19.8 C
Скопје
30 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Води ли сметка државата за нашинците? Од 20.500 иселеници заинтересирани за гласање во 2011-та, тој број падна на 2.571

„За какви било избори да се однесува, дијаспората е игнорирана и силувана во изборниот процес“ –овој коментар на соопштението дека иселениците нема да гласаат на претстојните Парламентарните избори буквално прочитан не одговара на реалната состојба.

Иселениците не се игнорирани туку се следат законските одредби според кои, може да се организира гласање за избори во Дипломатско – конзуларните претставништва (ДКП) на државата низ светот, доколку има најмалку 10 пријавени гласачи за Претседателските избори. Додека за Парламентарните, за да се организираат избори потребно е да се пријават најмалку 5.353 гласачи во странство, онолку колку што најмалку освоил пратеник на минатите парламентарни избори . Според тоа правило, гласање за Претседателските избори ќе се организира во 31 ДКП-а, па дури и во местата како Кина, каде има пријавено само 12 гласачи. Низ светот ќе бидат испратени над 250 административци, дел од Избирачките одбори, што македонските граѓани ќе ги чини над половина милион евра.

Од големата дијаспора само мал број се пријавиле за гласање

Факт е дека се незначителни бројките на наши иселеници во странство кои ќе гласаат на двојните избори во април и мај. Законот налага евиденција на заинтересирани да гласаат во нашите Дипломатско – конзуларни претставништва врз основа на електронска пријава на сајтот на Државната изборна комисија. Оваа пријава потоа се проверува и се потврдува или одбива. На овој начин се прифатени 2571 пријава на наши граѓани за гласањето за претседател на 24 април и за втор круг на 8 мај. Тие ќе гласаат во 31 ДКП во странство во 24 земји. Се гласа таму каде има најмалку десет пријави. Во околу 20 земји, меѓу кои и Албанија, Босна и Унгарија, каде е најпознатиот бегалец – Никола Груевски, нема да се гласа на Претседателските избори. Ќе се гласа во земји како Кина, во Пекинг, каде има 12 наши државјани што сакаат да гласаат на изборите.
Најмногу прифатени барања за гласање има во Германија – 578, потоа во Словенија – 327, во САД – 241, во Швајцарија – 182, во Канада – 122, во Австрија – 116, во Италија – 101, во Австралија – 97, во Белгија – 91 итн.

За Парламентарните избори дијаспората нема да гласа. За гласањето за избор на пратеници има поголем број пријавени иселеници отколку за претседател на државата, вкупно 2868, но повторно, како што објаснува потпретседателката на ДИК, Дитимире Шеху, не се исполнети законски услови.
„За да се организираат избори потребно е да се пријават најмалку 5.353 гласачи во странство, онолку колку што најмалку освоил пратеник на минатите парламентарни избори. Сите избирачи кои се пријавиле за гласањето а кои ги исполнуваат законските услови, ќе бидат запишани во изводите и во посебните изводи од Избирачкиот список за гласање во Република Северна Македонија, на избирачките места според адреса на живеење, каде ќе можат да го остварат своето гласачко право на Избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија кои ќе се одржат на 8 мај 2024 година“, објасни Шеху.

Најмалку половина милион евра се троши за гласањето во странство
За да се спроведе гласањето на овие 2571 избирач во странство, Државната изборна комисија ќе испрати 240 членови на Избирачките одбори до земји како Канада, САД, Австралија. За нив ќе треба да се платат авионски карти, хотелско сместување, локален превоз и дневници. Исто така, ДИК одвојува средства за набљудувачите на изборите од редовите на политичките партии. Нема информација колку точно средства од рекордно издвоените 17 милиони евра за овие двојни избори. Ако се суди по последните  Претседателски избори, се очекува да бидат потрошени околу половина милион евра. Тогаш се пријавија само 1.782 гласачи но, во вториот круг за Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова гласале само 814 иселеници.
Беше објавен податок дека само туристичката агенција која ги пренесувала авионски организаторите на изборите, заработила 457.000 евра. На „Отворени финансии“ има податок дека Авиотурс Травел Сервис за првиот круг од гласањето добила 243.902 евра, додека за вториот круг 213.338 евра. ДИК ангажирал 256 лица за спроведување на изборите на иселениците во странство. Пресметката на ДИК беше дека еден глас на иселениците чини 300 евра.

Во 2011-та за прв пат се гласаше во ДКП

Нашите иселеници во странство за прв пат гласаа на Предвремените парламентарни избори во 2011 година. Во Собранието во два циклуси беа избирани по тројца пратеници од дијаспората, иако со многу мал број на гласови спореден со пратеници дома. Сите беа од редовите на ВМРО ДПМНЕ. Веќе со 2016 година, со Пржинскиот договор, е воведен цензус за избор на пратеник. Иако имаше 20.500 пријавени за гласање, гласаа само 8.200 иселеници. Бројот на освоени гласови, не беше доволен да се избере пратеник.
Од тогаш континуирано опаѓа бројот на заинтересирани иселеници за гласање на изборите. Причините се различни, почнувајќи од цензусот за избор на пратеник, па се’ до обични логистички прашања, како што е местото на гласање. Нашинците од Малта на пример, за да го остварат правото на глас, мора да се качат на авион и да гласаат во ДКП-то во Рим, Италија. И покрај големиот број на македонски државјани во Малта, таму нема дипломатско – конзуларно претставништво.
Во меѓувреме, организациите на иселениците предлагаат различни решенија како електронско гласање и мобилни кутии, кои ќе се движат низ државите каде има интерес за гласање. Мобилните кутии би биле привремено решение, додека не се направат законски измени со кои ќе се воведе електронско гласање, односно со гласачки машини, систем кој функционира во многу земји во светот.

В.К.

Related posts

Премиерот Џафери во Приштина, но не по покана на Курти

admin

Бугарија и Хрватска со најголемо зголемување на вработеноста во ЕУ

admin

САД избегна банкрот, Конгресот изгласа да се зголеми лимитот на долгот

admin

Палевски барал државен референдум

admin

Намалените казни ќе влијаат и врз примената на ПИМ

admin

АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА ВО БИХ: НАЈАВЕНИТЕ ЗАКОНИ НА ВЛАСТИТЕ ВО РЕПУБЛИКА СРПСКА СЕ РЕПРЕСИВНИ

ninja