20 март, 2025
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Чуварите на идентитетот

Пишува: Никица Корубин

Краткото сиже што ни го дава Уставниот суд, како информативен вовед во одлуката за укинување на т.н Балансер, односно членови од неколку закони, кои ја регулираат примената на уставната одредба на соодветна и правична застапеност; со нагласен “идентитетски” штимунг, повеќе звучат како парола и невешт обид за негово дефинирање, отколку за правно образлагање на конкретна материја.

Со (не)намерно мешање на различни поими. Полошо звучи, само крајот на одлуката и “рангирањето” на фундаменталните вредности од членот 8 на уставот, како и јасната и скандалозна импликација за временската компонената на Охридскиот договор. Парафразирано: истечен е. Но, дали на овој начин, всушност “истекува” и (македонскиот) идентитетот? И дали уставниот суд арбритрарно се поставува во одлучување на тоа што е тоа идентитет (етничката припадност) и кога таа може или не може да се изрази?

“ … со што директно се прекршува уставното загарантирано право на слободно изразување, односно неизразување за одредена национална припадност, односно припадност на заедница.”

“ … зазема став дека националната припадност е лично чувство на граѓанинот и како такво може да биде менливо, но и му остава право на избор на граѓанинот да се изјасни за својата припадност, или да не се изјасни.”

Како и зошто, за уставниот суд “националната припадност” е исто што и “припадноста на заедницата” е прашање кое би било непристојно воопшто да се коментира, кога е вака лаички поставено, доколку тоа не е “центарот” околу кое гравитира целата одлука. Па, така всушност излегува, дека уставниот суд, преку Балансерот, се обидува да ја дефинира “националната припадност” (државјанството) и “припадноста на заедницата” (етничката припадност).

Кои инаку се суштински различни поими, и вака изедначени се флагрантно неточни. Како и импликациите што последователно ги прави самиот суд, ставајќи ги во контекст на “правото на слободно изразување”.

Па, така апсурдот на “правото на слободно изразување или неизразување за одредена национална припадност” (кое патем речено доаѓа по облигаторен автоматизам – како некој воопшто може да не ја изрази припадноста кон државата, затоа што токму тоа е националната припадност, формално-правното државјанство); судот ја прелева и изедначува со истото право на (не)изразување на “припадноста кон заедницата”, што е всушност етничката припадност и е различна за граѓаните-државјани на Северна Македонија (македонска, албанска, турска, ромска итн.).

За апсурдот да кулминира со констатацијата дека уставниот суд “завзема став националното припадност е лично чувство на граѓанинот и како такво може да биде менливо”; што всушност имплицира, релативизира и амнестира две крајно опасни тенденции. Прво, припадноста кон државата е крајно реална, а не субјективна или имагинарна работа, па судот да ја третира како “чувство” и освен што таа припадност означува “личен идентитет” (лични карти, пасоши, здравствено, социјално осигурување), тоа означува и припадност, преку нацијата, кон државата.

Како тогаш може да биде “менливо”? Преку правото на двојно државјанство? Па, преку “менливоста и личното чувство” всушност се имплицира преку веќе претходно изедначената “припадност кон заедницата” дека етничката припадност не е реална, туку имагинарна и субјективна: денес Македонец, утре Албанец, задутре Бугарин, прекутре Србин. Флуктиурачки идентитет. Совршена амнестија на пример за “пасошите од економски причини” и негирање на нивната темелна етничка компонента.

И втората тенденција, парадоксално, во одлука која го укинува Балансерот, поради “злоупотреба на истиот” на овој начин фактички ја “оправдува злоупотребата”: ако националната припадност (која за судот е иста со припадноста кон заедницата) е “лично чувство кое како такво може да биде менливо”, тогаш и наменското декларирање на Македонците како Албанци или обратно всушност и воопшто не е злоупотреба, туку само моментално лично чувство, кое нема ограничување кога и колку пати може да се смени. Чуму тогаш укинување?

