Србите јасно покажаа дека не сакаат повеќе да живеат како досега
Пишува: Николaј Крастев
Србите јасно ставија до знаење дека повеќе не сакаат да живеат под авторитарниот систем на претседателот Александар Вучиќ и да бидат управувани од него. Србија влегува во сè пожешка фаза на внатрешнополитичко незадоволство, со протести што практично не престануваат уште од 15 март, кога според различни проценки, меѓу 350 и 500 илјади луѓе излегоа на улиците.
Денес, блокадите и протестите се најзабележителни во централна и западна Србија, а блокирањето на автопатот кон Златибор — популарно планинско одморалиште — стана симболичен гест на одбивање на досегашниот начин на живеење. На 28 јуни — Видовден, симболично тежок ден за српската историја — илјадници граѓани, предводени од студенти, порачаа дека повеќе не прифаќаат да живеат под авторитаризмот на Вучиќ.
Одговорот на Вучиќ: репресија
Претседателот возврати со репресии. Следуваа апсења, притисоци врз студенти и нивните професори, и блокади на Белград и други големи и средни градови. Наместо да го смири незадоволството, власта го разгоруваше.
На самиот Видовден, Вучиќ организираше митинг на неговото надпартиско движење, обидувајќи се да го искористи симболизмот на денот — денот на битката на Косово Поле од 1389 година и атентатот врз Франц Фердинанд во 1914 година — за да ја засили својата нарација за правда по негови мерила. Видовден има митска тежина за српската политика: токму на овој ден во 1989 година, Милошевиќ ја почна трансформацијата на Југославија, што заврши со војни и распад. А на Видовден 2001 година, токму тој беше екстрадиран во Хаг. Сè започнува и завршува на Видовден — забележува авторот.
Студентите го свртеа погледот на Европа
Од пролетта, студентите ја водеа протестната машинерија. Со велосипедски марш и маратон низ Европа, тие стигнаа до Европскиот парламент во Стразбур за да ја претстават својата борба — против корупцијата и непотизмот, против системот, не само против поединци. Сакаат нов систем пред нови избори.
По Велигден, тие го преминаа својот политички Рубикон: побараа предвремени избори и сопствени листи. Вучиќ одби. Според независни анкети, неговата партија не би победила. Истражување на НСПМ покажа дека заедничките листи на студентите би добиле 43,6%, а Вучиќевите – 33,5%.
Пирова победа и нов технократ
Динамиката на внатрешната политика се покажа и на локалните избори во Косјериќ и Зајечар, каде власта со тешка манипулација обезбеди тесна победа. Но наместо стабилност, тоа предизвика дополнителни протести и повторување на гласањето.
Вучиќ направи нов потег: ја смени владата на Милош Вучевиќ и постави технократ — Ѓуро Мацут. Со тоа доби уште година и пол политички кислород, време што го врзува со реализација на проектот EXPO-2027 во Белград, вреден околу 10 милијарди евра — златен рудник за коруптивните кругови околу власта.
Тактиката: одолжување и замор
Целта е јасна: да се купува време и да се истроши протестниот ентузијазам на студентите и опозицијата. Европската комисија, пак, покажува ново лице. Комесарката Марта Кос изјави пред студентите дека нивните прашања се и прашања на Брисел. Тоа беше порака дека Брисел се откажува од пасивната улога и од приоритетите на германско-француските економски интереси во Србија.
Вучиќ, пак, рече дека ништо не очекува од посетата на Кос, барајќи „поголема објективност“ од ЕУ. Во интервју за N1, таа порача дека протестите се легитимна форма на незадоволство и дека власта мора да го слуша народот. „Тие сакаат истото што и ние: борба против корупцијата, владеење на правото, слобода на медиуми“, рече Кос.
„Српскиот свет“ како сопирачка
Во Белград со недоверба гледаат и на новиот известувач за Србија во ЕП — Тонино Пицула. Во интервју за „Јутарњи лист“, тој рече дека Вучиќ би сакал да предизвика инцидент во Северно Косово, но нема повеќе кредити по нападот во Бањска. Сега, според него, стратегијата му е дестабилизација без отворена сила.
Пицула е дециден: Србија нема да влезе во ЕУ без признавање на Косово и напуштање на проектот „Српски свет“, копија на руската доктрина за „руски свет“. Тој додава дека Вучиќ го користи ЕУ како банкомат, а народот го труе со наративи за братска љубов со Пекинг и Москва, додека Западот го демонизира.
Сценарио 2000 повторно?
По завршувањето на протестот на Видовден, Вучиќ ги нарече студентите „националисти и руски агенти“. Пицула предупредува: додека Србија не се откаже од „Српскиот свет“, ќе остане проблем за регионот. Неговите зборови се во согласност со изјавата на претседателот на САД, Доналд Трамп, кој откри дека Вашингтон го спречил избувнувањето на нова војна помеѓу Србија и Косово.
Долгото владеење на Вучиќ демотивираше многумина за европската иднина на земјата, особено по нападот на Бањска на 24 септември 2023 година, кога вооружена српска група нападна косовско село. Милан Радојичиќ, близок со Вучиќ, ја презеде одговорноста и побегна во Србија. Таму не само што не е обвинет, туку е и заштитен.
Москва му ја врти грбот
Последните недели и Москва сигнализира дека Вучиќ ѝ припаѓа на историјата. Александaр Дугин, блиску до Кремљ, изјави: „Сите Срби сакаат Вучиќ да си оди“. Првата причина е што Белград, преку Бугарија и Чешка, ѝ испраќа оружје на Украина. Втората: Вучиќ беше на антикремљска конференција во Одеса. Иако не потпиша ништо, Москва го доживеа како удар.
На Парадата на победата во Москва Вучиќ беше присутен, но сегашната политика на Белград повеќе не се смета за пријателска. Опкружен со притисоци, неговите опции се сведуваат на едно: да го зголемува внатрешното напрегање и да извезува нестабилност.
Ќе стане ли Вучиќ „вишок човек“, како Милошевиќ во 2000 година, кога САД и Русија постигнаа тивка согласност за негова смена? Дали тој момент ќе дојде наскоро, останува да се види.
Проф. Бојан Пајтиќ, поранешен премиер на Војводина и лидер на Демократската партија, предупреди: ако студентите не успеат, Србија би можела да тргне по патот на Северна Кореја или Белорусија. А тоа, со Балканот што врие, не е добар исход.
Авторот бил дописник на БНР од Белград за Србија и Западен Балкан и е добар познавач на процесите во регионот.
Извое: Capital.bg

