21.8 C
Скопје
23 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Камшикот, од блиску дојде

Сумираната парола од вчерашните избори е „ви помина ли меракот?” Бидејќи, Македонија вчера гласаше „против“. Допрва, на 8 мај, ќе се гласа „за“.

Пишува: Арсим Зеколи

Најкусиот опис на вчерашните избори е дека во судирот помеѓу идејата и ликот, победата речиси секогаш оди кај идејата. Можеме да попуваме и мрчиме дека идејата (на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ) била националистичка, ваква, онаква, секаква, но тоа не ја менува битноста дека е сепак идеја. Дотолку повеќе кога соперничката страна се наслонува на ликови и имиња кои со самата појавност ја обесмислуваат ионака фалшливата идеја на ЕУ или интеграции. Кога ликот, Пендаровски, за пет години владеење не знаеше и не сакаше да заземе конкретен став по конкретни предизвици, за очекување е и гласачите соодветно да реагираат и ја отсликаат неговата непостојаност и лабилност. Истото важи и за Таравари, по сите прелетувања од еден во друг табор, на крај неговото „шетање” ги принуди гласачите да се определат за компромитираниот, а сепак предвидливиот Османи.

Изборните резултати  се јасна и видлива демонстрација на осветничко настроено гласање на граѓаните. Но за разлика од убедувањата дека овој резултат е некаква справедлива освета за третманот на Груевски, попрво е дека „златната акција” на осветата е сервирана од некогашните анти-груевисти свртени со камшик кон раководствата на СДСМ и ДУИ кои така лесно, надмено, арогантно, потсмешливо ги фрлија под автобус сите оние кои со борба го рушеа Груевски и ги инсталираа „парфимираните салонаши” од Бихаќка. Желбата на Заев се исполни. Стигна камшикот. Но не од Европа. Туку од оние кои и тој, и Ковачевски, и Шеќеринска, и Маричиќ ги сметаа за безмалку малоумни суштества кои може да се контролираат и мамат со една единствена реченица: „е што, па да го вратиме Груевски?”. Таа банална уцена, таа одвратна симплификација и дрска манипулација едноставно провоцираше дрзок одговор. Кој на крај им беше испорачан како казна за една партија преполна со стратези и испразнета од играчи.

Колку и од ВМРО да сакаат да не убедат во спротивното, добар процент од гласачите на конто на Сиљановска не беа мотивирани од убеденоста во неа, колку што беа наострени истата да ја искористат како камшик на одмазда. Но тоа не ја намалува нејзината убедлива победа. Која однапред не беше спорна како исход, но беше шокантна како квантитет кој ги става под прашање изводливостите на било која од формулите за нејзин пораз во вториот круг. Иако е извесно, сепак е некоректно Сиљановска уште отсега да ја прогласиме за President elect. Подеднакво како што е упатно да ја препознаеме поетската правдина во нејзиниот избор. Онака како што Пендаровски беше избран според логиката „било кој освен Иванов”, така и победата на Сиљановска се должи на истата матрица „било кој друг, само не Стево”.

Идилата на победата

За разлика од јасниот финиш во македонскиот кампус, резултатот во албанскиот изборен дуел е далеку покомплициран. Евидентниот пораз на Таравари ќе беше далеку полесно сварлив за опозицијата доколку ВЛЕН уште од јануари не ја ширеше погубната мантра на свршен чин дека „готово е, ние сме победници”. Цената на таа умисленост и превисоко дигање на очекувањата сега доаѓа на наплата како студен туш на отрезнување. Па така, иако процентуалната разлика помеѓу Османи и Таравари не е толку голема и е подложна на пресврти на парламентарните избори, психолошкиот моментум премина на страна на ДУИ – и тоа по вина на раководството на ВЛЕН. Тој моментум дополнително добива на значење по синоќешната (свилена) порака на Мицкоски до ВЛЕН. Речиси како нарачана од ДУИ.

Сепак и во триумфот на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ има темни точки кои ја рушат идилата на победата. И двете партии бележат значаен пад на гласачкото тело во споредба со изминатите избори, особено оние од 2016 година. Оправдувањата дека тоа се должи на масовното иселување се веродостојни, но по цена на отварање на друго прашање, она за ниската излезност на гласачите. Сегашната и онака загрижувачка бројка од едвај 50 отсто излезност е дополнително алармантна доколку се стави во контекст на претходните излезности пред цунамито на иселувања. Половичната (не)излезност укажува дека веќе не станува збор за минлив тренд, туку за етаблирана култура со сопствена порака.

Претседателски избори 2024 Северна Македонија
Во политиката сѐ е можно, но не поради политичарите, туку поради гласачитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

А таа порака е дека надвор од пропагандистички наметнатите наративи, Македонија има поделено  гласачко тело, при што доминантниот дел (на неизлезност) не верува ниту во национализмот на Мицкоски, Ахмети, Сиљановска ниту во евро-интеграциските лимонади на Ковачевски, Пендаровски, Таравари. Состојбата е уште покомплицирана доколку прифатиме дека огромен дел од вчерашните гласачи се воглавно партиски војници и клиентелисти. Што уште повеќе ја засилува доминацијата на главнината на гласачкото тело кое бара нешто друго, нешто поинакво и нешто што ниту една од политичките партии и кандидати ниту го препознава, ниту умее да го дефинира, ниту знае како да го експлоатира.

