-1.2 C
Скопје
13 декември, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Славење на мирот во „ничија земја“!

23-годишнината од Охридскиот договор беше одбележана во „ничија земја“, за чија власт се води преку политичка битка. Честитки!

Пишува: Џелал Незири

Денес, кога се слави 23-годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор, не беше отворена темата за која мислам дека е клучот за трансформацијата на Северна Македонија во модерна функционална држава. Власта и опозицијата посебно го прославија овој документ кој донесе мир во 2001 година, оставајќи впечаток дека се работи за два сосема различни договори. Панел-дискусии имаше и во двата табора, но повторно не ја отворија темата која е извор на сите проблеми во државата.

Таа тема има врска со прашањето кој е сопственик на државата или кој ја поседува. Следствено, оваа тема ја имплицира и љубовта кон „имотот“ и подготвеноста на човекот да се жртвува за него. Честопати пишував за нацијата како поим, кој според Џанфранко Поџи е „секуларна религија“ која ги држи граѓаните обединети, вљубени во државата и подготвени да се жртвуваат за неа. Во овој случај, сакам да го задржам фокусот на „сопственоста“ врз државата и љубовта кон неа.

Љубовта кон државата се нарекува патриотизам. Имаме ли ние патриоти? Декларативно – во мнозинство. Реално – многу малку или воопшто.

Проблемот е уште подлабок. И по три децении независност, РСМ сè уште нема дефинирано што е државата, кому треба да му служи и во чија сопственост треба да биде. Племенскиот пристап кон државата, или обидот за етничко и политичко присвојување, се чини се претвори во трка која не завршува со објавување на изборните резултати, туку претставува постојана непродуктивна кампања.

Тие се главно популистички наративи, создадени со „продажба“ на лажна надеж, со неосновани ветувања и засилени со сеење чувство на страв и омраза кон „другиот“. Тие се наративи кои ги мобилизираат милитантите на политичките партии, но не отвораат суштински и значајни дебати кои го поттикнуваат обичниот граѓанин да се вклучи во демократските процеси.

Има фрустрација кај двата најголеми етникуми: на етничките Македонци им се вбризгува страв дека „Албанците им ја земаат државата“, додека етничките Албанци стравуваат дека „не се рамноправни во својата земја“.

Всушност, тука лежи главниот проблем: перцепцијата на државата како сопственост на една или друга етничка група, а не како апарат што треба да им служи на сите граѓани (државјани кои плаќаат даноци за да добијат услуги), без разлика на нивната етничка, верска, географска, полова и други идентитети.

Етничкиот натпревар околу сопственоста врз државата во суштина ја венее идејата за постоење на државата. Оваа трка, очигледно, максимално ја искористуваат политичките партии, кои празнењето на државните каси (полнети со пари на граѓаните) го покриваат со големи знамиња на етнички каузи. Поттикнувањето страв и омраза кон „другиот“ често значи меѓуетничка омраза, страв од оној кој е културно различен. Етнонационализмот, колку и да е штетен за земјите со мултиетнички општества, сепак се користи во речиси сите изборни процеси. Тоа е форма која собира лесни гласови, гласови за кои не ви треба платформа или проекти за да ги соберете, туку само страв и омраза. И овој корпус на гласови не е мал во Северна Македонија. Речиси сите политички партии го користат етнонационализмот за да се промовираат како чувари на својот народ од опасностите што доаѓаат од другите народи. Откако ќе се создадат овие две крајности, тие потоа се хранат еден со друг. Етнонационалистичка изјава дадена од еден табор индиректно му помага на политичкиот табор од другата крајност.

Без разлика на високото ниво на патриотизам прикажан во кампањите, државата продолжува да тапка на место. Здравството и образованието зафатени од екстремна партизација, инфраструктурата смачкана од повеќемилионските злоупотреби, катастрофален животен стандард (за обичниот граѓанин), немање правилни даночни политики, застој на европската интеграција… се само дел од фаталните неуспеси. Македонците, Албанците и другите етнички групи сносат колективна вина, сразмерно со нивниот процент. Во случајот на политичките партии, вината е сразмерна со изминатите години на власт.

Парадоксот овде е што постои етничка трка за тоа кој е сопственик на државата, додека резултатите говорат за негрижа за толку посакуваниот „имот“. Постои лажна љубов кон државата, лицемерие кое стана прифатлива општествена норма. Партиите ја сакаат државата додека се на власт, но сакаат да ја уништат кога се во опозиција. Тоа значи дека тие сакаат власт, а не држава. Граѓаните ја сакаат државната работа, но не се грижат да ја заштитат од коруптивниот залет на нивните партии.

Северна Македонија, всушност, е ничија земја. Очигледно секој има резервна држава од каде може да си го земе пасошот, таа членска книшка на некоја друга нација. Овде се чини дека сите се заинтересирани за власта, за нејзините бескрајни придобивки, за чудесните тендери кои преобразија толку многу политичари од социјални случаеви во елитни бизнисмени.

23-годишнината од Охридскиот договор беше одбележана во „ничија земја“, за чија власт се води преку политичка битка. Честитки!

Related posts

Десни, подесни, и крајно десни

admin

ЌЕ ИМА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ ВО 2023 ГОДИНА?

admin

Ода на глупоста

admin

НЕВИДЛИВА ДИСКРИМИНАЦИЈА

admin

Албанците ќе завладеат со Македонија?

admin

Сите сме под настрешницата

admin