4.8 C
Скопје
13 декември, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Каква ќе беше Македонија да не го рушеа Црвенковски?

Крсте Црвенковски е потсетник за минатата голема промена во битката помеѓу културите во југословенскиот пост-комунизам и предупредување за следната поголема војна помеѓу културите која доаѓа.

Пишува: Арсим Зеколи

Ни избори, ниту партии, ни референдуми, ниту војни не можеа да го разубедат или променат тврдото убедување на мојот политички гуру, со чии мислења често не се согласував своевремено, и ги прифаќав последователно. Уште од средината на осумдесеттите па сѐ до почетокот на новиот век, секој негов осврт кон Македонија започнуваше и завршуваше со „од овде не бива ништо, ова е поднебје во која не вирее слобода, умна мисла”. Токму затоа, како и секое правило, неговиот исклучок беше резервиран само за една личност, за која имаше високо мислење и љубопитност-Крсте Црвенковски.

Нормално, за некој кој веќе живееше во боите на новите ТВ апарати, оценките на стариот работник скромно задоволен со црно-бел екран, со исклучителни познавања, проникливи размислувања и животно предодреден против комунизмот, неговата оценка и почит за еден комунистички кадар беше зачудувачка, збунувачка. Според него, Крсте Ц. беше човек пред своето време, со тешко минато, самоизграден лик кој знаеше да ги осети плимите и осеките на времето држејќи го едниот прст врз пулсот на обичните луѓе и другиот вивнат среде глобалните оркански ветришта.

Можеби најлесниот начин за пропознавање на мотивите на стариот работник за почитување на Црвенковски, беше фактот што него го ставаше во исти рамки со подеднакво ценетите Савка Дапчевиќ, Мика Трипало, Латинка Перовиќ. Што значи, односот кон Крсте Ц. беше изграден врз почитта за либерал-националните првенци од периодот 1968-1974 во тогашната Федерација.  Почит врз кој се изгради подоцнежната успешна приказна на Хрватска и Словенија, и недостоинственото сатанизирање на Крсте Ц. кое ќе ја обележи судбината на земјата од која доаѓаше.

Што научивме?

Веќе одамна историографиите на поранешните републики на Федерацијата се имаат согласено околу судбинските драми на „Маспок” во Хрватска и „београдските либерали” во Србија кои ќе ја определат понатамошната судбина на СФРЈ и раѓањето на новите држави. Во случајот на Македонија, улогата на Крсте Црвенковски кој подеднакво се залагаше за полиберален, посовремен дискурс, остана забошотена, нецелосно вреднувана и симптоматично, никогаш искористена како илустрација на раскрсницата на која Крсте се определи за вистинскиот правец,  и сурово, насилно покајнички принуден да се врати на историското туѓопатие.

Да се зборува денес за сите погрешни избори направени од независноста па досега е популарно четиво од кое ништо нема да се научи и разбере, доколку не се спомене, колку за контраст, и правилниот избор кој Црвенковски своевремено го имаше направено, а сталинистичката камарила жестоко го имаше одбиено. Токму затоа, името на Црвенковски е се уште непријатност во јавниот дискурс, не поради неговиот став од 1972 година, туку поради живите и се уште одлучувачки клики и нивните потомци кои се уште опстојуваат преку борбата против „прозападните либерали”.

Рушењето на Црвенковски беше драматично болно за него (и претпоставувам неговото семејство), но токму тој однос ќе ја цементира политичката нарација и пракса која ќе го надживее и него и сите негови симпатизери. Неговата елиминација не ќе беше толку забележителна, доколку неговите ликвидатори истата не ја надополнеа со „превентивно пресретнување” на секоја нова идеја, политика, секој нов лик и харизма надвор од параметрите и клановските интереси на Сталин-фановите. Преку смислено, длабински коренито и висински пропагандно наметнување на имитации на национално и патриотско, идеолошко и бунтовно, современо и конзервативно, левичарство и десничарство со строго определен радиус на делување- околу центарот кој ги контролира обете страни на „судирот”.

Црвенковски е причината зошто во општествената свест има толку малку познавања за случувањата во доцните седумдесетти и осумдесеттите, зошто обидите од паланечки пис-професори да се конструираат провидни прикази на лажни дисиденти, зошто македонскиот национализам е есенцијално антипатриотски како реперкусија на оценката дека „Србија нема друга традиција освен национализмот” (Слободан Јовановиќ). Во очите на скопскиот естаблишмент, така идеолошки ретроградно, културолошки тапосано, папочно егзистенцијално и банкарски послушно зависно од Белград, името Црвенковски било, и фрапантно се уште е своевиден Лорд Волдеморт чие име не е добредојдено да одѕвонува во ушите на сталинистичките победници од судирот со него и неговата визија за современост и иднината која доаѓа. Оттаму, Црвенковски не е само промашената шанса, не е трагичниот лик од историјата, визионер пред своето време, туку е пред сѐ лошата совест на скопскиот естаблишмент директно, и етно-македонската совест индиректно. Која никогаш не смогна доблест да се запраша: каква ќе беше Македонија денес, да не го рушеа Крсте Црвенковски?

