По овој состанок на Европската политичка заедница уште повеќе сум оптимист дека мора да нѐ биде и ќе нѐ биде, порача македонскиот премиер.
Отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон Европската Унија. Оптимист сум за нашата иднина, се бориме за нашите аргументи и вистината која е незаобиколива. Ќе дадеме се од себе да ги зачуваме државните и националните интереси. Ова го сподели македонскиот премиер на неговиот профил на Фејсбук по вчерашната средба со францускиот претседател Емануел Макрон, на маргините на петтиот самит на Европската политичка заедница што вчера се одржа во Будимпешта. Тој објави и фотографии од средбата на двете делегации.
Премиерот наведува дека вчерашниот самит бил значајна можност за размена на мислења и стратегии меѓу европските државници и високи претставници на Европскиот совет и Европската комисија. На билатералните средби биле презентирани македонските аргументи – и во однос на економските цели и економската иднина на земјата, но и за македонскиот интегративен пат.
„Со секоја средба се повеќе и повеќе се бориме за нашите аргументи“, вели Мицкоски.
„Ќе продолжиме да се бориме за Македонија и во неделите, месеците и годините коишто следат. Мора да успееме. Мора да бидеме таму каде што заслужуваме, а тоа е успешна европска приказна, а местото наше е во рамките на Европската Унија. После овој состанок на Европската политичка заедница овде во Будимпешта сум уште повеќе оптимист дека мора да не биде и ќе не биде“, порача Мицкоски по учеството на самитот.
Радев: Стриктно исполнување на критериумите
Со Макрон, на маргините на самитот вчера се сретнал и бугарскиот претседател Румен Радев, а негови соговорници биле и премиерите на Австрија, Унгарија и Ерменија, Генералниот секретар на НАТО и претседателите на Косово и Турција. Во соопштението од неговиот кабинет нема наводи од разговорите со Макрон и другите соговорници, а се пренесени главните пораки што Радев ги упатил на самитот.
„Европа навлегува во нова етапа од својот развој, во која идејата за нејзината стратешка автономија, гарантирање на безбедноста и конкурентноста на глобален план не може да останат само желби и бараат конкретни дејства“, порачал Радев.
Тој се осврнал и на процесот на проширување на Унијата, со досега веќе слушнати ставови.
„Динамичните процеси во светот бараат зголемено внимание од страна на ЕУ кон процесот на проширување, посочи уште Румен Радев. Шефот на државата истакна дека проширувањето на Обединета Европа е фактор за гарантирање на безбедноста и стабилноста во соседните региони и особено на Западен Балкан, но тој процес треба да се заснова на стриктно исполнување на критериумите за членство, на сопствените заслуги на земјите кои се стремат да присоединат кон ЕУ, градењето на добрососедски односи и исполнувањето на сите меѓународни обврски и одлуки на Унијата“, се наведува во соопштението од претседателската прес-служба.
Вучиќ „без ракавици“
Токму Бугарија, заедно со Романија, на самитот беа посочени од страна на српскиот претседател Александар Вучиќ, како држави за кои биле донесени политички одлуки при проширувањето. Забелешката ја даде во контекст на неговиот повик дека „ЕУ треба да ја смени својата стратегија за целиот Западен Балкан и да донесе стратешки одлуки за за проширувањето“.
„Моето прашање до сите вас, големи европски лидери, е дали секогаш бил поважен формалниот бирократски пристап или суштината? Навистина верувате дека секој од нас знае што пишува во 19-тото или во 25-тото поглавје? Немам поим, немам идеја. И никој од вас не знае ништо за тоа“, рече Вучиќ.
И направи компарација за претходни проширувања со одредени земји.
„Не беше така со Бугарија, со Романија. Тоа беа политички одлуки донесени од страна на ЕУ, во време кога одлуките биле стратешки и кога луѓето размислувале стратешки“, рече Вучиќ.
Тој му се заблагодари на домаќинот – унгарскиот премиер Виктор Орбан, што е единствениот од Западен Балкан кој добил можност да говори на пленарната сесија, бидејќи на претходниот самит никој од Западен Балкан не добил таква можност.
На маргините на самитот Вучиќ изјави дека светот се сменил и продолжува да се менува, а Европа и натаму живее со повторување на едни исти пораки и флоскули.
„Сметам дека Eвропа мора да се однесува стратешки одговорно, дека мора да носи стратешки одлуки, а не да се занимава со ‘трици и кучина’ (израз што означува небитни работи – н.з.) и со бирократски процедури околу било што“, рече тој пред новинарите.
Во обраќањето на самитот тој „без ракавици“ се осврна и околу помошта за Украина, неизвесноста дали Путин ќе биде подготвен да прифати прекин на огнот или примирје, а ја посочи и опасноста од соочување на Европа со големи економски, но и енергетски проблеми – недостиг на струја, гас и други енергенси.
Забелешки за процесот на проширувањето имаше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој исто така се обрати на пленарната сесија на самитот.
„Нема логично објаснување за, со години блокираниот процес за пристапување во ЕУ она земја кандидатка како Турција, која има значителен придонес за просперитетот и безбедноста на континентот”, изјави турскиот претседател. /DW