4.8 C
Скопје
18 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИРЕПУБЛИКА

Не, „камерите што казнуваат“ се’ уште не се во функција, но дали снимаат?

Пишува: Весна Колоска 

„Внимавајте: Се снима-Казните ќе ви доаѓаат дома!“, предупредува текст објавен во дигитален медиум во Македонија, во кој се зборува за поставувањето на камерите по улиците на Скопје, со кои ќе се следи безбедноста во сообраќајот. Нашата проверка на факти покажа дека овие камери не снимаат, бидејќи системот се’ уште се поставува. До крајот на летото се очекува камерите кои ќе ловат прекршоци, да бидат функционални, кога на некој од нас, казна со фотографија од прекршокот ќе му стигне на домашна адреса. Но, понатамошната анализа го наметна и прашањето – што ќе се снима, кој ќе снима, кој ќе ги обработува податоците, каде ќе се чуваат и најпосле, дали ни се сигурни податоците што ќе се собираат?

Фотографија од надзорна сообраќајна камера со налог за плаќање за сторен прекршок стигнала на домашна адреса на возач од еден грчки град. Од тука тргнал цел процес на тужби и докажувања , за на крај и потврда дека на возачот му била нарушена приватноста, со тоа што испратената фотографија не била доволно анонимизирана и на неа се гледал ликот на совозачот, кој со ништо не учествувал во правењето на прекршокот.

Ова е само еден случај од праксата, кој на површина го извади прашањето за приватноста со најавата дека во Скопје и на автопатиштата низ државата ќе бидат поставени надзорни камери. Од тоа што до сега се знае дека камерите се поставуваат, некаде се заменуваат веќе поставените во 2010 година, а кон крајот на летото, како што потврди и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски ќе бидат ставени во функција не само во Скопје, туку и во други делови од државата.

-Ќе ги има во сите делови на државата, затоа што ќе постојат и фиксни и мобилни уреди коишто ќе бидат поместувани, не само од еден магистрален и регионален  пат или автопат. Идејата е да опфатат што поголем дел од територијата на  државата и понатаму тој проект да се проширува и да се користи. Важно е и на тој начин не само во делот на сообраќајот,  туку и во делот на јавната безбедност да имаме поголем успех во работењето, изјави Оливер Спасовски (19.12.2023).

Многу прашања – малку одговори

И тоа е речиси се’ што знаеме за камерите за надзор. Упативме прашања во МВР, барајќи одговори за тоа како ќе се одвива процесот на евидентирање на прекршоците, испраќањето на налозите за сторените прекршоци на домашна адреса, за тоа како ќе се постапува понатаму и што ќе добиваат возачите „фатени“ од камерите.

„Новите камери кои се поставуваат во Скопје се во рамките на проектот „Безбеден град”, кој има за цел зајакнување на сообраќајната безбедност, а откако ќе бидат поставени, ќе се користат за документирање на сообраќајни прекршоци. Камерите сѐ уште не се во функција. По завршувањето на сите потребни активности околу овој проект, јавноста соодветно ќе биде известена. За сторени сообраќајни прекршоци ќе се применат одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, одговорија од МВР.

За тоа како ќе се одвива испраќањето на фотографиите од камерите, од МВР одговорија дека во постапка е уредувањето на начинот на обезбедување и испраќање на доказниот материјал до сторителот на прекршокот.

„Доколку  сторителот на ја плати глобата во определениот законски рок, ќе биде поднесено барање за поведување на прекршочна постапка до надлежниот суд или прекршочен орган“, стои во одговорот од МВР.

Како ќе стигнуваат фотографиите од прекршокот?

И тоа е се’ што дознавме од институцијата надлежна за поставување и примената на камерите. Непотврдени останаа информациите дека ќе треба да се направат и законски промени. Фотографиите, како што дознавме, ќе бидат само со регистарските таблички на возилото, додека останатиот дел ќе биде анонимизиран. МВР ќе ја има целата фотографија. Сите овие важни поединости треба да бидат прецизно уредени, смета Елена Стојановска, експерт за заштита на приватноста. Стојановска, по пример на работењето на овие системи во пракса во други земји, изнесува детали како понатаму се одвива процесот на доставување на фотографиите од камерите.

-МВР секако ќе ја поседува целосно снимката од настанот. Она што ќе го достави до мене, да речеме на мојата  домашна адреса, треба да биде анонимизирано од причина што тоа писмо може да го отвори и некој друг од моето семејство, хипотетички. Тие (МВР) секако ќе ја чуваат снимката, бидејќи товарот на докажување е кај нив, меѓутоа што ќе отиде кон оној што го сторил прекршокот првично, а за да не се доведе во ситуација да некој друг може да ги види тие податоци. Тука беше дилемата за тој случај од Грција. Не секој сака сите да знаат со кого денес бил и на која улица помина и така натаму, вели Стојановска.

Затоа, овие работи се уредуваат пред да почне примената на овој систем од камери, за што се прави Проценка за влијанието врз приватноста. Тоа е анализа која треба да го оправда поставувањето на овој систем и да укаже на кои места и од кои причини да има виде надзор, за што МВР треба да ги даде своите аргументи, како зачестени незгоди, поминување на црвено светло и слично.