Остра поделба

Дали победата на Сиљановска е предвесник дека е извесно да се исполни желбата на ВМРО-ДПМНЕ за 61 пратеник? Бројките укажуваат дека тоа сценарио е реално, сега засилено и со предиспозицијата на „сончогледите” секогаш да бидат со победниците. Од друга страна, оваа рунда на гласање беше своевидна масивна анкета на популарноста, која може, но и не мора да се преслика врз парламентарните избори во кои односот е сепак поинаков отколку во претседателските. Но тоа е мала утеха за СДСМ, токму поради профилот на кандидатите кои не се разликуваат премногу од оној на Пендаровски. Поради што, водечката опозициска сила овој пат – и за прв пат – нема да биде СДСМ, туку албанските политички партии, според бројот на освоени мандати.

Оттаму, оние на кои не им се допаѓаше предупредувањето од 2016 година дека манипулацијата со етничкото во градење „едно општество за сите” врз темели од песок на крај ќе заврши со она што сега го сведочиме. А тоа е остра поделба помеѓу етничките партии во кое речиси веќе нема место за било кој спунт или тампон зона. ВМРО-ДПМНЕ ја заокружи кампањата на градење „македонско етничко единство”. Но по цена на зародиш на „албанското етничко единство” кое колку и да посакува да го амортизира преку сеење раздор помеѓу албанските партии, на крај ќе резултира со соочување со истата матрица која го донесе на власт – но сега од албанска страна. Една мобилизација предизвикува друга мобилизација.  Мицкоски се изјасни  дека посакува во неговиот шатор да го угости Таравари и ВЛЕН, но тоа е само увертира во уште поголемо јакнење на албанскиот фактор оставен надвор од шаторот и рапидно слабеење на „чесните Албанци” во скутот на ВМРО.

Доколку би требало да ги именуваме губитниците од овој изборен круг,  тоа секако се Џејмс O’Брајен,  Анџела Агелер, Дејвид Гир кои по сите предупредувања за „мачки во вреќа и половни коли” на крај добија порака дека политиката на наслонување врз сикофанти и здосадени репризни сценарија порано или подоцна завршува со болни порази. САД и ЕУ со години, море децении, не сакаат да ги слушаат предупредувањата за последиците на конфузните политики во кои веќе – токму поради нив – веќе не се знае што е проевропско, а што происточно.  Сетики нема да ги слушнат ни сегашните предупредувања дека формулата за решавање на уставните предизвици преку аминување на стратегијата „меко кон Бугарите и тврдо кон Албанците” на крај повторно ќе реши помал проблем преку предизвикување на уште поголем и тешко решлив проблем.

Претседателски избори 2024 Северна Македонија
На првиот круг од претседателските избори 2024 излезноста беше нискаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Дотолку повеќе што токму „мудрите и визионерски” политики на САД и ЕУ ја уништија, пеплосаа и за децении ред елиминираа социјалната антикорупциска, антиолигархиска и антиелитистичка согласност и солидарност како единствената врзивна, надетничка спона која и доведе до рушење на Груевски. Слепото фаворизирање на Груевски во периодот 2006-2012 од САД и ЕУ, наследено со слепо фаворизирање на ДУИ во периодот 2016-2023, без никаква спремност да се слушнат, да се земат во предвид предупредувањата дека е погубно етничките прашања да се сведат на олигархиско-клановски профитерски интереси маскирани со етнопартиски предзнаци, на крај резултираа со рушење на базичните кохезиони врски кои општеството – или општествата – ги држеа барем на минимум линија на согласност. Флертот на САД и ЕУ со периодични експлоатации на де овој, де оној национализам, на крај финишира со цементирање на национализмот како константа и имиџ на САД и ЕУ како превртливи мешатари со домашните ни најниски пориви.

Како и да е, да почекаме како ќе се одвиваат нештата во следните две недели и на изборното парламентарно соочување. Во политиката сѐ е можно, но не поради политичарите, туку поради гласачите. Но среде сето пребројување на гласачите кои гласаа, мудро би било со едно око да се следат и со едно уво наслушуваат  пораките на негласачите,  како доминантно тело. Нивниот молк може да биде надежен, колку што може да биде злокобен, бидејќи токму тие се семето на поразот скриено во секој триумфализам на часот. Да повторам,  Мицкоски со Силјановска  ја прими пораката дека неговото посакувано национално единство е недостижно, подеднакво како што Ковачевски, Ахмети и Таравари треба да разберат дека баладите за ЕУ иритираат кога доаѓаат од корумпирани ноти. Затоа, кажано со традиционалната саркастичност на домашното сеирџиство, сумираната парола од вчерашните избори е „ви помина ли меракот?” Бидејќи, Македонија вчера гласаше „против”. Допрва, на 8 мај, ќе се гласа „за”.

Related posts

„Терористи“, „херои“, „Срби“

admin

Неформална империја

admin

122 години oсаменост

admin

ШТО (КОЈ) СТОИ ЗАД ПРОТЕСТИТЕ ПРОТИВ „ЦАР БОРИС“?

admin

ЗОШТО НЕ СЕ НАЦИОНАЛИЗИРА ЕНЕРГЕТСКИОТ СЕКТОР?

admin

Интеграција која дезинтегрира!

admin