Од февруари 2023 заклучно со јуни 2024 година на рати биле уплатени вкупно 65 илјади денари или само 1% од утврденото побарување за надомест на штетата од над шест милиони денари.
Бавно се доставуваат поштенските пратки, но изгледа уште побавно се надоместува утврдената материјална штета од големиот пожар што ја пеплоса главната зграда на АД Пошта во 2013 година. За кривичното дело – тешки дела против општа сигурност беше осуден Арменд Фазлиу, тогашен шеф на кабинетот на директорот, на двегодишна казна затвор, која Скопска апелација ја намали на една и пол година. Во пожарот беа оштетени „Шалтер салата‘‘ и други делови од зградата. Само дел од објектот потоа е прилагоден за вршење на дејноста, но површина од околу 40% сѐ уште не е реставрирана и е со различен степен на оштетеност.
Веднаш по пожарот е формирана интерна комисија за утврдување на претрпена материјална штета која изготвила неколку извештаи и записници. На 14.05.2013 година е изготвен Наод и мислење од страна на вешти лица преку тогашното Биро за судски вештачења, при што причинетата штета била проценета на над шест милиони денари.
Бидејќи во периодот на пожарот објектот не бил осигурен, започнала судска постапка за надоместување на материјалната штета од страна на осуденото лице. Во март 2022 година, Врховниот суд одлучувајќи по барање за ревизија на тужителот (АД Пошта) изјавена против пресудата на Апелационен суд Скопје и пресудата на Основниот граѓански суд Скопје, донел пресуда лицето да ја надомести материјална штета во износ од 6.266 илјади денари поради предизвикан пожар.
Двојна штета
Дел од оваа хронологија, но и одговорот на прашањето – дали таа штета се надоместува, ги има во најновиот извештај на Државниот завод за ревизија АД „Пошта“ .
„Со извршената ревизијата утврдивме дека почнувајќи од февруари 2023 година заклучно со 14-ти јуни 2024 година, од страна на физичкото лице на рати се уплатени вкупно 65 илјади денари или 1% од утврденото побарување“, се вели во Извештајот.
Ако посочената сума се подели на 16 месеци (февруари 2023 – јуни 2024) излегува дека штетата се надоместува со месечна рата од 4.000 денари.
Штетата сигурно е многу поголема, ако се има предвид и дека на забот на времото е оставен објект од голема архитектонска и културна вредност. Изграден е во годините по разорниот земјотрес во Скопје, во две фази – од 1972 до 1974 година, и од 1978 до 1980 година на површина од 5.170 m2. Во ноември 2021 година, споменичката целина Нова Пошта, која зафаќа повеќе катастарски парцели со површина од 16.236 m2, е прогласена за значајно културно наследство. Зградата на поштата проектирана од архитектот Јанко Константинов, е еден од примерите на бруталистичката архитектура кои се реализирани во македонската претстолнина, а во 2018 година беа и презентирани на изложба во MOMA (Museum of Modern Art) во Њујорк, посветена на архитектурата во поранешна Југославија „Кон бетонската утопија“. Вредноста на објектот беше зголемена и со муралите на Борко Лазески во неговата внатрешност.
Ревизијата го посочува значењето на објектот
Иницијативите за реставрација на објектот до денес не дадоа резултат, и покрај бројните повици, но и уметничките перформанси кои се обидуваа да го свртат вниманието кон таа цел. Дел од тие напори ги евидентира и ревизијата.
„Во 2020 година имало иницијатива од германска невладина организација и странска фондација за реставрација на зградата, но истата била неуспешна. Во 2021 година, по претходно изготвен Проектен предлог за реконструкција, конзервација, реставрација и адаптација на објектот ‘Шалтер сала’‘ во споменистичката целина Нова пошта, зградата на Дирекцијата била номинирана, и ставена на листата на седум најзагрозени споменици и локалитети во Европа за 2021 година“, се вели во ревизорскиот извештај. Наведуваат дека листата ја изготвува „Европа Ностра – Европскиот глас на граѓанското општество посветено на културното и природно наследство“ и неговата партнерска организација, Институт на Европска Инвестициона Банка.
Според Програмата водена од Европа Ностра, тогаш трошоците за рехабилитација на објектот биле проценети на околу 10 милиони евра, а временскиот период на вршење на активностите за обновување на објектот околу 3,5 години. Поради ковид-пандемијата проценката и реализацијата на Програмата биле нарушени и привремено оневозможени.
„Со извршената ревизија сакаме да обрнеме внимание на големото културно и национално значење кое го има руинираниот градежен објект во кој е сместена Дирекцијата на друштвото, а кој подолг временски период е напуштен и неупотреблив“, се вели во ревизорскиот извештај.
Поради неопходноста од значителни парични средства за рехабилитација и повторна употреба на објектот, како и поради неповолната финансиска положба во која се наоѓа АД Пошта, ревизорите ја истакнуваат потребата од воспоставување поголема меѓуинституционална соработка меѓу АД, Владата и Министерството за култура за обезбедување средства и преземање итни мерки за реновирање на објектот и негово враќање во првобитниот изглед како симбол на градот и државата.
Мултифункционален комплекс
Според најавите, првите чекори се на повидок. Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, минатиот месец изјави дека објектот на поштата во центарот на Скопје ќе биде реновиран и пренаменет во мултифункционален комплекс, подготвен и за потребите на Скопје „Европска престолнина на културата“ за 2028 година. За таа цел веќе била формирана работна група. /DW