Во пресрет на денешното врачување на мандатот за формирање на владата, Ахмети порача дека ВМРО-ДПМНЕ нема мандат да прави селекции и да ги понижува Албанците во Македонија.
Ланскиот, 21-ви роденден на ДУИ, интегративците го одбележаа со пораки испратени од различни локации – врвот на ДУИ од дебата во Скопје, а тогашната фракцијa на „огнените” со пораки од Тетово. Фракција веќе не е фракција, туку организирана во политички субјект кој стана дел од стана дел од Коалицијата Вреди, а таа е дел од новото мнозинство и на чекор пред влез во идната влада. Мандатот за формирање на владата денеска напладне претседателката Гордана Сиљановска Давкова, ќе му го врачи на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во пресрет на тој чин, од синоќешната прослава на 22-годишнината од формирањето на ДУИ во гостиварска Долна Бањица, Али Ахмети испрати уште една порака – дека ВМРО-ДПМНЕ има мандат да ја води извршната власт, но нема мандат да прави селекции и да ги понижува Албанците во Македонија. Тој изрази уверување дека заедно со меѓународните центри на одлучување ќе ја надминат и оваа конфронтација.
„Оваа конфронтација не е потешка од онаа во 2001 година, не е потешка од конфронтацијата што ја имаме со земјите од регионот. Но, мора да престанеме со болните амбиции на политичката партија – на која не и го ускратуваме мандатот да ја води извршната власт – но таа нема мандат да прави селекции и да ги понижува Албанците во Македонија. Албанците имаат имаат толку крв во РСМ, за да одлучат за себе”, порача Ахмети.
Гир не ја коментира декларацијата на Фронтот
Неодамна усвоената политичка декларација за изборен легитимитет која Европскиот фронт предводен од ДУИ најави дека ќе ја испрати до сите локални и меѓународни институции, досега не предизвика некаков фидбек. На прашањето – како ја коментира таа декларација на испратена до сите меѓународни институции, евроамбасадорот Дејвид Гир одговори дека како амбасадор на Европската Унија не е соодветно да коментира внатрешни политички случувања во земјата.
„Очекуваме во најбрзо време да се формира стабилна влада која ќе ги преземе сите неопходни чекори за имплементацијата на сите реформи, со цел што е можно поскоро да ја зачлени земјата во Европската Унија. Ќе соработуваме со сите политички чинители кои ќе работат на постигнување на таа цел, за достигнување на пристапниот процес на земјата и колку што е можно поскоро да го поддржат членството на земјава во ЕУ”, изјави Гир на отворањето на Европската куќа во Тетово.
Според него, Преспанскиот, Охридскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија, секој на различен начин, имаат донесено значителни придобивки за земјата и затоа за ЕУ е од огромно значење да се работи на целосна имплементација на трите договори.
Само победи 22 години
На тие договори вчера се осврна и Ахмети. Ги наброи сите изборни циклуси во кои ДУИ извојувала победи, како и општествените процеси во кои партијата имала влијание – евроинтеграцискиот пат, зачленувањето во НАТО, Охридскиот договор, употребата на албанскиот јазик во институциите, учеството на Албанци во власта. „Ова патување го започнавме од нула, а денеска го завршуваме со првиот премиер Албанец и 14 министри Албанци од вкупно 16 ресори, пресмета Ахмети.
На политичките противници им порача да се подготват за новиот предизвик на локалните избори следната година.
„Жалиме што Ахмети се мачи да ја прифати реалноста дека ќе биде опозиција“, одговорија од Коалицијата Вреди.
Во нивната реакција се осврнаа и на медиумиски наводи, дека еден пред пред изборот на Африм Гаши за претседател на Собранието, претставници на ДУИ на најблиските соработници на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ предложиле наместо Вреди тој да ја земе ДУИ во владата, без собраниски спикер и со 4 министерски ресори, но Мицкоски ги одбил.
„Добро би било да објасни на своите гласачи дали е точно дека на Мицкоски му понудил да избере само 4 министерства кои би му ги дал на целиот Европски фронт без собраниски спикер, за да влезат во неговата Влада наместо Вреди? Да видиме кои се тие кои без срам и перде коленичат да влезат во Влада токму со оние кои во кампањата ги обвинија дека работат за Путин и Русија?“, прашуваат од Вреди.
На Ахмети му порачаа да престане да го руши и она малку што останала од митот за неговиот лик и дело од 2001, по аферите со „Соравија” и казино бизнисите.
„Недозволиво е еден човек кој пред 25 години се борел за правата на Албанците, сега да предизвикува омраза меѓу Албанците само за да обезбеди амнестија за своите корумпирани функционери. (…) Ниту една лична кариера не е поважна од сигурната иднина на Албанците во ЕУ“, се вели во реакцијата на Вреди.
Во новата влада, според неофицијални информации, се очекува кадри на Вреди да раководат со ресорите здравство; економија и труд; социјална политика, демографија и млади; животна средина; европски интеграции; нивен кадар да биде задолжен за политики за добро владеење, од нивни редови да биде првиот вицепремиер, и да имаат 7 заменици министри.
Сценарио за меѓуетнички тензии?
Од „Вреди“ вчера реагираа и за инцидент, во кој капетан на АРМ, етнички Албанец, бил претепан од кандидати на селективниот курс за избор на нови припадници на елитната армиска специјална единица „Волци“.
„Како може ваков скандал да помине без одговорност дури и од техничкиот премиер Талат Џафери и од в.д. министерот за внатрешни работи Назим Буши? Дали е ова некое антиалбанско сценарио подготвено од Владата сега веќе во заминување за да создаваат меѓуетнички тензии?“ прашаа од Вреди.
Формирана е комисија која треба да го расчисти случајот и да ги испита гласините дека инцидентот бил исцениран за да се поттикнат меѓуетнички тензии пред стартот за формирање на новата влада. /DW