Без компјутери и телефони, поранешниот претседател Стево Пендаровски изминативе два месеци одржува средби во канцеларијата којашто му ја додели државата.
Два месеци откако поранешниот претседател Стево Пендаровски започна да користи службени канцеларии за прием и средби со граѓаните, но и со политичари од регионот и пошироко, во јавноста се отвора прашањето околу ангажманот на неколку лица во неговиот кабинет. ВМРО-ДПМНЕ во серија прес-конференција го нападна Пендаровски за „лажна скромност“, бидејќи наводно прво се откажал од користење на канцеларија, а потоа и дека побарал ангажман на четири, место на три лица во неговиот кабинет.
Пендаровски за ДВ вели дека е изненаден што ова прашање се наметнува како тема изминатиов период. Потенцира дека „не може на улица да се среќава со странски политичари или амбасадори“, поради што побарал да му се обезбеди некаков простор. Канцеларијата која што му ја додели државата ја користи веќе два месеци за средби со граѓаните и во неа се ангажирани три лица кои и претходно работеа во неговиот претседателски кабинет. Во меѓувреме се бара ангажман и на уште едно како логистика, кое што би било задолжено за одржување на компјутерските системи.
„Глумење скромност“
Од ВМРО-ДПМНЕ го нападнаа Пендаровски, обвинувајќи го за лажна скромност. „Тој рече дека не сака канцеларија за ден потоа експресно да побара“, велат од партијата. Според нив, на 14 мај 2024 година од Кабинетот на Пендаровски изјавиле дека тој не сакал да користи канцеларија, туку повремено, но бидејќи таа можност не постои во иднина ќе земел.
„Таа иднина очигледно веќе била на 15 мај, т.е. наредниот ден, кога Пендаровски побарал да му се дозволат средства за канцеларија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски, вели дека Стево Пендаровски глумел скромност и кога рекол дека во својот кабинет за поддршка ќе ангажира само три лица, за потоа да побара финансиски средства за ангажирани и на четврто лице.
Станува збор за лице кошто треба да се грижи за креирање и одржување на веб-страната на канцеларијата на поранешниот претседател. Според Пендаровски, симптоматично е што Службата за општи и заеднички работи има дадено согласност за ангажирање на три вакви лица во канцелариите на други поранешни претседатели, но го одбиле неговото барање.
„Се надеваме дека новото раководство на СОЗР не го прави тоа следејќи ги партиските директиви на ВМРО-ДПМНЕ“, велат од Канцеларијата на поранешниот претседател.
Канцеларијата се уште не е уредена
Пендаровски за ДВ вели дека првично побарал од тогашниот министер за надворешни работи, Бујар Османи да му биде отстапена само една канцеларија на користење во МНР. Но, не постоеле законски можности за такво нешто.
„Веднаш по завршувањето на мојот мандат испратив допис до МНР и побарав да ми овозможат користење на просторија за одржување средби со граѓаните и со меѓународните претставници, но, оттаму одговорија дека за такво нешто не постои ниту законска основа, ниту претходна политичка пракса. Затоа веќе наредниот ден испратив допис до Службата за општи и заеднички работи на Владата да ми обезбедат, согласно со законот, таква просторија, што беше реализирано во текот на јуни“, вели Пендаровски.
Поранешниот претседател објаснува дека се уште не е комплетно уредена канцеларијата којашто му е доделена од државата уште во јуни, по истекот на неговиот мандат. Без компјутери и телефони, поранешниот претседател сепак во меѓувреме одржува средби во оваа канцеларија.
Откажување од дел од бенефициите
Пендаровски претходно се откажа од дел од државните бенефиции – не зема претседателска пензија и се врати на професорската кариера. Вакво ветување тој го даде уште кога беше избран за претседател пред пет години.
Претставници на Министерството за внатрешни работи исто така ќе продолжат да го обезбедуваат поранешниот претседател во согласност со безбедносните проценки коишто ги прават.
Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство, Пендаровски може да користи низа бенефиции како пензија и канцелариски простор со најмногу до тројца стручни соработници, право на лично обезбедување, како и користење на службено возило и возач. Ваквите права ги користат поранешните претседатели Ѓорге Иванов и Бранко Црвенковски. /DW