Владата се вклучи во решавање на проблемот со јавниот превоз во Скопје. Жителите на главниот град веќе втор ден се соочуваат со проблеми предизвикани од редуцираниот превоз поради недостиг на гориво за автобусите
Македонската Влада се вклучува во решавање на проблемот сојавниот превоз во Скопје.На вонредна седница донесена е одлука со која се утврдува постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.
На тој начин се овозможува да му се позајмат на Градот Скопје дел од нафтените резерви на државата.
„Денес, меѓудругото, Бирото за јавни набавки донесе одлука со која се исполнети условите за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас за да се скрати периодот за набавка на дериватот потребен на градот Скопје. Со ова Владата го затвора прашањето со настаната потешкотија во работењето на градското претпријатие за јавен сообраќај“, велат од Владата.
Ваквата одлука следи откако скопјани веќе втор ден се соочуваат со проблеми предизвикани од редуцираниот градски превоз поради недостиг на гориво за автобусите. Дел од партиите излегоа со предлози како да се надмине проблемот со јавниот превоз, а дел бараат оставка од градоначалничката Данела Арсовска. Советот на Град Скопје на вонредна седница ќе бара решение за проблемот којшто го блокираше јавниот превоз во главниот град.
Опструкциите се причина за проблемите
Скопската градоначалничка Данела Арсовска во интервју за Телма вели дека ситуацијата е таква поради опструкциите кои постојано и ги прави советот чие мнозинство е од редовите на власта и на ВМРО-ДПМНЕ. Тврди дека со години им остава одврзани раце да одлучат по однос на ова прашање но тоа никогаш не се ставало на дневен ред. Според неа, тоа е така бидејќи до сега биле навикнати на носење тендери во четири очи.
„Не можете да имате подобра или полоша понуда за набавка на гориво, каде што цената е регулирана од Регулаторната комсија за енергетика. Таа цена е иста за сите.Не може да биде поголема или пониска. Не може да се наддава за таа цена, затоа што цената е веќе одредена. За мене беше критично што директорката на Бирото за јавни набавки ја носи таа одлука сега и има замерка на тоа дека само една компанија дала понуда. Но, тоа е нормално, сите ги гледаат притисоците. Ретко кој се охрабрува таков загубар да го снабдува со енергенс. А, кога веќе некој се осмелил сметам дека е навистина не само политички неумесно, туку и штетно да се прават вакви работи“, вели Арсовска.
Од Град Скопје одговорноста во врска со кризата што настана Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) кое остана без нафта, ја префрлаат на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на директорката на Бирото за јавни набавки поради поништената постапка за набавка на гориво за автобусите, додека од Бирото за јавни набавки информираат дека ЈСП избрал неприфатлива понуда за најповолна.
Од Бирото за јавни набавки ги отфрлија ставовите во соопштението од Град Скопје како непримерни и непрофесионални нагласувајќи дека ЈСП избрал неприфатлива понуда за најповолна. „Оваа понуда, која била и единствена поднесена понуда во постапката, не исполнува услов кој самиот ЈСП го навел во точка 1.4.8 од тендерската документација“, е ставот на Бирото за јавни набавки.
СДСМ со план за надминување на проблемот
Од советничката група на СДСМ на прес-конференција излегоа со неколку предлози за надминување на ситуацијата. Тие предлагаат Владата под итно да обезбеди 2,5 милиони литри евро-дизел од државните резерви на нафта, да се свика надзорна расправа во Собранието за состојбата во главниот град, како и да се донесат измени за Законот за финансиска поддршка на општините и јавните претпријатија основани од нив, коишто Собранието треба да ги усвои по скратена постапка за да се обезбеди финансиска стабилност на Градот.
„Состојбата е алармантна – јавниот превоз не функционира, сведоци сме на преполни контејнери, смет насекаде, а основните услуги што ги заслужуваат граѓаните се целосно запоставени. Ги повикуваме ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска да се вразумат и да престанат да се инаетат на грбот на скопјани.Не е време за политички препукувања – време е за носење итни, разумни одлуки за решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните на Скопје, но и сите останати граѓани кои секојдневно престојуваат во Скопје“, порача Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.
Од Либерално демократската партија пак преку соопштение побараа оставка од градоначалничката Арсовска. Колапсот на градскиот превоз изминатите два дена, како што наведуваат, е последното дно кое го допре моменталното градско раководство, „оперирано“ од срам, било каква одговорност и чувство за последици кон сите граѓани кои живеат, но и оние кои престојуваат или транзитираат низ главниот град.
И обвинителството бара одговори за јавните набавки
Обвинителството информираше дека ги следат сите информации во врска со јавниот превоз во Скопје и дека веќе се дадени насоки на Управата за финансиска полиција да ги испита постапките за јавни набавки на мазут за потребите на ЈСП.
Во петок (22.11) се најавени јавни протести поради состојбата со превозот во градот. Градоначалникот на Општина Шуто Оризари Курто Дудуш, ги повика сите жители на протест, а со барање за нормализирање на јавниот превоз излегоа и студентите од УКИМ кои најавија дека ќе се приклучат на протестот ако не се реши проблемот со јавниот превоз.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска им даде поддршка и на студентите кои најавија дека во петок (22.11) ќе се приклучат на протестот пред Град Скопје доколку не се најде решение со јавниот превоз. Таа апелираше до градските власти под итно да најдат соодветно решение за јавниот градски превоз. Јаневска вели дека учениците и родителите се организираат најдобро што можат нивните деца да стигнат во училиште, но и наставниците имаат разбирање за ова што се случува.
„Состојбата е многу лоша и срамота е во главниот град да им се онезвоможи на учениците да добијат соодветно образование што е загарантирано право со Устав. Се надевам дека ќе се најде решение за оваа ситуација затоа што е недозволиво сите напори што ги правиме, промените што се обидуваме да ги спроведеме за подобрување на квалитетот на образованието, да бидат на некој начин спречувани заради неорганизираност на градските власти. Се надевам дека градските власти сериозно ќе ја сфатат оваа ситуација и под итно ќе најдат соодветно решение“, изјави Јаневска пред почетокот на потпишувањето на Анексот на меморандумот за соработка меѓу МОН и Амбасадата на Франција.
Проблемите со јавниот градски превоз кулминираа во средата (20.11) откако најголем дел од автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие не возеа поради недостиг на гориво. Во сообраќај беа пуштени само 25 автобуси кои работат на гас. /DW