17.8 C
Скопје
2 мај, 2024
Inbox7.mk
СТАВ

Гревовите на СФРЈ

„Југословенскиот супремизам“ е првиот грев, бидејќи сега Македонија се обидува да „обуе чевли со многу поголем број“, кои очигледно беа преголеми и за СФРЈ. Следните гревови на СФРЈ се државната доминација со авторитарна култура и ограничена граѓанска одговорност и граѓанско
општество, како и ограничен приватен сектор. Овие се од значење бидејќи се рефлектираат во македонската сегашност.

Пишува: Сашо Клековски

Пишувајќи во „СФРЈ е мртва, да живее СФРЈ“ ја издвоив комунистичката носталгија, покрај географските, природните, човечките, геополитичките и други ограничувања, како значаен фактор на помалку успешната посткомунистичка транзиција на Македонија и други земји од поранешна Југославија. Комунистичка носталгија, романтизирана слика на лажната еднаквост во сиромаштија и стабилност, има и во други посткомунистички земји.
Но додека најголемиот дел посткомунистички земји ослободени од советската окупација и од комунизмот што не го сакаат влегоа со ентузијазам во транзиција во демократија, приватна економија и некои од нив во независност, започнаа со реформи и раст, во СФРЈ не се случи тоа. Затоа што во СФРЈ комунизмот не беше странска (советска) окупација, туку со домашна поддршка и релативно економски успешен до самиот крај на СФРЈ. Во СФРЈ се негуваше „југословенски супремизам“ во политиката, економијата, воената моќ, спортот, културата, музиката, на граница на отворен шовинизам, особено кон комунистичките земји („две червени“). Иако која било форма на супремизам е неодржлива, „југословенскиот супремизам“ се одржуваше со голема воена и економска помош од САД во грантови и кредити на СФРЈ, како субверзивна акција против советскиот блок. СФРЈ се распадна кога пропадна СССР и се смени геополитиката.
„Југословенскиот супремизам“ е првиот грев, бидејќи сега Македонија се обидува да „обуе чевли со многу поголем број“, кои очигледно беа преголеми и за СФРЈ. Следните гревови на СФРЈ се државната доминација со авторитарна култура и ограничената граѓанска одговорност и граѓанско општество, како и ограничениот приватен сектор. Овие се од значење бидејќи се рефлектираат во македонската сегашност.
СФРЈ како комунистичка држава имаше доминантна улога на државата. Државата беше сѐ: обезбедувач на образование, здравство, работа, стан и викендичка, на одмор итн. Прва последица на семоќната држава е развојот на авторитарна култура. Така Македонија и други земји се надоврзаа на патријархалната култура. Одраз на тоа минато во сегашноста е неснаоѓањето со плурализмот и другоста. На пример, во истражување од 2011 година на МЦМС, иако има висока поддршка на демократски политички систем, има поддршка на неизбран лидер (16 проценти), воена власт (18 проценти), експертска власт (54 проценти). На ова се надоврзува партиски систем (КПМ/СКМ) наспроти мерит-системот во вработување и напредување, на што се надоврза сегашниот патрон-клиентелистички партиски систем.
Ограничената граѓанска одговорност и граѓанско општество сѐ уште имаат реперкусии во денешна Македонија. Големи очекувања од државата во сите подрачја, со многу ниско прифаќање на сопствената одговорност. Бесплатно образование, бесплатно здравство, државна работа, субвенции, грантови, помош за сѐ и сешто, со многу мало или недоволно граѓанско учество и одговорност. Граѓанското општество функционира во многу тесна рамка. Има неброени примери, но можеби најважен е ставот кон работата или работната етика.
СФРЈ изгради очекувања дека државата треба да вработува, а притоа да нема никаква одговорност. Генерации созреваа со изреки како „учи, сине, да не работиш“, „клати врата, земај плата“, „не можат да ме платат толку малку колку што малку можам да работам“. Таквата работна (не)етика сѐ уште е присутна и влијае на нашата ниска продуктивност и конкурентност.
Иако во СФРЈ имаше ограничен приватен сектор во земјоделството, угостителството, услужните дејности и при крајот во други сектори, тој често во секојдневната култура беше означуван како „класен непријател“ или криминален, шверцерски или во најмала рака потценувачки. Овие стереотипи беа засилени со олигархиската приватизација. Приватното е често лошо, нечисто, нечесно, криминално. Тоа се огледува во односот на државата и јавната администрација, која го третира приватниот сектор како „непријател“, кој треба да се држи под репресија и казни. Но и меѓу граѓаните има такви перцепции, кои често преферираат работа во „државно“.
Еден од дефектите на СФРЈ во невреднувањето на приватната сопственост се огледува во отпорот кон неа. Незавршени оставински постапки со години или, пак, земјоделски имоти отстапени на државата за социјална помош или едноставно напуштени, за имоти што наши родители или предци напорно работеле и штеделе.
Овие гревови не се со цел да намалат одредени придобивки на СФРЈ, но и паѓањето во замката југо или комунистичка носталгија, во која се романтизира сликата и се прикриваат проблемите и нивните корени, не нѐ води во правилна насока. Има и други гревови, како политичка репресија и друго, но овие сѐ уште значајно влијаат на нашата сегашност и иднина. За тоа треба да градиме свест, без која не може да има промена. Затоа што не можеме да постигнеме различен, подобар резултат правејќи ги истите работи.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek 

Related posts

Властољубие

admin

Европа – да, Европа – сега!

admin

„Балканскиот начин“ обид за реприза?

admin

Мојот другар Богдан

admin

Браво за Макфакс, си ја постигна целта

admin

СДСМ: ниту демократија, ниту правда, ниту Европа!

admin