22.8 C
Скопје
28 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Опаѓа поддршката на граѓаните за членство во ЕУ, а само 24 отсто од нив ги поддржуваат уставните измени

Опаѓа поддршката на македонското население за влез во Европската унија. Податоците за оваа година говорат дека 60 проценти од граѓаните ги поддржуваат перспективите на земјата за членство во Унијата, што е најнизок процент на поддршка досега. И покрај ваквата статистика, падот на поддршката за членство во ЕУ нема влијание на евроскептичните ставови на граѓаните, бидејќи само 12 проценти од нив се отворено евроскептични.

Пишува: Вања Мицевска

Ова се клучните наоди од двете истражувања кои ги изработи Институтот за демократија „Социетас Цивилис” во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер.

Претседателот на Институтот за демократија, Марко Трошановски вели дека иако поддршката за ЕУ опаѓа, евроскептицизмот не расте.

-Односно само поголем број граѓани стануваат неодлучни, неопределени по ова прашање, меѓутоа не се противат експлицитно – објаснува Трошановски.

Поддршката опаѓа, но нема раст на евроскептицизмот

Резултатите од истражувањата укажуваат дека според граѓаните, процесот на пристапување кон Унијата ќе значи дека нашата држава треба да направи одредени отстапки. Трошановски смета дека тие не се популарни, но нашата популација треба да биде свесна за нив и тие да бидат направени доколу сакаме да направиме чекор понатаму.

„Очекувањата на граѓаните дека процесот ќе се сведе само на задоволување на билатералните барања од соседите се на релативно ниско ниво. Сепак, речиси секој петти смета дека процесот покрај заслуги, усогласување на закони и реформи подразбира секако и задоволување на билатералните барања на соседите. Тоа пак, покажува некакво ниво на јавна побарувачка за да се испорачаат реформи со цел за приближување кон ЕУ и прогресирање во преговарачкиот процес“, додава Трошановски.

Извор: Анализа „ЕУ интеграциите во сенка на внатрешните процеси“

Триесет проценти од граѓаните се неодлучни дали сакаат или не сакаат да влезат во ЕУ, но според новите истражувања, доминира ставот дека токму Унијата е нашиот најдобар сојузник, иако САД се перцепирани како највлијателни.

Директорот на канцеларијата на фондацијата Конрад Аденаур во Скопје (КАС), Даниел Браун вели дека резултатите од истражувањата не се изненадувачки и претставуваат израз на незадоволство.

-Сепак, видовме дека јавноста не е спремна и не сака да се сврти кон некои други партнери туку сака да остане на европскиот пат. Не сака да соработува со Русија или Кина или со други пошироки партнери и резултатите сепак се израз на таа димензија – додава Браун.

Етничка димензија во истражувањата на јавното мислење за ЕУ-интеграциите

Резултатите имаат и етничка димензија, нотирајќи дека етничките Македонци и Албанци имаат до некаде различни интереси, но тоа не значи дека тие се разликуваат сто проценти.

Имено, 57 отсто од етничките Македонци не го поддржуваат нашето членство во ЕУ, додека 78 проценти од етничките Албанци даваат поддршка за ова прашање.

Ова покажува дека песимизмот кај Македонците е позастапен и тие на процесот на пристапување гледаат покритички во споредба со Албанците.

„Етничкиот јаз е најмногу поради билатералните прашања коишто идентитетски ја засегаат македонската етничка заедница и поради кои кај нив расте резервата од поддршка на членството во ЕУ“, вели Трошановски.

Директорот на КАС пак, Браун вели дека разликите во ставовите треба да се имаат предвид на нивото на внатрешната политика.

„За мене како претставник на германска фондација, ми беше мило што видов дека Германија сѐ уште се гледа како најважен партнер, но секако дека ако 2014 имавме 90 проценти поддршка на пристапот кон ЕУ, а сега тој процент изнесува 60, не можеме да бидеме многу задоволни со тоа и тоа значи дека и следната година со претседателските и парламентарните работи ни носи големи предизвици за тие што ќе бидат во политичката одговорност“, додава Браун.

