19.8 C
Скопје
12 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

Евтина струја засега нема за сите, некои ќе добијат во јануари

Владата побрза да се пофали за грижа за граѓаните, со тоа што од први декември ја враќа евтината дневна тарифа во периодот од 13 до 15 часот. Премиерот Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Собранието рече дека таа грижа за граѓаните е преку дела, со како што рече „денешното враќање на евтината тарифа на струјата“.

„Од денеска стартува повторно дневната евтина тарифа за електрична енергија. Граѓаните ја добиваат можноста за евтина струја од 13 до 15 часот. Со тоа се обезбедуваат заштеди од над 1.000 денари месечно, за секое семејство, рече Ковачевски на собраниската седница на 1 декември.

Веста на 2 декември побрза да ја објави Дарио Николовски од СДСМ.

„СДСМ го штити стандардот на граѓаните. Со мерката за воведување дневна евтината тарифа на електрична енергија, просечно семејство заштедува над 1000 денари на месечната сметка за струја. Секој ден од 13.00 до 15.00 часот граѓаните имаат зголемена можност за евтина струја, како и од 22.00 до 07.00 часот и цел ден во недела“, рече Николовски (02.12.2023).

Меѓутоа, оваа најава се покажа дека не важи за сите граѓани и домаќинства. Десет дена подоцна, евтина струја имаат само околу 350.000 домаќинства од вкупно 800.000 колку што има броила во државата. Дури до крајот на месецот, евтина струја ќе има кај 90 отсто од броилата, додека останатите 10 отсто ќе останат за јануари, потврдуваат од ЕВН.

Регулаторната комисија за енергетика на препорака на Владата во ноември официјално донесе одлука за воведување на дневна евтина тарифа, иако ваква најава имаше уште од јуни. Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски за цело време изјавуваше дека ќе настојуваат кај ЕВН што побргу да го завршат сетирањето на броилата, кое сега се покажа како најголем предизвик за сите домаќинства да добијат евтина тарифа преку ден.

„Ние гледаме некаде да го фатиме периодот кога почнуваат зголемени трошоци на граѓаните, тоа е некаде реално во С. Македонија, грејна сезона кај домаќинствата кои што се греат на струја, зголемена потрошувачка со овие податоци што ги имаме е кон крајот на ноември“, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимоски (ноември 2023).

Од ЕВН на прашањата на ММС одговорија дека Електродистрибуција поседува 170.000 далечински и 630.000 обични дигитални броила. До сега се сетирани околу 350 000 броила. На сетирањето се ангажирани, како што велат, “сите мобилни екипи кои се обучени работат на сетирање на броилата паралелно со отчитување на потрошувачката“. Процесот на сетирање се очекува да заврши до крајот на месецот.

-Тоа значи дека не сите домаќинства, во декември ќе имаат пониски сметки за струја, бидејќи во различен период од месецот ќе добијат евтина струја, соопштија од ЕВН.

Се работи за броила кои се наоѓаат во затворени објекти, викендички и слично.

-Тие ќе се сетираат во наредниот период и во првата дадена прилика. Секое сетирано броило ќе има сметка со евтина дневна тарифа од моментот кога е сетирана на самото броило, одговорија од ЕВН.

Според објаснувањата од техничките екипи, иако на повеќето домаќинства им се сменети броилата последните годни, само 170.000 се со далечинско управување и тие веднаш се сетирани. Овие домаќинства практично први добија евтина дневна тарифа. За останатите 630.000 броила, кои до сега не се сетирани, иако имаат дигитални броила, ќе треба да дојде некој од ЕВН и да го сетира броилото на лице место. Ако има евтина тарифа, на броилото во 13 часот ќе се појави знакот Т2.

За заменикот народниот правобранител Јован Андоновски овој начин на работа води кон нерамноправност на сите граѓани.

– Дискриминирачка практика на ЕВН Македонија со воведувањето на евтина дневна тарифа. Имаа доволно време да ги направат потребните подготовки за сите домаќинства. Не знам зошто ги толерира Регулаторна комисија за енергетика? – реагираше Андоновски.

Со ова, значајно намалување на сметките за струја на поголем дел на граѓаните ќе нема. Од први јануари се воведува и нова цена на струјата, а Беслимовски најави и воведување на нова ставка во сметките за струја – Пристап до мрежа, која е уште една ставка покрај постојната за мрежарина.

„Има голем број домаќинства каде што нема потрошувачка, или кои што поставија фотоволтаици. Значи, мрежата се одржува во текот на целата година. Фиксните трошоци сега ги плаќаат само домаќинствата кои што ја користат мрежата рамномерно, секој месец во годината. Оние кои ја користат две – три недели во годината не плаќаат ништо. И тоа не е фер, не е правично. Плус, сега има домаќинства кои што поставуваат фотоволтаици. Тоа вообичаено се побогати категории на граѓани. Кога ќе го постави фотоволтаикот, нему ќе му се намали потрошувачката и тоа го создава овој ефект кој што ви го кажав. Поради тоа и кај домаќинствата ќе се воведе Пристап кон мрежа, но за сметка на тоа ќе се намали мрежарината. Значи, не може некое домаќинство коешто не поставило фотоволтаик да плаќа за домаќинство коешто поставило фотоволтаик. Мора да зборуваме за социјална правда и за правичност. И тоа ќе го спроведеме“, изјави Бислимоски за „Независен“.

Евтината тарифа преку ден беше воведена во октомври 2017 година, па укината на 1 јануари 2022, кога имаше зголемување на цената на електричната енергија за 9,48 отсто.

фото:ЕВН

В.К.

Related posts

Маричиќ: Охридскиот рамковен договор го издржа тестот на времето и покажа дека е успешен концепт

admin

ЕСКОБАР: БОРБАТА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА ТРЕБА ДА ЈА ВОДАТ ДОМАШНИТЕ ИНСТИТУЦИИ

ninja

Повторно забележан Кинески “метеоролошки” балон

admin

КАКО СЕ ОДВИВАЛА ШЕМАТА ЗА ПОТКУП НА „ТАБАНОВЦЕ“КАКО СЕ ОДВИВАЛА ШЕМАТА ЗА ПОТКУП НА „ТАБАНОВЦЕ“

ninja

Украинските и руските трупи се борат за контрола на Киев

ninja

ОСУМДЕСЕТ ГОДИНИ БОЛКА

ninja