22.8 C
Скопје
27 април, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

САД и ЕУ во регионот: Тактички партнери и стратешки ривали

Верно е дека САД сакаат да нѐ видат во ЕУ, но не сосема е верно дека сакаат да видат демократски фактори кои ќе нѐ внесат и водат во ЕУ.

Пишува Арсим Зеколи

Дали САД сакаат да нѐ видат во ЕУ? Доколку би суделе според зборовите од речиси секоја службена изјава на кој било американски службеник, одговорот секако дека би бил резолутно позитивен. Нема изјава, честитка, став, конференција на која претставниците од Вашингтон не се произнесуваат јасно и гласно дека „силно ја поддржуваме интеграцијата на земјата/регионот во Европската Унија”. И не само тоа, речиси една деценија политиката на САД во регионот се дефинира како „следење, поддршка и помош на политиките на ЕУ во регионот”, давајќи јасен примат на Брисел пред Вашингтон. Нешто што, впрочем, и самата Унија долго време го бараше и инсистираше во однос кон САД.

Речици секоја позначајна иницијатива во регионот е отсликана преку јасна кадровска, политичка и дипломатска доминација на ЕУ, но и со тук-таму присуство на некој претставник од Вашингтон. Дури и воведувањето санкции кон лица или субјекти во добар дел се образложува со желба за „непречен развој на интегративните процеси за забрзано приклучување кон ЕУ”. Главно, нашето индивидуално или колективно приклучување кон Унијата е од капитална битност и стратешка определба на САД за нивно напуштање на регионот и наше предавање, усвојување и сместување во Бриселското семејство.

Дали САД навистина сакаат да нѐ видат во ЕУ? Доколку би суделе според сликите и делата на американските претставници на теренот, тогаш прашањето прераснува во дилема со голем прашалник на крај. Таа дилема сѐ повеќе се наметнува ширум регионот и освојува сѐ повеќе приврзаници на сомнежот дека САД едно зборува, друго прави и прашање е дали и самиот Вашингтон е согласен за тоа што всушност треба да прави.

Збори едно, прави друго

Таа дискрепанција на едно зборење и друго правење е деновиве најјасно видлива во Белград, каде што американскиот легендарен Кристофер Хил лежерно и надмено ги игнорира сите поплаки за скарадните изборни и други манипулации на неговиот партнер Александар Вучиќ. Но дури и неговата итра и итна интервенција во Вашингтон на давање првична позитивна оценка за декемвриските избори не беше доволна за премислување на европските набљудувачи да излезат со оценки дека „никогаш немаат видено поскандалозни избори”. Благото ретерирање на Вашингтон поради поплавата на протести и критики од теренот, само ја засили определбата на опозицијата да се сврти кон Брисел. И на крај, и за срам на Хил, издејствува досега невидено жестока декларација на Европа за изборите во Србија, но и тамошните севкупни состојби и слободи. Во соседна Босна и Херцеговина, сомнежот во улогата на САД во расчистување на можеби нерасчистливите состојби ескалира поради улогата на Метју Палмер и Габриел Ескобар во саботирање на дваесетгодишното свето писмо на Вашингтон за граѓанскиот концепт и рамноправноста помеѓу трите народи. Во Црна Гора, американската амбасадорка даде значаен и клучен придонес во рушењето на Мило Ѓукановиќ и инсталирањето на клеро-националистичката врхушка на СПЦ преку давање изјави дека „стравува од можноста Мило да изнесе тенкови на улиците”. Во Косово, успешниот обид за државен удар на претходната администрација се продолжи со серија напади, подривања, саботирања, специјални војни и психолошки операции вперени против легално и легитимно избраниот премиер Курти – и сето тоа во име на „дијалогот под покровителство на ЕУ”.

Диспаритетот на зборови и дела во американската про-ЕУ нарација сепак најјасно и најапсурдно се одвива при посетата на државниот секретар Ентони Блинкен на Тирана и неговата средба со премиерот Еди Рама. Тајмингот кажува сѐ. Посетата се случува на истиот ден кога американските судови решаваат за досието МекГонигал, во кое длабоко, дебело и нашироко се опфатени корупциските врски токму на Рама. Аргументацијата дека „посетата на Блинкен е доказ и потврда за стратешката битност на Албанија за САД” е секако пријатно дочекана, но не и доволна за превидување на отсуството на критериумите „демократија, владеење на право, слободни избори и.т.н.”. Впрочем, посетата се одвива додека опозицискиот лидер Сали Бериша е во домашен притвор и во жар на организирање на масовен антивладин протест.

Што да се каже за кај нас, како средина каде рефренот „ве поддржуваме за во ЕУ” е најгласно и најчесто повторуван стих од секој резидент на Кале? Да не бидеме ситничави, сепак поддршката на САД во одржување на мирот и стабилноста кај нас и во регионот е секако огромен придонес, гарантиран предуслов за евроинтегративните процеси и зачленувањето во ЕУ. Тоа е „топ не го бие“ аргумент кој мора да се нагласи во прилог на декларираната политика на Вашингтон. Она што збунува е сликата која го следи тој рефрен, дури и ја побива смислата на самиот придонес на САД кон стабилноста како гаранција за интеграциите.

