Новата влада во Скопје ги уверува и сојузниците и Киев дека останува посветена на поддршката на Украина во одбрана од руската агресија.
Денеска, двајцата „најистурени“ министри во НАТО-релациите, за одбрана и за надворешни работи, на два различни настана, ја потврдија натамошната асистенција за Украина.
Владо Мисајловски тоа го пренел на средбата со украинската амбасадорка Лариса Дир.
„Целосна поддршка за одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и украинскиот народ. Покрај политичката поддршка која безрезервно ја имате, ќе вложиме дополнителни напори да помогнеме во вашата борба. Оваа војна мора да запре веднаш и на дипломатски начин да се реши“, рекол шефот на одбраната на состанокот со амбасадорката, информираат од неговото министерство.
Речиси истовремено, но на друга локација, министерот за надворешни работи ги собра на појадок амбасадорите на земјите-членки на НАТО акредитирани во Скопје. И тој, како и Мисајловски, потврдил дека новиот владин кабинет останува на линијата на цврста поддршка на Украина.
Работниот појадок беше организиран во пресрет на самитот на Алијансата кој идната недела ќе се одржи во Вашингтон и на, покрај одбележувањето на 75-годишнината од формирањето на Алијансата, главна тема ќе биде токму руската агресија и начините за натамошна помош за Украина.
„Со донесување вистински одлуки на Самитот се надеваме дека ќе обезбедиме Украина да опстои како суверена држава, да ја зачува својата слобода, независност, територијален интегритет и суверенитет во рамки на признатите граници. Сојузниците вложуваат напори да подготват сеопфатен пакет за Украина кој треба биде еден од најзначајните исходи од овој самит. Како еден од сојузниците остануваме посветени на натамошно зајакнување на водечката улога на НАТО во координација на безбдносната помош за Украина.“, изјави Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи на Северна Македонија.
Македонската делегација во Вашингтон ќе ја предводи премиерот Мицкоски што ќе биде негово прво учество на ваков значаен собир по преземањето на функцијата. Таму ќе биде и грчкиот премиер Мицотакис кој најави дека Мицкоски може да се соочи со „непријатно искуство“ во Вашингтон поради прашањето за „ерга омнес“ употреба на уставното име Северна Македонија.
„Па тоа беше постара изјава на господинот Мицотакис. Се надевам дека ќе го задржиме достоинството и ќе разговараме како партнери и добри соседи, ако дојде до таков разговор, ако не дојде се надевам дека набрзо ќе дојде. Нашиот став како влада е дека сакаме добра соработка како соседи, дека сакаме да градиме мостови на соработка, а тоа е двонасочна улица. Досега биле навикнати на политичари на еднонасочна улица, но ние сме политичари кои сакаме двонасочна добрососедска улица.“, изјави премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски.
Грција остро реагира на односот на новата влада кон „Преспа“, вклучувајќи ја и претседателката Сиљановска-Давкова, и смета делумната употреба на уставното име претставува кршење на договорот потпишан меѓу двете земји во 2018 со кој меѓудругото се отвори патот за зачленување на земјата во НАТО. /VOA