земјите-членки, со цел точно информирање на граѓаните кои се условите за патување. За жал, вчера имавме прекршување на законот за класифицирани информации од страна на министерот за внатрешни работи, којшто објави документ за ограничена употреба, со што директно ја нарушува довербата на европските институции кон нашите дипломатски претставништва во комуникација со нив, и тоа е казниво со закон, и е жално што институциите и политичарите, односно функционерите кои се одговорни за почитување на законите ги прекршуваат и директно го нарушуваат имиџот на државата. Мислам дека е многу важно МВР да се реорганизира.
Глас на Америка: Од аспект на дијаспората, дали последната набавка на базни и мобилни станици за издавање пасоши ги исполнува реалните потреби? Какви се вашите сознанија?
Османи: Не. Мислам дека треба дополнителна – итна – набавка на базни станици, тоа го прави МВР. Ни требаат најмалку нови 20 до 30 базни станици, меѓутоа, знаете, МНР е само шалтер за издавање на пасоши на нашите граѓани во дијаспората, ние не ги произведуваме истите.
Глас на Америка: Дали ги побаравте овие дополнителни 20-30 базни станици, и доколку да, кога?
Османи: Да, ние разговараме, имаше и на претходната седница на Влада една таква информација. Меѓутоа, разбирам дека и МВР не може директно да ги набави, сепак тоа е процедура којашто треба се спроведе. Разговарав и со ЕУ и земји-членки на ЕУ за да се излезе во пресрет со базни станици по итна постапка преку министерството, а преку министерството, се разбира и на дипломатско-конзуларните претставништва. И покрај тоа што изборите се објавени, и покрај ограничувањата, сепак, сметам дека во оваа ситуација Владата може да донесе одлука за итна набавка на базни станици, а премиерот Џафери има таква политичка волја и тоа го кажа и на претходната седница на Влада, а се разбира, тоа ќе биде донесено како одлука на следната седница.
Глас на Америка: Конкретно за САД, каква е состојбата тука за издавање пасоши?
Османи: Чекањата се долги, како и во државата, така и во другите дипломатско-конзуларни претставништва и целосно ги разбирам граѓаните. Ја разбирам нивната мака – кога велат дека дипломатско-конзуларните претставништва не одговараат на нивните телефонски повици – дека термините за пријавување за сликање се долги – дека пасошите ги добиваат по долго чекање, иако навистина направивме суштински промени.
Глас на Америка: Дали имате рокови?
Османи: Дипломатско-конзуларните претставништва на МНР се само шалтери за примање апликации и издавање пасоши. Продукција на пасошите е во МВР. Ние се организиравме максимално граѓаните да можат да се сликаат во дипломатско-конзуларните претставништва, да ги добијат пасошите таму, меѓутоа таа динамика, се разбира, зависи од капацитетите за одговор на МВР. Сметам дека сега е најчесно да се биде отворен и транспарентен пред граѓаните. Да им се каже која е состојбата и да работиме деноноќно – 24 часа за да им излеземе во пресрет на барањата на граѓаните. Мислам дека за кратко време ќе почне да спласне овој притисок, бидејќи граѓаните кои имаат потреба да ги променат пасошите ќе ги променат во периодот кој доаѓа.
Глас на Америка: Дали институциите имаат капацитети да работат 24 часа за да се издадат пасошите?
Османи: Јас во МНР дадов насока дека приоритетот е давањето на патни документи пред кој било друг приоритет. Сè ставаме на втор – трет план. Јас се понудив да одржам една смена во отчитување на пасошите пред да ги пуштиме во дипломатско-конзуларните претставништва. На амбасадорите има дадов насока дека тие треба да се спуштаат и да почнат да сликаат. Пративме нови дипломати со цел да имаме работа во две смени и во текот на викендот. Целокупниот потенцијал, сметам дека ако го реорганизираме, а тоа беше барање на премиерот Џафери на последната седница, можеме да им излеземе во пресрет на граѓаните, едноставно треба да кажеме: потребите на граѓаните се најважен приоритет пред кој било друг приоритет и сите ресурси да ги ставиме во функција на услужување на граѓаните. Мислам дека за брзо ќе се види разлика и промена во квалитетот и брзината со која граѓаните ја добиваат услугата.