Криење во дипломатскиот меур

Гледано наназад во последната деценија, се чини дека и САД, и Вашингтон и Кале си го имаат изгубено филтерот за пречистување на вредното и достојното од шокантното и недостојното во јавната презентација. Додуша, по јавното укажување и потсмев за парадите на дипломати и политички деликвенти (Трампов израз), Калето почна повнимателно да кани гости на дипломатските седенки. Додуша, и ден денес тешко дека ќе најдете американски дипломат со таква вештина на убедување дека дружбите со лицата кои им ги палеа амбасадите и жареа по изборите се за добро на земјата и демократијата и секако интеграциите. Додуша, далеку е денот кога во Скопје или регионот повторно ќе видиме амбасадори од ковот на Зимерман или Холбрук, кои не се криеја во дипломатскиот меур на главниот град чекајќи да им мине „успешниот мандат”.

Комплетирањето на овие делчиња создаваат еден непријатен мозаик и слика за американската дипломатија во регионот полна со позитивни фрази. Но со очигледна доминација на сомнителни ликови кои вербално ја споделуваат американската „про-ЕУ” фразеологија и воедно чинат сѐ што е можно истата да не се случи. Флертот на Американците со Вучиќ и Рама на сметка на игнорирање на опозицијата, саботирањето на реформските актери во прилог на клеро-националисти во Сараево и Подгорица, хистеричното и бруталното шиканирање на Курти и поттурањето на докажано корумпирани и криминализирани ликови во Скопје како свети крави на евроинтеграциите укажува дека нешто е длабоко гнило во американската стратегија и политика кон регионот. Толку гнило што дури и форсирањето, потпирањето и криењето позади про-форма европските емисари (а всушност американски инструменти) од типот Шмит, Ајхорст, Лајчак се недоволни за залажување на домашната публика и европската политика.

Состојбата е уште позагрижувачка кога ќе се увиди тивката ерозија, емиграција и елиминација на зборовите „демократија, слободи” од говорите и стандардите на американската дипломатија во регионот. Која е евидентно зацементирана во фул-моуд состојба на стабилократија по секоја цена, наметната од новата студена војна и кризите долж огнената линија од Балтик до Балкан. Рака на срце, кризните времиња наметнуваат нови критериуми и предимства во кои мирот треба да се зачува за да се спаси семето на демократијата. Но прашање е дали наслонувањето на клиентелистичкиот конструктивен гангстеријат е начинот за зачувување на мирот во социјално споулавен регион или пак последица на циничната леснотија во наслонување врз општествените рѓи премачкани со чат-пат, мижи-да-ти-баам шарени дипломатски мачкања очи.

Разнишаната стратегија на Вашингтон

Вистината е можеби некаде во средина, заталкана помеѓу некогашните добри намери и сегашните мизерни резултати. Верно е дека САД сакаат да нѐ видат во ЕУ, но не сосема е верно дека сакаат да видат демократски фактори кои ќе нѐ внесат и водат во ЕУ. Поведенијата на американските претставници, самите нивни фото-албуми и вратоломиите низ сѐ поапсурдните и контрадикторни изјави укажуваат дека приоритетот е врз „ликовите од доверба” на Вашингтон, а помалку или воопшто врз „стандарди пред статус” политиките на кои некогаш така помпезно се инсистираше. Можеби во тоа се крие и причината за сѐ појасно видливата „синхронизација на речниците” во кои сега и Брисел ја поддржува „заложбата за интегрирање” како вербална позајмица од американскиот дипломатски вокабулар, но со ставање акцент врз „дијалогот и сижето” а не врз „сликички и позирања”. Заложбата за интеграции, елем, го истисна членството во ЕУ.

На Балканот, сѐ појасно се исцртува таа двотактна политика на тактичко партнерство помеѓу САД и ЕУ, проследено во чекор со стратешки судир помеѓу ЕУ и САД. Тактичкото е диктирано од согласноста на Брисел и Вашингтон, скраја недоразбирањата, сепак да не се дозволи вакуумот на доминација да биде исполнет од трети актери. Додека пак стратешкото е определено од длабокиот и остар судир помеѓу желбата на Вашингтон во ЕУ да внесе стабилократски демократури и решителноста на Брисел во Унијата да влезат асли Европејци, а не темпирани бомби на далечинска контрола. Флертот на американската дипломатија со домашните брутални експлоататори на сѐ уште неиселената сиромаштија, фарбањето на криминалци во демократи и криминализирањето на демократските реформисти, како и последните најави на Доналд Трамп вперени кон Европа, ја разнишуваат стратегијата на Вашингтон и ги ориентираат опозициите и граѓаните да се вртат кон Брисел, како последна, каква-таква надеж за демократија и социјала или барем уво спремно да ги сослуша поплаките. И така ќе остане. Сѐ додека не се испука првиот куршум.

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина. 

Извор: ДВ

Related posts

Склучи мир – ќе те судат, предизвикај војна – ќе те слават

admin

Демократската тиранија

admin

ШТО МОЖЕ ДА ДОНЕСЕ ЕВЕНТУАЛНОТО ВКЛУЧУВАЊЕ НА АЛИЈАНСАТА ЗА АЛБАНЦИТЕ ВО ВЛАДАТА

admin

УБИСТВЕНА АЛЧНОСТ

admin

Ало, Телеком! Очајно ни треба Европа!

admin

Грција: Нов политички пејзаж

admin