Новите истражувања покажуваат дека само 24 отсто од испитаниците кои учествувале во нив се согласуваат да се промени македонскиот Устав и во него да се внесе бугарското малцинство. Освен тоа, значителна е и критиката за злоупотреба на европското знаменце.

Вицепремиерот, Бојан Маричиќ вели дека сѐ што било побарано од државата, а не се однесува на уставните измени, веќе е направено.

Сепак уставните измени се неопходни за да може да се закаже следна меѓувладина конференција, што беше и заклучок од неодамнешниот Самит на Западен Балкан во Брисел.

„Сѐ што не се уставни измени, ние направивме до минатата недела. Го завршивме скринингот, во процедура е консултацијата за патоказите и верувам дека таа успешно ќе се заврши и сѐ она што беше бирократски процес ќе го испратиме во Брисел.  Скринингот заврши успешно, беше пофален и во извештајот на ЕК. Тоа е максимумот што можеме да го направиме без натамошни политички одлуки во Собранието“, истакна Маричиќ.

Одговорноста пак за немање препорака цели 18 години, ја гледа токму во политичарите.

-Политиката треба да чувствува одговорност за изминатите 18 години, откако сме станале кандидат за членка. Треба да ги користиме тие годишнини за да направиме едно резиме и да видиме каде сме погрешиле и што понатаму. Не треба да бидеме изненадени, а треба да ги отвориме прашањата, но не само за одговорност. Одговорноста е еден дел од „приказната“. Ние сега можеме тука да се обвинуваме па јас да кажам опозицијата не гласаше, што е и факт – порача Маричиќ.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Александар Николовски со забелешка дека криминалот и корупцијата се главните причини кои немаме отпочнато преговори.

-Како е возможно држава која што е војна, Украина, почна преговори, а Македонија не почна преговори. Покрај политичкото прашање, многу поважен е принципот на владеење на правото бидејќи мислам дека основата зошто не почнуваме преговори е поради високото ниво на криминал и корупција и принципот на неказнивост – истакна Николовски.

Новите истражувања покажуваат дека само 53 проценти од младата популација (18 до 24 години) го поддржуваат членството во ЕУ,  а според Николовски тоа е и најзагрижувачкиот податок.

„Онаа генерација од 18 до 24 години се најмногу евроскептични и да бидам ироничен, ги разбирам. Веројатно се како генерација попаметни од нашата генерација. Ние остаревме со оваа идеја за евроинтеграција и таму кај што бевме кога бевме млади, сме и денес“, додаде Николовски.

Наодите од истражувањата се базираат на ставовите на 1000 испитаници кои учествувале во телефонски интервјуа минатиот месец. Резултатите укажуваат дека според мнозинството од населението, најголемите позитивни ефекти од процесот на интеграција во ЕУ ќе се случат во економијата. Најчеста причина за одлуката да се поддржи членството во ЕУ е очекувањето дека тоа ќе го подобри животниот стандард во државата во иднина, меѓутоа 90% од испитаниците не веруваат дека нашето членство во ЕУ ќе го намали иселувањето на младото население во странство.

 

Related posts

ПОЧИНА ЛЕГЕНДАРНИОТ БРАЗИЛСКИ ФУДБАЛЕР ПЕЛЕ

ninja

Во Скопје се разговара за европската перспектива на регионот

admin

Алијанса за Албанците – колку е клучна за влада по изборите?

admin

НАТО ПРЕСРЕТНАЛ НАЈМАЛКУ ТРИ ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАДИ КОН МАКЕДОНИЈА

ninja

ДУИ контра Пендаровски за казината

admin

“Пратениците добро да размислат дали ќе гласаат за Европа или за изолација”, Ковачевски оптимист за уставните измени

admin