Пишува: Никица Корубин
Краткото интервју на Алсат телевизија на новинарката Арта Тахири со министерот за култура и туризам Зоран Љутков, по повод археолошкото откритие во село Корошишта, Струга, изненадувачки за 15 минути, на површина ја извади целата “заробена свест” во кое живее декларативното мултиетничко општество, како суштинска причина за проблемите кои самите си ги креираме, одбивајќи да ја прифатиме и реалноста и адаптирањето кон неа, во наш најдобар интерес. Искрената изненаденост на министерот на совршено логичните прашања на новинарката, која не е од “археолошкото миље”, треба да го има ефектот на отрезнување: пред се’ за етничките Македонци и нашето поимање на “заедничка држава” и “национална историја”. Се плашам, дека ќе го нема.
На страна што новинарката го начна, “светиот грал”, па уште и го проблематизираше присуството на археологот и поранешен директор на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, не знаејќи дека археологијата кај нас (не)формално функционира на принципот на “територијална поделба”, па е речиси невозможно некој да се приближи, а не па да истражува на “туѓа територија”, како што сега беше случајот со сондажните истражувања што ги водеше Археолошкиот музеј од Скопје, кој патем речено како “централна национална институција” законски нема надлежност над регионот на Охрид, Струга и Дебрца, затоа што таква надлежност има само Музеј и завод Охрид, кој пак патем речено е незаконски институција за музејска и заштитна дејност, во едно. Па, на толку незаконски постапувања, присуството на Паско Кузман, “на негова територија” се чини неизбежно.
И никој нема да се загрижи ни малку, за сите овие апсурди, конзервирани подобро од било кој археолошки артефакт, во еден од генераторите на “незаштитата” Законот за заштита на културното наследство; а и чувани соодветно од “заробените институции”, подобро од било кое депо или витрина на нашето археолошко наследство, на кое сите се повикуваат. Дали и за сето ова, еднакво би се изненадил министерот, доколку би го знаел размерот на штетата што се прави на дневна основа, со целосно колабиран систем на заштита и управување со културното наследство, во кои треба да функционира археологијата, музеологијата и заштитатата?
Што не’ води до (етно)генезата на проблемот. Археолошки, политички и суштински. Па, така министерот или тој што го спремил, не сака да разбере, дека етнизацијата на археологијата ја прави самиот тој нарекувајќи ја “македонска” што не сугерира припадност кон државата туку кон етносот; затоа што ако сакаме да сугерира припадност кон државата, тогаш државата треба да ја восприемаме како уставна категорија, а не етничка територија, ексклузивно на Македонците кои “им ги даваат” сите права на Албанците. Но, што правиме со историјата и етногенезата на Албанците, во заедничката “национална историја” на Северна Македонија или било кое заедничко именување како “македонско”? Е токму тоа беше прашањето на новинарката, кое сериозно го изненади министерот.
За некои кои ја блокираат државата, преку блокадата на евроинтеграциите, поради етногенезата на Македонците, чудно е како немаат еднаков третман на етногенезата на Албанците на пример. Зошто некои би ги разбрал и сочувствувал со “нашите страдања”, а ние истовремено сме брутални и безмилосни со “потребите на другите етнички заедници” и нивната етногенеза, или заедничко истражување на заедничката историја? Или како што би рекла новинарката, парафразирано, дали с(м)е согласни со доктрината “Македонија на Македонците”?
Ова “археолошко откритие” на површина извади многу повеќе од екслузивните наоди од требенишката култура. На површина ја извади нашата иманентна фобија, и затвореноста на умот кое логично следи, со секој страв и наметнат антагонизам. За почеток ја извади на површина “југословенската доктрина” во археологијата, со која се уште сериозно е индоктриниран нашиот образовен, а последователно и институционален систем во археолошките истражувања.
За потоа, со таков “темел”, супериорноста и “подобноста” да се прелее на општеството, и исклучително важно на “дефинирањето на македонскиот идентитет”. Чија верзија, “наследена и конзервирана” потоа се “брани” со барање гаранции. На сметка на вистинската заедничка национална историја, на современа и европска Северна Македонија, каде и археологијата ќе биде современа наука и престиж, а не “локална и територијална сопственост”.
И затоа е важно да се одгледа ова интервју, без изненадување и предрасуди. Без наметната албанофобија и без инстинктивна одбрана на “нашите”. Затоа што нема “наши”, во целата приказна, има само “нивни”. Кои ова “заробено општество” во наметнати фобии, предрасуди и “правила”, го оддалечуваат од нормалноста и пристојноста, на која толку многу се одвикнавме. И затоа никој нема одговор на едноставните прашања, како што немаше и самиот министер.