-Оваа анализа ќе покаже на кои места и колку камери се потребни, но не само тоа. Анализата оди понатаму со проценка на спецификациите на камерите, односно какви технички перформанси тие камери ќе имаат, колку време ќе снимаат, која ќе биде можноста за зумирање, јасноста на сликата, аглите на снимање… Ова е многу комплексен процес кој претходно треба да се истражи, пред камерите да бидат набавени и поставени. Без оваа анализа во принцип, не би требало да се продолжи понатаму, бидејќи на крајот од анализата МВР треба да даде јасни насоки на кој начин ќе се следат тие камери. Значи, кои ќе бидат тие лица, кои ќе ги следат камерите? Што ќе можат тие лица пристапувајќи со камерите и сликите што ќе можат да прават со нив? Значи, целиот процес треба да биде поставен треба да биде комплементарен со она што се нарекува заштита на приватноста на сите нас што може да бидеме предмет на снимање на овие камери, објаснува Стојановска.

Можни злоупотреби

Поставувањето на правилата се особено важни бидејќи внатре поставените прецизни процедури точно ќе го покажат одговорното лице за сторено прекршување на приватноста, евентуалното изнесување или злоупотреба на податоците. Ова особено, бидејќи се работи со сензитивна материја како што се биометриските податоци што се наоѓаат на фотографиите од камерите.

Во Белград пред поставувањето на над 800 камери во 2019 година, прашањето на приватноста беше предмет на јавна полемика. Српското МВР (МУП) тогаш објасни дека  сите овие камери ќе имаат можност да препознаваат лица и да го анализираат однесувањето на луѓето. Прашањето по кое ги вкрстија копјата со државните институции и граѓанските организации е дали со поставувањето на овие камери се дава приоритет на безбедноста на граѓаните или нивната приватност, за која дел од јавноста смета дека ќе биде нарушена.

Со оглед на тоа дека Македонија и земјите од регионот имаат богата историја на злоупотреби, вклучително и незаконско прислушување и следење на комуникациите, граѓанските организации изјавуваа дека овој високоинтелигентен систем на надзор е подложен на злоупотреба во смисла на складирање и прегледување на податоците добиени на овој начин. Тогаш од српското МУП (МВР) дадоа детали, кои сега им недостасуваат и на македонските граѓани пред ставањето во функција на камерите.

Според објаснувањето на српските органи, базите на податоци и серверите на кои се чуваат податоците се наоѓаат во зградата на МУП, се обезбедени и заштитени, исклучени од сите надворешни комуникациски системи, на кои не може да им се пристапи преку интернет. Внатрешно, со системот ракуваат полицајци, кои ќе имаат посебна персонализирана картичка за пристап, со што во секој момент ќе се знае кој, кога и зошто пристапил до неа.

„Секое отстранување, гледање, дуплирање и копирање на видео и аудио снимки ќе се евидентира во посебен запис, кој содржи: име на организациската единица за чии потреби е направен увидот или копирањето, идентификацијата на системот за видео-акустична снимање, бројот на барањето, името и презимето на раководниот полициски службеник“, објаснија тогаш од МУП.

Сите овие постапки се опишани во документот што го споменува и Стојановска за Проценка на влијанието врз обработката на личните податоци.

Прашува ли некој за приватноста?

Во Македонија засега никој не го покренува прашањето за приватноста и евентуалното нејзино прекршување, затоа што и јавно речиси ништо не се знае за тоа како ќе работи системот. Нема прашања и за тоа што прават камерите на улиците на Скопје веќе 13 години, како дел од проектот Безбеден град, кои не бележат прекршувања, не испраќаат казни, а деновиве дел од овие камери и се заменуваат.

Каде стигнуваат овие податоци? Дали некој ги обработува и кој? Стојановска вели дека ова е прашање кое заслужува одговор.

„Апсолутно тоа прашање останува отворено од првиот момент кога се поставени камерите до ден денес. Но, на тоа прашање одговор освен МВР, не знам кој би можел да даде. Јас лично работев на едно истражување, бидејќи постои Европска иницијатива за дигитални права, којашто доста долго се брои против користење на инвазивен систем за мас надзор и за потребите на тоа истражување се обидов да најдам информации за тоа дали снимаат камерите и кој е надлежен за нив. Никаде не најдов точна информација кои камери кој ги следи, изјави Стојановска.

Покрај МВР, во проектот Безбеден град е вклучен и Центарот за управување и контрола на сообраќајот, но како што објаснуваат од Град Скопје, „овој систем исклучиво служи за мониторинг на сообраќајот во градот. Градот Скопје и нема надлежност за регулирање на сообраќај, ниту пак има надлежност во регулирање при сообраќајни несреќи“.

Камери коишто ќе евидентираат сообраќајни прекршоци освен  во Скопје, има и во Тетово, Куманово, како и на автопатиштата. Министерот Оливер Спасовски најави статични и мобилни системи за контрола на безбедноста во сообраќајот, за што неодамна беа промовирани возила пресретнувачи со камери и софистицирани радари за документирање на настаните.

 

Related posts

РСЕ: ЕУ бара Охридскиот договор да се вклучи во преговарачката рамка за Србија

admin

Украинските пилоти почнаа со обука на Ф-16 во САД

admin

Владата и невладините во клинч – соработка на „стаклени нозе“

admin

ДУИ се изјасни за уставните измени

admin

Ескобар: Сакаме да бидете дел од ЕУ, не сум тука да вршам тортура врз некого

admin

Средба Вучиќ-Милатовиќ, за Косово се согласиле дека “не се согласуваат”

admin