Според оваа (манипулативна) логика на лаичко и суштински неточно, дефинирање и изедначување на “националноста” и “етницитетот”, Балансерот се чини само како обична мамка. Хипотетичка мамка за вистинската мета: Бадентерот, односно Бадентеровите мнозинство како главен заштитен механизам во највисокото, политичко законодавно одлучување. Што ако, хипотетички, според толкувањето на уставниот суд, преточено во конкретна одлука, на која може во секој момент и тие самите, а и било кој друг да се повика; пратениците Македонци еден ден добијат “лично чувство” кое нели уставниот суд одлучил дека е “менливо” на Албанци?

Или пак чувство на било која друга заедница, која ќе го супституира потребното Бадентерово 2/3 мнозинство, при двојното гласање? Звучи апсурдно и невозможно? Исто како што беше “апсурдно и невозможно” до пред некој месец, помислата дека некој воопшто ќе се дрзне, да посегне по еден од уставните темели на нашата држава, нејзината функционалност и безбедност.

Но, има една “добра” работа во оваа “идентитетска каша” што ја воспоставил уставниот суд, во период на “барање гаранции од секој и секого” за македонскиот идентитет. Според принципот кој со оваа одлука ја наметнува уставниот суд дека “националната припадност/припадноста кон заедницата” е лично чувство кое е менливо, никој повеќе и не мора да се грижи за македонскиот идентитет и за неговите гаранции. Тој не само што преку ноќ, може да го снема, туку произлегува дека е производ само на “личното чувство” кое е нели “менливо”. По потреба и од секакви причини. Зарем никој нема да ги повика, уставните судии, да ја остават “историјата на историчарите”, а особено прашањето на идентитетите?

И за крајот да биде уште побизарен, е крајот на одлуката, каде што уставните судии, ги рангираат основните слободи и права како “прворангирани” темелни вредности содржани во членот 8 од нашиот устав, каде што е и правото на соодветна и правична застапеност, која веројатно за нив е “последнорангирана”. А, всушност се еднакви.

Правото на соодветна и правична застапеност е еднаква со правото на слободно изразување на припадноста, која пак може да биде остварено само преку изразување на етничката припадност. И како еднакви не се дискриминаторски. Единствено што е дискриминаторски е крајно неодговорното начнување на Охридскиот договор со јасна тенденција за негово целосно дезавуриање и анулирање.

И воопшто не мора да се мачат со нов закон, која согласно ваква одлука која не го доведува во прашање само механизмот (балансерот), туку суштината: правото на соодветна и правична застапеност, ќе биде по толкувањето во оваа одлука по автоматизам неуставен. Го доведува во прашање правото на етнички идентитет, и на Албанците и на Македонците и на сите постоечка и идни етнички идентитети во нашиот устав; кој се разбира, секаде во светот, освен во одлуката на уставниот суд е прилично трајна и апсолутна категорија.

Тоа што за судиите кои себе си се декларираат како Македонци (по лично чувство и со отворена можност за менливост), не е никаков проблем што длабоко навлегле со прилична леснотија во мешање на поими и со нивно погрешно наведување во правниот поредок на државата; (не)свесно да го “дефинираат” идентитетот како флуидна категорија; можеби конечно ја објаснува енигмата за “константната потреба од гаранции – другите да ни потврдат дека сме Македонци”.

И токму ова е поголема опасност и проблем и за етничкиот македонски (или било кој друг) идентитет и за националниот идентитет на Северна Македонија, од било каков “диктат, протокол или историски факт”. Самоубиствена мисија. И на голема врата ја отвораат дилемата, кои се чуварите, а кои се џелатите на нашиот идентитет? Кои се чуварите на нашиот уставен поредок? И кои се “чуварите” на нашата држава, како функционален, и за почеток, логичен систем?

Related posts

„Остен“ и бедата и мизеријата во нас

admin

Моралната осаменост во времето на политички хаос

admin

Европска бајка

admin

ЕУ на гранка и НАТО во рака

admin

ЕУ не отстапува „ни за милиметар“

admin

Полиелеј за МПЦ

admin