8.8 C
Скопје
8 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Дезинформациите ги подгреваат климатските промени

Главна храна на теоретичарите на заговор им се дезинформациите. Некои од нив не се ни свесни за опасностите од ширењето на овие теории. Тие ја одложуваат итната акција што треба да се превземе од сите граѓани во спречувањето на загадувањето на воздухот, спречувањето на стакленичките гасови и загревањето на планетата. Македонија ќе биде се посува и потопла.

 

Пишува: Кристијан Трајчов

Извонредно топлото лето е резултат на ХАРП – Високо фреквентна активна истражувачка програма на поларната светлина. Поплавите што се случуваат во делови од светот се продукт на сатаната. Вакви дезинформациски објави главно по социјалните мрежи се чести толкувања на климатските промени, во кои некои наши сограѓани одбиваат да веруваат.

Факт е климатските промени во Македонија го достигнаа својот врз ова лето. По неговото завршување ќе може да се направи споредба со изминатите години. Официјалните мерења покажуваат дека највисоки вредности на годишни температури на воздухот се забележани во Гевгелискиот и Валандовскиот регион, каде што просечната вредност е повисока од 14°C. Најстуден месец во Македонија е јануари, а во просек јули е најтопол месец. Највисока измерена температура во Македонија е измерна на 24 јули 2007 година во Демир Капија и истата изнесувала 45,7 С.

Фреквенцијата на топлотните бранови 2 исто така е зголемена од 1987 година наваму. И за разлика од првата половина на периодот, топлотен бран е забележан речиси секоја година од 1987 година. Температурите на воздухот во 2020 година во Македонија продолжија да ги одразуваат трендовите на затоплување на планетата, со позитивна аномалија од нормалата.

Наспроти видливите ефекти на климатските промени врз природата и животот и активностите на човекот, сѐ уште постои група на луѓе која верува дека климатските промени се лага и дека такво нешто не постои, а некои одат дотаму каде тврдат и дека некој го прави времето како што му одговара.

Постојат повеќе дезинформации поврзани со климатските промени.

Едни од тие се дека климатските промени се резултат на ХАРП (Високо фреквентна активна истражувачка програма на поларната светлина кој е заеднички проект од различни партнери: индустријата, американското министерство за одбрана и бројни универзитети ширум САД) или дека некој нѐ прска со авиони.

Рецензијата на Вистиномер во самиот текст го негира ова.

„Научните докази продолжуваат да покажуваат дека човечките активности (првенствено човечкото согорување на фосилни горива) ја загреале површината на Земјата и нејзините океански басени, што пак, продолжува да влијае врз климата на Земјата. Глобалното затоплување предизвикува зголемување на просечната температура на површината на Земјата. Ова не само што ги зголемува веројатните топлотни бранови и суши, туку, исто така, предизвикува промени во нашите природни климатски системи. Овие промени ги прават екстремните временски настани поверојатни и посериозни“, стои во рецензијата.

Постои и друго тврдење, односно дезинформација а тоа е дека поплавите се случуваат затоа што под земјата се наоѓаат сатански бази.

„Силните врнежи на дожд кои што ги предизвикаа сегашните, но и претходните поплави се, всушност, резултат на климатските промени кои го зголемуваат испарувањето и на тој начин повеќе водена пареа доаѓа до атмосферата. Ова е причина за поинтензивни врнежи од дожд и поплави во некои области, или поекстремни суши во други. Потоплите температури на океаните ги интензивираат тие климатски обрасци, а генерално повисоките температури доведуваат до почести топлотни бранови“, се наведува во оваа рецензија.

За подобро да се објасни терминот климатски промени, разговаравме со луѓе кои се занимаваат со оваа проблематика.

Еден од тие е Горјан Јовановски, еко-активист кој вели дека климатските промени се долготрајни промени во глобалните или регионалните климатски шаблони, најчесто предизвикани од зголемување на концентрациите на стакленички гасови во атмосферата. Овие промени вклучуваат пораст на температурите, суши, поплави и други екстремни временски непогоди.

„Во Македонија климатските промени доста добро ги осетивме оваа година. 2023 веќе го собори рекордот на најтопла година во светот, а 2024 е на пат лесно да ја помине 2023. Кај нас забележавме екстремни температури чести екстремни временски настани како бури и поплави“, вели Јовановски.

Тој додава дека многу луѓе во државата не веруваат во климатските промени поради недостаток на едукација и изложеност на дезинформации.

„Недоволната информираност и политичката поларизација исто така придонесуваат за оваа скептичност. Мислам тука дека и еден од главните фактори е недовербата кон авторитетот, со честите лаги на политичарите, секој тип на авторитет се гледа со скептицизам, или дека на некој начин му штети на граѓанинот“, додава тој.

Експертот за климатски промени Столе Георгиев вели дека Македонија се наоѓа на подрачје кое е многу ранливо за климатските промени.

