Со дарувањето победа на Трамп, Америка порача дека сака да излезе – или барем одмори – од бивање срцевина на Западот.
Пишува: Арсим Зеколи
Според секоја и секаква политичка логика, Доналд Трамп не би можел да биде претендент за втор претседателски мандат, дабетер помалку победник на избори како во САД. Да не арчам време и простор, причините ги знаете и самите. Сосема е поинаква приказната доколку логиката ја одделите од политиката и ликот и се фокусирате на културата која го донесе Трамп на врвот на светската моќ. Двапати! Скраја сите политички нелогичности.
Спротивно на самоизградениот имиџ на самосоздаден успешен човек и политички махер, тајната на Трамп е во тоа што тој не е креатор на сопствениот успех, туку креација на културата која со децении се култивираше, градеше, рафинираше, делкаше ширум Америка и чекаше да се појави „Господинот Смит кој оди за Вашингтон“. Од таа точка гледано, самиот Трамп е споредна улога во пиесата во која културата е актер на историјата дефинирана низ три преломни точки.
Зачетокот на таа култура се има случено на бреговите на плажата Омаха на крајот на Втората светска војна и зачетокот на САД како „исклучителна нација во мисија” на ослободување на народите од тиранијата. На Омаха се создаваше новит мит на победничката нација, на генерацијата „бејби бум” и моралот на „добродушна сила” споделен од Републиканците и Демократите подеднакво. Кои, час сплотено, час паралелно ќе ги носат врз плеќи промените на модернизацијата, расната еднаквост и севкупниот концепт во зародиш на човековите права. Процес започнат во средината на педесеттите и заокружен со падот на Никсон и губењето на невиноста на генерацијата Омаха.
Вториот момент на пресврт се случува на крај на седумдесеттите години, низ три неповрзани и засебни епизоди со сплотено драматичен импакт – Исламската револуција во Иран, агресијата на СССР врз Авганистан и појавата на СИДА во САД. Трите епизоди ќе коинцидираат со „утрото во Америка”, победата на конзервативниот републиканец Роналд Реган, кој во Иран ќе ја препознае реставрацијата на религијата во меѓународните односи, во Авганистан ќе согледа партнер во ривалството кон атеизмот, додека во епидемијата на СИДА ќе најде најде мотив за реставрација на социалниот конзервативен морал, разнишан од бурната хипи ера во замирање и „дегенерацијата на младите” со неприроден секс и епидемија на наркотици. Приближно во тоа време, неговиот млад помошник по име Карл Роув ќе почне да ги обиколува евангелистичките парохии, да создава листи на следбеници и да ја разуверува црквата дека отклонот од учество во политичките процеси е заблуда.
Третиот пресврт е војната во Ирак, низ која стотици илјади млади Американци во униформа добиваа одговор на прашањето кое повеќе Американци искрено збунето си го поставуваа по терористичките напади на 11 Септември: „Зошто не мразат?”. Таа војна, паралелно со експлозијата на слободата по социјални мрежи, беше зачетокот на колективно загледување во сопствените Дориан Греј-огледала, во кои убавите ликови си ги согледуваа брчките на созревање.
Непосредно по крајот на војната во Ирак следеа обидите на младиот „ненападно црн” претседател Барак Обама да ја објави во Берлин и Каиро желбата за една нова Америка во мир. Но, некаде низ песочните дини на Средниот Исток, тонеше и митот за Омаха, кој во очите на младите Американци, и уште повеќе светот, ја губеше аурата на клетка на либерализмот. И добиваше конотации оптоварени со евтините кредити на бумерите, ништење на животната средина, незапирлива нееднаквост и растечка убеденост дека „најдобрите денови се зад нас” ширени кај генерациите кои увидуваа дека ем треба да ги отплаќаат долговите на родителите, ем треба да се помират дека нема да можат да живеат подобро од нив.
Но додека тивко заминуваше златната генерација на воини од Омаха и залудно се редеа обидите на либералната елита да се одржи митот низ „Спасувања на воинот Рајан” и „Чета на браќа”, низ американските предградија цутеше интересот за нови легенди, инспирации, угледи. Во таа средна класа, интересот за ролјата на САД на бреговите на Европа замираше и отстапуваше место за улогата на Европа во создавањето на САД. Омаха Бич паѓаше во втор план, додека пак бркањето на архивите на Елис Ајлден и барањето на ДНК-сродства со стариот континент ја гаснеа жедта за новата идентитетска љубопитност.
Доналд Трамп не е креатор, туку креација
На почетокот, таа љубопитност беше двигател на т.н. Чајанка-движење на конзервативните републиканци во реинкарнирање на ликовите, костимите, традициите од Американската Револуција. Чајанката ќе резултира со победа на Џорџ Буш Помладиот, но и ќе згасне поради наративната папочна врска со ерата на афроамериканското ропство, неспоиво со духот на екуменистичкиот евангелизам. Во потрагата по нов инспиративен, обединувачки модел на идентификација, конзервативната десница ќе мора да бркне подлабоко, порано од самиот Кристофер Колумбо, таму во ерата на Викинзите како неспорен епоним на белата раса, во својата исконски чиста, мажевна, авантуристичка, нескротлива, засебна, супремациска форма на ubermensch. Епоним кој еден ден, неочекувано, ќе го препознаат во лик кој со сопругата под рака се спушта низ електрични скалила кон објавувањето на претседателската кандидатура.