Тргнавме на погрешен пат

Да се надополнам, Црвенковски е името кое ги прави комични, недоквакани, потсмешливи сите високо дигнати тупаници на Бранко Црвенковски, сите мудрувања на Љубчо Георгиевски од берлински озвучени кафеани, сите солзи на старите лисци кои прекарот го стекнаа токму низ односот кон Крсте, сите карикатуризации на идентитетот од Груевски, сите погребални гримаси на МАНУ-академиците па сѐ до БМВ карши Мерцедес струите во МПЦ. Суровоста на ваквата оценка е тешко голтлива, сѐ додека не се освежите со сознанијата дека токму Црвенковски бил инструментален „виновник” во цементирањето на темелите на македонската просвета, институционална надградба, па сѐ до автокефалноста на МПЦ. Исчашено логично, но за овие вакви поднебја сосема логично е што при таков листинг на заслуги, неговата елиминација беше половично определена од неговото „либерално” застранување, половично наметната од алчноста да се превземат неговите заслуги и истите се пропишат со нечии други имиња од сталинистичкиот кружок на Скопје.

Неговиот син, несомнено самомислечки интелектуалец, прерано замина за да остави свој длабок белег, подеднакво како и Борис Трајковски и неговото не-сталинистичко разбирање на христијанството. Абдурахман Алити ја надополнува таа мала група на ликови. Кои на овој или оној начин доживуваа големи порази, но и се всадија како меѓници преку кои споредбено се препознаваат лажните патриотизми, национализми, левичарства, десничарства на скопскиот естаблишмент. Но, секое нивно споменување, неминовно упатува и укажува на критичниот период од седумдесеттите години во кои, врз нивни плеќи, се градеше измамата, паралагата и сите Потемкинови села на ВМРО, СДСМ, ДУИ, ВЛЕН во кои денес живееме. Ниту сакам, а цврсто верувам дека ни тие не би прифатиле да бидат ословувани како татковци на нацијата (која не сака да биде), но секако заслужуваат да бидат ценети како крајпатни сведоци кои не потсетуваат дека „на погрешен пат сме тргнале”.

Токму во тие рани седумдесетти Македонија го направи својот избор, оттргнувајќи се од следењето на курсот на Словенија и Хрватска, на Трипало, Кучар и избирајќи го поедноставниот, посаможив пат на сателитство кон Белград и сталинизмот во сите негови пост-независни имитации од лево-десниот спектар. Дури и денес кога Белград полека ја препознава смислата на борбата на Латинка, ова Скопје останува верно на бивање сателит на сталинистичкиот дискурс од „Косанчиќев венац”, во духот на традицијата на несакање автономија под турско. Тој страв од летање, ја има осудено, запечатено, се плашам, да биде во перпетуална состојба на лебдење во вакум, објект без сопствена траекторија.

Капацитет за промени

Таквата Македонија, во сегашната форма на Северна Македонија, веќе нема капацитети за промена. Не дека немала. Црвенковски, Трајковски, Алити се сведоци дека имала сила, храброст, визија. Но, темелноста на чистката од сталинистичкиот естаблишмент од секаква загроза за нивната физичка, веќе не и идеолошка, доминација е сега апла ачик на виделина преку масовниот бег на младоста од земјата и уште помасовниот консензус дека сталинизмот веќе не е болест, туку ендемска култура.

Ќе се запрашате, што му текна сега да зборува за Црвенковски Крсте? Едни ќе кажат дека е поради рехабилитацијата на Лазар Колишевски од страна на ВМРО. Другите ќе тврдат дека е поради инает на СДСМ, сведена и падната на Филипче-Заев ниво. Мотивот, сепак, е во елаборирањето на Црвенковски како лик во средиштето на културните промени кои се случуваат периодично, се најавуваат од истакнати визионери, капитализираат од нивните опоненти кои „ги бришат имињата а ги чуваат насловите” и се обесмислуваат од лумпен-политикантството во терминалната етапа на визијата. Црвенковски е само потсетник за минатата голема промена во битката помеѓу културите среде југословенскиот пост-комунизам (која Македонија сакаше да ја изгуби) и предупредување за следната, далеку поголема војна помеѓу културите која ни се приближува со поголема брзина отколку што мислиме.

Сталинистичкиот културен мајндсет не остава премногу простор за колебање и двоумење кој правец е посакуван за Северна Македонија, со СДСМ, ВМРО, ДУИ, ВЛЕН во главни улоги на „глумење идеологии” и блуткави рецитали „а бе држава градиме, не е мајтап”. Но во реалноста, ни сталинистичкиот клуб, ниту сите негови партиски изданоци, засебно или сплотено, го немаат ниту приближно капацитетот и познавањата за соочување со интензитетот и енормноста на културниот судир кој претстои и нема да не избегне. И поради кој допрва ќе ја плаќаме цената на намерното непознавање на блиското и се уште живо минато, бришење на архивите и медиумската портал-историографија. /DW

Related posts

НОВОГОДИШНА: ЗА ГЛОБАЛНАТА И ДОМАШНАТА ЕКОНОМИЈА И КУСА ПОРАКА ЗА ПОДОБРО УТРЕ

admin

Тонеме длабоко за срамот да нема од каде да избие

admin

Балканските фрустрации за „европските брзини“

admin

 АМЕРИКАНСКИОТ И ГЕРМАНСКИОТ РЕЦЕПТ ЗА КОРУПЦИЈА

admin

Камала Харис е очигледен наследник на Бајден, но некои демократи не се оптимисти

admin

ВИСТИНСКО ВРЕМЕ ЗА ПРЕБРОЈУВАЊЕ И ИЗЈАСНУВАЊЕ?

admin