„Иако највисоката температура во државата од 45 степени е измерена во 2007 година во Демир Капија, сепак ние близу да ја имаме сличната температура, но скоро насекаде низ државата. Согласно сценаријата, особено во летниот период, се очекува се почесто да ги имаме овие топлотни бранови каде настанува суша, нема врнежи, а тоа многу ќе се одрази на земјоделските површини. Исто така, актуелни се и шумските пожари каде не би рекол дека шумите се само запаливи иако во моментов имаме ниска вегетација и слаби врнежи, сепак мислам дека пожарите кои ги имаме во моментов се предизвикани од човечки фактор, дел од невнимание, а дел намерно“, вели Георгиев.

Пандемија за научниците- Пландемија за теоретичарите на заговори

На социјалните мрежи постојат и теории дека по ковид пандемијата, следната криза со која ќе се соочи светот се климатските промени, кои во стилот на теоретичарите на заговор се нарекуваат „пландемија“.

„Наспроти ваквите гледишта, глобалното затоплување и климатските промени се научно докажани – и тоа со децении наназад. Всушност, истражувачите откриле дека климатските промени започнале пред повеќе од 180 години, на почетокот на Индустриската револуција. Во Извештајот за проценка на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC), научници од 195 земји пишуваат дека има сè поголеми докази за временските екстреми, како што се топлотни бранови, обилни врнежи, суши и тропски циклони. Дополнително, тие нашле доказ за човечкото влијание во глобалното затоплување“, стои во оваа рецензија.

Во однос на свеста на луѓето околу овој проблем, Георгиев вели дека луѓето всушност на моменти не се свесни за нивното влијание во однос на климатските промени, а интересно е што наводно се загрижени за нив.

„Обично оние луѓе кои најмногу се свесни за проблемот со климатските промени се луѓето од научната фела и кои се занимаваат со тоа. Проблемот со климатските промени е што самиот проблем е невидлив, луѓето не го гледаат пред себе за доволно да бидат свесни и да се обидат да направат нешто за тоа. Сметам дека луѓето недоволно ја познаваат суштината и она што значат тие промени. Нашата земја сепак е многу мала за самата таа да даде некој особен придонес кон климатските промени, но е многу ранлива за да ги чувствува истите. Ние треба да размислуваме како би можеле да се адаптираме на климатските промени и како да се справиме со нив“, вели тој.

Горјан Јовановски вели дека оние кои имаат слободен час во денот, или во неделата, треба и тоа како да го волонтираат во здруженија што се борат и на локално но и на глобално ниво за вистински промени.

„Ако сакаме наредната генерација да не страда од недостаток на вода, од огромни температури, тогаш треба да делуваме денес. Ако сме океј да ги оставиме нашите деца да ги трпат последиците од нашата „неактивност“ зошто нам нѐ мрзи или кафето ни е поважна работа, тогаш подобро да смислиме како ќе се оправдаме пред нив за неколку децении“, кажа Јовановски.

Судејќи по објавите кои се шират по социјалните мрежи, се добива впечаток дека свесноста е навистина на ниско ниво и дека многу треба да се работи на ова.

Прскање со алуминиум

Уште еден пример за дезинформациите поврзани со климатските промени се дека наводно со трагите што ги оставаат авионите на небото намерно се постигнува редуцирање на сончевите зраци, односно дека ова е начин на борба против глобалното затоплување.

„Прво, белите траги (контрејлс) не се ништо друго освен случаен резултат од мешањето на топлината испуштена од млазниот мотор исполнет со водена пареа, со ладниот воздух. Второ и многу важно, тие не се борат со климатските промени. Тие ги забрзуваат. Трагите од авиони во одредени услови можат да се протегаат десетици километри. Ветерот може да ги рашири. Тие можат да се задржат со часови. Така, додека авион по авион ја минува истата рута низ воздухот, новите и старите контрејлс се мешаат и се акумулираат, формирајќи воздушни мешавини од ледени облаци. Научниците ги нарекуваат овие „contrail cirrus“ – облаци на голема надморска височина што можат да се прошират на стотици квадратни милји. Облаците ја задржуваат топлината што излегува од земјата којашто инаку би се упатила кон вселената, правејќи промена во топлината и климата на планетата“, пишува во рецензијата.

Таму уште се наведува дека научниците имаат докази дека модерните климатски промени се поттикнати од емисијата на стакленички гасови од човековите активности, првенствено согорувањето на фосилните горива.

Стакленички гасови како јаглерод диоксид, азотен оксид и метан ја задржуваат топлината во атмосферата, предизвикувајќи зголемување на глобалните температури на површината. Како резултат на тоа, просечната глобална температура се зголеми за речиси 2 степени од 1880 година.

Но, што претставуваат стакленичките гасови?

Тие се природни и вештачки гасови што придонесуваат за зголемување на ефектoт на стаклена градина кој влијае врз загревање на планетата Земја што настанува со нарушување на енергетската рамнотежа помеѓу количина на зрачење што Земјината површина го прима од Сонцето и го зрачи во вселената. Ефектот на стаклена градина, кој во минатото бил благослов за Земјата, во последниот век, засилен од човечките активности, се чини дека се претвора во сериозна закана.

