8.8 C
Скопје
8 октомври, 2024
Inbox7.mk
ИНТЕРВЈУНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Јаневска: Нова стратегија за крај на лошите политики

Стратегиите за образование имаат континуитет – во секој период МОН се водело според одредена стратегија, но прашање е колку таа била добра и остварлива, вели министерката за образование.

Национална образовна стратегија, донесена со општ консензус, која ќе ги вклучи сите чинители во образовниот и научниот процес и ќе има за цел да го подобри квалитетот на образованието во државата – беше изборното ветување на ВМРО-ДПМНЕ. Од министерката за образование Весна Јаневска, побаравме одговори за резултатите од тековната Стратегија 2018-2025, за најавената потреба од нова и кои се промените што таа треба да ги донесе.

ДВ: Најавивте дека е потребна нова Национална стратегија за образование, со принципи за создавање квалитетен образовен систем и поддржана од сите партии, која ќе биде своевидна работна програма за развој и квалитет на образованието. Што и недостига на стратегијата 2018 -2025, кои се вашите клучни зaбелешки?

Јаневска: Најавивме крупни промени и секако, тие ќе бидат дел од новата Национална стратегија за образование што ќе ја подготвиме во следниот период и ќе има важност од 2026 година, затоа што постојната е со рок до крајот на 2025 година. Но морам да информирам дека најпрво ќе подготвиме документ – определба, декларација или можеби со друг назив, во кој ќе ги утврдиме принципите во образованието, како национален курикулум во основно и средно, реформи во високото образование со фокус и на педагошките факултети, мониторинг на квалитетот и слично. Документот ќе биде понуден на сите политички субјекти во државата, односно преку Собранието ќе се бара постигнување на национален консензус за тие принципи, односно генерални образовни политики, од кои понатаму нема да може да отстапува ниту еден министер и да спроведува „свои“ реформи.

Кои од мерките од стратегијата 2018-2025 досега се спроведени и какви се резултатите од досегашните реформи?

За сето тоа што досега е спроведено, се објавуваат годишни извештаи на веб-страната на Министерството за образование и наука. Важно е да информирам, дека не сето тоа што е наведено во стратешкиот документ, е спроведено. Веројатно не постоела доволна желба или немало доволен ангажман за остварување на поставените цели. Секако дека ќе направиме ревизија во крајниот период од имплементацијата на стратегијата, за да може со новата да ги надминеме постојните предизвици. Имаме доволно време и сигурна сум дека квалитетно ќе биде подготвена, реална и остварлива.

Кој ќе биде вклучен во изработката на новата стратегија за образование?

Многу чинители. Пред сé вработените во министерството и другите надлежни институции во областа на образованието. Потоа експертската јавност, меѓународни организации од кои особено ќе ги издвојам Светска банка, УНИЦЕФ, Делегацијата на Европската Унија, граѓанскиот сектор и така натаму.

Кoи мерки ги планирате во новата стратегија што досега ги немало, и кои ќе бидат клучните што ќе го стават образованието „во погон“ да донесе што поголем образовен квалитет и резултати?

Во фокусот ќе бидат квалитетни наставни програми и учебници за основците и средношколците. Воведувањето на едносменско работење и целодневна настава за сите ученици. Особен фокус на средното стручно образование. Подобрување на образовната инфраструктура и опременоста на училиштата. Дигитализацијата, менување на концептот на инклузија, реформи во високото образование, јакнење на капацитетите на високообразовните установи и поголема поддршка за нив и за научно – истражувачката дејност.

Колку и недостигот од континуитет во стратегиите може да предизвика штета и како ќе се мери дали има подобрување на квалитетот?

Стратегиите имаат континуитет. Во секој период наназад, Министерството се водело според одредена стратегија. Но, прашањето е колку таа била или е добра и остварлива, односно дали и колкав позитивен ефект предизвикува. Мислам дека со новата стратегија ќе ставиме крај на лошите досегашни политики кои ги спроведуваше раководството на МОН во изминатите седум години.

Дали во стратегијата ќе бидат предвидени рокови и проекција за буџетската сума што ќе биде неоходна за спроведување на мерките?

Апсолутно. Ќе постојат индикатори со кои ќе се мери тоа што се сработува, се до конечно реализирање на секоја една поставена цел. Не би можела да кажам во моментов износи за одделни мерки, но можам да кажам дека буџетот за образование постојано, од година во година ќе се зголемува.

ДВ: Ќе ги зголеми ли Владата буџетските средства за образование од 3,4 на 5 проценти од БДП со буџетот за 2025 година?

Не. Ова никогаш не сме го најавиле. Од 3,4 на 5% може да се зголеми буџетот етапно, во период од 4 години.

