14.8 C
Скопје
23 април, 2025
Inbox7.mk
СТАВ

“Уставна” неуставност

Пишува: Никица Корубин

Формализацијата на суштината, одамна е пракса во “заробеното општество” на Северна Македонија. Па, оттаму формално-правното оправдување кое Уставниот суд го дава во одлуката за укинување на алатката за соодветна и правична застапеност, т.н Балансер, без притоа да се води било каква сметка, не само за законската и уставна празнина предизвикана од моменталното непостоење на друга одредба; туку многу повеќе за нарушување на духот и суштината на самиот устав; го покажува размерот на “голата форма” без “потребната суштина”.

Чија суштина на уставот на овој начин парадоксално е нарушена од самиот уставен суд, кој дозволува постоење на состојба на фактичка неуставност и неможност за примена на една од темелните вредности на уставниот поредок: соодветната и правична застапеност.

И, ако за ДУИ, ова е “шокантна одлука”, пошокантен е само молкот на етнички македонската јавност топтан: од партии, преку експерти (особено правните), аналитичари, новинари, невладини, професори и академици. Тоа само го покажува размерот на неразбирање или одбивање на соочување со сопствениот шовинизам, кој доведе до самиот Охридски договор. На многу тежок и болен начин, за сите без исклучок. Оттаму, овој молк сега, на сериозна политичка, а не само правна одлука е опасно играње со сложената суштина на која почива општеството и државата. Нејзината функционалност и безбедност.

“Приказните” за нов и подобар закон, ќе беа валидни, само доколку носењето на новиот закон одеше паралелно со укинувањето на балансерот, кој се разбира ќе следеше само во услови на ефективна примена на соодветна и правична застапеност. Исто како што “аргументите” на уставниот суд, ќе беа валидни и силни, доколку беа поведени многу порано, на нивна сопствена иницијатива, а притоа и самите ќе укажаа на потреба од поинакво законско решение. Во спротивно, ваквата очигледна “едностраност” во постапувањето кој директно задира во уставниот поредок, говори за состојба на флагрантна уставна несигурност, иронично предизвикана од нив самите.

Дополнително, “врзувањето” на балансерот, со партиските вработувања на Албанците (и другите заедници) ги “амнестира” на крајно подмолен начин, партиските вработувања на Македонците како ексклузивно вработени по заслуга и мерит. Овој прикриен шовинизам, е всушност сржта на децениското одбивање на “македонската елита” суштински да го прифати Охридскиот договор, на начин на кој подоцна ги одбиваше и Договорот со Бугарија и Преспанскиот договор.

И ова, не е само удар кон Албанците или било која друга етничка заедница, и нивните права, а најмалку е демонстрација на “моќ” на Македонците. Оваа одлука од позиција на моќ е всушност одраз на најголемата немоќ. Немоќта од постоење токму на ваква мултиетничка и мултикултурна држава, без лажната наметната супериорност.

Ова е удар кон функционалноста на државата, нејзината одржливост и европска иднина. Ова е најголем удар токму кон Македонците, кои традиционално неинформирани, дезинформирани и задоени со фобија кон другите, се држат цврсто во канџите на “заробеното општество”.

И токму затоа молкот на Македонците, кога се работи за “другите” е најопасен. Молкот на сите кои (не)разбираат дека секој договор е договор за да можеме да постоиме, како општество на граѓани со еднаков пристап до сите права. Дали пристапот до системот е еднаков за сите, и кој е системот кој го сакаме за себе?

Дали е тоа “заробеното општество” на наследените “елити”или слободното и граѓанското општество на европски граѓани, какви што ќе бидеме со влезот во ЕУ? Затоа што токму за тоа се и Охридскиот договор, Договорот со Бугарија и Преспанскиот договор, дел од преговарачката рамка, и стратешкото партнерство со САД. За да не заштитат нас граѓаните од “нашите”.

Related posts

Во корист на сопствената штета

admin

Кaко не ви е срам и арам, бре!? 

admin

Европската перспектива ќе се гради низ предизвици и храбри одлуки

admin

Мојата другарка Гзиме

admin

Отворен Балкан, Хроника на една предскажана смрт

admin

Интеграција пред членство – менување на пристапот “сѐ или ништо”

admin