Планетата Земја е опкружена од својата атмосфера која е составена од различни гасови. Некои од нив, како на пример јаглерод диоксидот, имаат исти својства како стаклените панели на една стаклена градина и не ѝ дозволуваат на топлината да ја напушти планетата. Затоа тие гасови се нарекуваат стакленички гасови. Понатаму, енергијата од Сонцето ја впиваат водите, почвите и живите суштества на планетата. Таа енергија постепено се враќа во атмосферата. Колку повеќе има стакленички гасови, толку повеќе топлина е заробена. Тоа се нарекува ефект на стаклена градина.

Ваквиот ефект се јавува како резултат на зголемување на количината на зрачењето кое од површината на Земјата не може да биде емитирано во вселената, туку атмосферата го впива и станува потопла.

Атмосферата на Земјата одбива дел (37-39%) од оваа енергија, додека остаток (поголем дел) паѓа на површина на Земјата и ја загрева. Земјата се ослободува од оваа енергија, така што ја праќа назад во вселената во облик на инфрацрвени зраци (зраци со поголеми бранови должини). Поголем дел од инфрацрвеното зрачење, емитирано од Земјината површина, се рефлектира од гасови што постојат во природата. Овие гасови спречуваат енергијата да помине кон вселената, така да зраците се враќаат назад кон Земјата и ја зголемуваат атмосферската температура. Оние гасови кои го задржуваат зрачењето се познати под називот стакленички гасови, а проблеми кои настануваат се познати под име глобално затоплување. Тоа се случува со атмосферата на Земјата во последниот век.

Македонија- потопла и посува

Според Националниот план за климатски промени кој го изработи Министерството за животна средина и просторно планирање минатата година, резултатите покажуваат дека Северна Македонија ќе има потопла и посува клима до 2050 година, со зголемување на топлите температурни екстреми и намалување на ладните температурни екстреми.

И покрај проекциите за посуви услови, се очекува зголемување на екстремните врнежи, што ќе резултира со зголемен ризик од поројни поплави. Во летниот период се предвидува зголемување на бројот на последователни сушни денови што ќе доведе до почести суши. Се очекува да се помести и вегетативната сезона, што ќе резултира со подолга вегетативна сезона. Климатските проекции покажуваат дека овие климатски екстреми, вклучувајќи суши, поплави и топлотни бранови, ќе се зголемат по фреквенција и големина во иднина.

Северна Македонија е особено ранлива на климатските промени и варијабилност, како и екстремни климатски настани. Најзагрозени сектори се водостопанството, земјоделството (растително производство, почва и сточарство), шумарството и биодиверзитетот.

Во однос на тоа зошто луѓето не веруваат дека климатските промени се реален и глобален проблем, Георгиев смета дека луѓето многу полесно веруваат во нешто кое не им е познато, а особено се нема доверба во науката бидејќи немаат желба да се информираат и да дознаат нешто повеќе.

„Луѓето се склони да веруваат во теории на заговор и особено за време на пандемијата тврдеа дека некој ги прска со алуминиум, како и дека климатските промени се предизвикуваат со ХАРП системите. Имаме огромен број на луѓе кои заработуваат токму преку ваквите лажни вести и тоа не само за прашања поврзани за климатските промени, туку и за други важни глобални прашања. Истите тие луѓе во исто време ќе заработат, но и ќе успеат да ги прошират таквите лажни вести со што се менува перцепцијата на луѓето за ваквите големи прашања. Ова е глобален проблем. Ако на пример ЕУ вложува и се бори да се намалат емисиите на стакленичките гасови, а државите надвор од ЕУ не го прават тоа, нема да има позитивен ефект“, смета тој.

Јовановски пак додаде дека поради ниската свест на луѓето околу овој проблем, вистинските експерти, оние кои се занимаваат со оваа проблематика, мора многу повеќе да се експонираат кон обичниот граѓанин.

„Со пишување и објавување тези, се таргетираат само мал дел на читатели. Тие мора да ги објаснат овие комплексни теми многу полесно, на места каде што ќе бидат видени и разбрани, а тука државата треба да игра огромна улога во промовирање на ваква содржина“, дециден е Јовановски.

 

Овој материјал е подготвен од страна на Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија, во соработка со Медиа Плус и Центарот за современи уметности во рамките на проектот „Дезинформации – креативно замаглување на умот” поддржан од Програмата за дигитален активизам на TechSoup Global.

 

 

Related posts

Петровска: Голем дел од буџетот на македонската одбрана е дониран на Украина

admin

Харадинај до косовската опозиција: Зошто се плашите да ме подржите да го рушиме Курти

admin

Кога Лукашенко го повика Пригожин, германските шпиони ги прислушувале

admin

Ковачевски контра ЕУ за Кривичниот законик – исти закони имаат европските земји

admin

ПОДКАСТ: Што мисли младината за своите партиски сениори? (ВИДЕО)

admin

Само 52% од компаниите имаат веб-страница, а над 94% користат компјутер!

admin