Да повторам, Доналд Трамп не е креатор, туку креација градена со децении и усовршувана преку Пит Бјукенен, Рос Перо, Њут Гингрич, Сара Пејлин кои спонтано и токсично го создаваа амбиентот на контракултура на мејнстримот од кој ќе се појави нивниот „вожд со сонце во сребрени коси”. И како што редовно бива со секој култ на беспоговорна покорност родена од длабоко всадена и скриена траума, трампизмот постоеше долго пред подемот на Доналд Трамп.
Тој подем не би бил можен и уште помалку лесен доколку општеството на САД не беше заморено од веќе иконизираната либерална левица, обвиена во самопрогласена непогрешливост и невиност скраја сѐ и сенешто. Љубопитноста на публиката не би била толку огромна да не претходеше згаденоста од левичарскиот антиинтелектуализам дегенериран во телевизиско-интернетски нарцисоиден медиокритет. Спремноста на лумпен-пролетаријатот да го прифати Трамп не би била толку лесна доколку арогантната левица навреме, десетина година порано, ги разбереше мотивите на сиромашната мајка на дете со аутизам по средбата со Сара Пејлин : „Таа ме виде. Таа зборуваше со мене. Со мене! Никој никогаш нема зборувано со мене!”
Да не ве лажам. Пред девет години, ја очекував победата на Трамп. Но годинава, не. Би било нечесно, затоа, да настапам од незаслужена позиција на „нели ви реков” морализам. Неговата победа е секако убедлива, чиста, заслужена и достојна за почит. Какви и да се неговите политики. Бидејќи тие се помал фактор наспроти културата која други ја создаваа – од спротивставени причини – за да тој ги понесе ловориките.
Скепса за второто претседателство на Трамп
Претпоставено, не сум љубител на Трамп. Со ограда дека иднината нема да ме демантира како наивен, не сум исто така спремен да го наречам фашист, нацист, со можеби погана уста, но сепак сѐ уште чисти, неокрвавени раце. Колку и да е популарно кај левицата да се именува како расист, милионите Латино- и Афроамериканци, муслимани и жени кои му дадоа гласачка доверба, ја релативизираат таа конотација и ја ставаат на кантар со „толеранцијата” на либералите во чиј мандат се случуваа Авганистан, Палестина, Либан. Неговиот подем е можеби трауматично шокантен за нас, евроцентриците, навикнати на беспоговорна љубов и заштита од „мама Америка”, но во очите на милијарди луѓе од Азија, Африка, Јужна Америка тој секако не е олицетворение на злото. Со кое се запознаени далеку подобро отколку разгалената Европа.
Но, покрај сето кажано, нужно е да се има длабока скепса во успехот на неговото второ претседателство. Доколку во првото беше опкружен со луѓе од огромно искуство, прекалени ветерани на професиите, познати и признаени авторитети, неговото второ претседателство ќе биде во сенка на второкласни експерти и политикантски авантуристи врз кои и тој самиот тешко дека ќе има целосна контрола. Доколку пред девет години светот во него сакаше да види опасен „човек со план”, второто претседателство го започнува со имиџ на одмаздник со лични причини, но и бунтовник без идеја. Во очите на соперниците, особено Кина, Трамп сѐ уште ќе се смета за неконтролабилен, но не толку и за непредвидлив. Барем не во овој свет, во кој Западот – делумно и поради него – полека ја арчи со генерации и столетија тешко стекнатата аура на сила за сеопшто добро и несвесно ја отстапува истата во раце на владетелите во Пекинг.
Да може – не дека не би посакал – Трамп би посегнал и по трет мандат во Белата Куќа. Но возраста и биологијата го чинат своето, како што се потврди со Бајден. Поетска е правда или неправда, сеедно, што Трамп, заедно со Ердоган и Путин, се можеби идоли на третиот свет, но воедно, парадоксално, тие се и јавачи во последната етапа на сопствените животи. И како такви, актери во следната историска епизода на автофагија на сопствените идеологии и култури од кои се имаат родено и кои неминовно – историски докажано – заминуваат со нив. Со дарувањето победа, Америка порача дека сака да излезе – или барем одмори – од бивање срцевина на Западот. Желбата е разбирлива, но не сум убеден дали самите Американци се свесни денес и ќе бидат спремни да се соочат со последиците на таа исполнета желба по нивниот стандард, среќа и спокој. За тоа барем, би можеле да научат нешто и од нас, паталците на графитот „ни беше подобро кога ни беше полошо”. Останува само да посакаме покрај неминовната разочараност од преголемите очекувања, освен довербата во Трамп не ја загубат и довербата во Блескавата Палата на Ридот. /DW