7 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Сто дена: Малку се за оценка, но доволни да се види насоката

Владата ја нема потребната синергија, тимски дух и сплотеност за да стреми кон спектакуларни резултати. Гледајте како дадоа отчет за 100-те дена – одвоено, секој пред нивните, вели аналитичарот Џелал Незири.

 

Беше избрана на 23-ти јуни, денеска, на први октомври, одбележува 100 дена. Премиерот Христијан Мицкоски уште пред првиот работен ден најави „фуриозен почеток“ на новата Влада – нови инвестииции, финансиска помош за компаниите и општините, борба против криминалот и корупцијата, развој на економијата, рамномерен регионален развој, намалување на даноците, зголемување на пензиите и платите.

Денеска под слоганот „100% посветени! За тебе“, премиерот ќе даде отчет за работата оттогаш до денес – проектите и мерките кои биле спроведени во изминатите 100 дена од неговиот кабинет со 23 министри, од кои пет се и вицепремиери.

Дали стоте дена се доволен период за да се оценат првите ефекти од работата на Владата?

„Сто дена е краток период за соодветна оценка за една влада“, вели аналитичарот Џелал Незири.

Според него, тој период е повеќе симболика, почит кон волјата на народот искажана на непосредни избори, давање шанса на една нова гарнитура да се навикне на новата улога на спроведувач на ветената програма, но и на законите, одлуките и Уставот. Но, според него, во првите сто дена може да се прочитаат плановите, намерите, насоките на Владата и нејзините капацитети да ги спроведе.

Да се најде излезна врата

Незири оценува дека во овој период Владата функционирала недоволно координирано, недоволно стратешки и недоволно храбро.

„Немаше координација меѓу владините партнери за мерки кои ги засегнуваат меѓуетничките односи, немаше стратешка поставеност во односите со соседите и немаше доволна храброст за вистинска борба против корупцијата. Првите сто дена се краток период, но може да биде клучен за радикални одлуки“, оценува тој.

Како прво, смета дека требало да се најде излезна врата за да се изгласаат уставните измени, и земјата заедно со Албанија да ги отвори првите кластери во преговорите за членство во ЕУ.

„Ќе имавме пристап до огромни фондови кои би имале силен импакт во спроведувањето на реформите, кои се предуслов за сеопфатен развој. Кластерот ‘Темели’ е изворот на сите проблеми кај нас, тоа сидро кое не нѐ остава да одиме напред на кое било поле. Со европски пари и знаења, но и притисок, ние можеме за кратко време да имаме функционално судство, администрација, држава – што значи вистинска борба против корупцијата, како најголем проблем во државата. Ова е првиот столб на владината програма, без кои нема да се исполнат останатите две заложби на оваа гарнитура. Тоа значи дека без овој процес на преговори, државата немала, ниту ќе има капацитет сама да стигне до реален економски развој и до ефективна борба против корупцијата“, вели Незири.

Како второ, според Незири, требало да се исполни ветувањето за намалување на даноците за бизнисот за да се стимулира приватниот сектор, а да се направат и останатите даночни реформи. И трето – да започне постапка против корумпираните функционери, со оглед дека актуелната гарнитура скоро секоја недела објавувала корупциски скандали за кои тврдела дека има докази.

Како нѐ гледаат однадвор?

„Справувањето со корупцијата е еден од најголемите предизвици во Северна Македонија и другите земји кандидати во регионот, но извршната власт на ЕУ има стабилни механизми за да го заштити своето финансирање“, изјавил за „Еуроњуз“  претставник на ЕУ, кој побарал анонимност.

„Корупцијата е присутна. Но, ние имаме политика на нулта толеранција кон корупцијата и воведени многу строги рамки. Ако тоа се случи, нашите механизми стапуваат во сила“, посочил претставникот на ЕУ.

Битката со корупцијата е еден од клучните предизвици во планот за забрзување на реформите во земјите од Западен Балкан, по редица теми меѓу кои и владеење на правото и независност на судството. Со Планот за раст ЕУ треба инјектира 6 милијарди евра наменети за земјите Западен Балкан во текот на следните три години (2 милијарди евра грантови и 4 милијарди евра повластени заеми) за да помогне тие да ги забрзаат реформите. Ако некоја земја не успее да ги постигне своите реформски цели, средствата планирани за неа ќе се пренасочат кон други земји од Западен Балкан, што значи дека моделот е дизајниран да создаде „конкуренција“ меѓу соседите, а со тоа да поттикне и побрзи реформи.

„За среќа, новата влада во Северна Македонија навистина се вклучи во процесот на пристапување во ЕУ, како што направи и претходната влада. Кога новата влада положи заклетва, немаше големи отстапувања од програмата за реформи договорена од претходната влада“, рекол дипломатски извор за „Еуроњуз“.

Но, посочил дека ќе треба да се почека, за да се види дали навистина ќе бидат спроведат тие реформи.

„Но, дури и ако Скопје успешно ги исполни сите цели и ги искористи придобивките од Планот за раст, може да напредува на патот кон членство во ЕУ само ако продолжи да ги поправа односите со соседна Бугарија. Тоа ќе се покаже како предизвик, бидејќи пратениците во Софија и Скопје продолжуваат да разменуваат борбена реторика. А секоја земја-членка мора изречно да даде зелено светло за отворање на секој чекор во процесот на пристапување во ЕУ“, потсетува „Еуроњуз“.

Како понатаму?

Сега пред Владата остануваат прашањата –  дали таа ќе се справи успешно со посочените предизвици, и зависно од тоа –  колкав „век“ ќе има сегашната владина коалиција? Незири смета дека овој состав на Владата ќе трае до локалните избори.

„Оваа коалиција очигледно нема искуство и ја нема таа институционална меморија за спроведување храбри реформи“, вели аналитичарот.

„ВМРО-ДПМНЕ име 58 пратеници, компактна е, но изгледа не може да се справува баш најдобро со коалициските партнери. ЗНАМ е нова и неискусна партија, а ВЛЕН е коалиција составена од 5 помали политички движења, кои често се во конкуренција една со друга. Владата ја нема потребната синергија, тој тимски дух и сплотеност за да стреми кон спектакуларни резултати. Гледајте само како дадоа отчет за 100-те дена – одвоено, секој пред нивните. Затоа мислам дека овој состав на владата ќе трае некако до локалните избори следната година. После тоа ВМРО-ДПМНЕ ќе се спушти од емоциите во политичката прагма, која претпочитува поинаква владина коалиција, сочинета од способни кадри и етаблирани политички партии“, прогнозира Незири. / DW

Related posts

Невработеноста во ЕУ на историско најниско ниво

admin

Лотарија пред раскинување на договорот за закуп на ресторанот за свадби

admin

ДУИ се жали дека им се крадат пратенички места

admin

Истражување на Гардијан: С.Македонија е најзагадена земја во Европа

admin

НАМЕСТО ЗАБРАНА, НОВИ БАРАЊА ЗА ХИДРОЦЕНТРАЛИ НА ШАР ПЛАНИНА

ninja

Сопствениците скришно ги закопуваат своите миленици: Каде е предизборно ветената локација за погребување во Скопје?

admin