Буџетот за образование од година во година ќе се зголемува, најавува надлежната министерка Весна Јаневска (на фотографијата десно)
Буџетот за образование од година во година ќе се зголемува, најавува надлежната министерка Весна Јаневска (на фотографијата десно)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Поголемо буџетско издвојување води кон квалитет на условите во образованието, но не секогаш и кон квалитет на стекнатото знаење. Модерно опремени училници и лаборатории нема да значат многу, ако нема мотивирани наставници кои на најдобар начин ќе им го пренесат знаењето на учениците. Под мотивација не се подразбираат само плати, туку и атмосфера во која ќе работат без какви било притисоци или импровизации од реформи. Како ќе ги мотивирате наставниците?

МОН планира зголемување на платите во буџетот и тоа сигурно ќе се случи следната година, затоа што буџетот за оваа е оставен во минус од 5 милијарди денари од претходната Влада, односно не беа обезбедени ниту основни средства за исплата на плати до крај на годината. Така што, сегашното раководство обезбеди средства во износ од 1 милијарда денари за да можат до крајот на календарската година да се исплаќаат плати на наставниците. Но, сосема е јасно дека мотивацијата за работа на наставниците не зависи само од висината на платата. Дополнително ќе се заложуваме и за враќање на дигнитетот на наставничката професија преку обезбедување на повеќе можности за кариерен и професионален развој, преку обезбедување на подобри услови за работа во училиштата, наставни помагала, опрема. Тие ќе бидат вклучени во сите промени кои мора да се случат и веќе ја отвориме можноста да дадат свои мислења и сугестии за наставните програми, за Концепцијата. И најважно – ќе се заложиме да ја подигнеме свеста во општеството за важност на наставниците, кои всушност ја креираат иднината на државата.

Најавивте ревизија на Концепцијата за основно образование што ќе трае најмалку една година, не за нејзино укинување, туку за континуитет на добрите мерки, а за исфрлање на негативните. Кој ќе оценува што е добро и треба да продолжи, а што треба да запре?

Ревизијата на Концепцијата за основното образование е процес кој е започнат и во него учествуваат сите засегнати страни, а најважно е што се вклучени наставниците, односно оние кои за жал, претходно не биле консултирани и вклучени во креирањето на документот. Инаку, на овој процес претходеше одлуката за одложување на имплементацијата на Концепцијата за основно образование во седмо, осмо и деветто одделение. Причина за тоа се реакциите на наставниците кои во последните две години се соочуваа со бројни предизвици околу начинот на предавање на интегрираните предмети – историја и општество, природни науки и така натаму. Согласно со укажувањата, тие никогаш не добиле насоки за тоа како да предаваат, да спроведуваат тестови, да оценуваат. Нивните издржани сугестии ќе бидат дел од новите наставни програми што ќе ги подготви Бирото за развој на образованието и етапно ќе се воведуваат од следната учебна година и во наредните две потоа. Секако, тоа што е добро од постојната концепција, задржано е и продолжува да се имплементира. На пример, подолг престој на учениците во училиште, воведувањето на повеќе изборни предмети согласно со афинитетите и интересите на учениците и слично.

Почнавте скенирање на инфраструктурата. Има ли првични податоци колкава е потребата од реконструкција, доградување или изградба на нови објекти, и дали поради континуираниот пад на бројот на ученици овие податоци може да послужат во процесот за оптимизација на мрежата на училишта?

Процесот на оптимизација на училишната мрежа го спроведуваме заедно со Светската банка и со УНИЦЕФ и тој ќе овозможи подобра алокација на материјалните и на човечките ресурси, а тоа ќе значи поквалитетна настава за учениците. Во 10 општини кои беа опфатени со процесот, утврдени се оптимизациски планови и усогласени се со локалните самоуправи. Прецизно е дефинирано кои училишта треба да се реконструираат, каде да се изградат или доградат нови капацитети, кои објекти би требало да се преадаптираат за друга намена, а децата да се приклучат кон друго училиште и слично. За останатите општини, постојат проценки за оптимизирање, но тие допрва ќе бидат усогласувани со локалните самоуправи.

Со овој текст, Дојче веле на македонски јазик се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Related posts

Мехмети: Уставните измени не треба да бидат драма

admin

Герапетритис: Меморандумите за соработка со Северна Македонија зависат од усогласеноста со Преспа

admin

Бајден: Нетанјаху мора да се промени, Израел ја губи глобалната поддршка

admin

Османи се стретна со Кралот Чарлс Трети

admin

Анкета: ВМРО-ДПМНЕ ќе остане доследна и нема да ги гласа уставните измени

admin

Руска „остра моќ“ во Македонија по инвазијата врз Украина: Од зборови на дела

admin