Србија во изминатите години ја унапреди својата армија и сега е воено најсилна држава на Западен Балкан. Соседните држави се загрижени поради експанзионистичките намери на Белград.
Пишува: Александар Ротерт
Дали Србија планира да ги дестабилизира или дури и воено да ги нападне соседните држави Косово и Босна и Херцеговина? Косовската претседателка Вјоса Османи и босанскиот претседател Денис Бечировиќ неодамна предупредија од вакво сценарио. Османи во телевизиско интервју пред два месеца рече дека има надеж за влез на Западен Балкан во ЕУ и НАТО, „но предуслов е Србија да се третира како тоа што е: сателитска држава на Русија, која ја продлабочува воената, економската и политичката соработка со Русија“.
Предупредувањето на Бечировиќ пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк за територијалните претензии на Србија беше уште појасно. „Од говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации, сакам да ја предупредам светската јавност дека раководството на Република Србија повторно го загрозува суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“, рече Бечировиќ.
Белград се вооружува
Белград де факто со години ја унапредува својата војска со модерни системи за вооружување, како француски борбени авиони и руски борбени хеликоптери, кои српскиот претседател Александар Вучиќ ги пофали како „летечки тенкови“. Освен тоа, и кинески антиракетни системи од Пекинг беа испорачани во Белград набргу по инвазијата на Русија во Украина. Имаше информации и дека Србија купила илјадници беспилотни летала од Иран, какви што Русија секојдневно користи против украинските цели.
„Економист“ уште во 2021 година објави дека белградскиот „шопинг на оружје“ ги плаши соседите. Реномираниот шведски институт СИПРИ во 2022 година наведе дека буџетот за одбрана на Србија од 1,3 милијарди евра е десетпати поголем од оној на Косово.
Воената супериорност на Србија ја илустрира и нејзиниот арсенал на тенкови – со околу 250 тенкови Белград има повеќе од сите други поранешни југословенски републики заедно. (За споредба: Бундесверот има 295.) Хрватска е на второ место со 75, Босна на трето место со 45, по што следи Северна Македонија со 31. Ниту Црна Гора ниту Косово немаат тенкови.
Ова е веројатно една од причините зошто малата војска на Косово беше опремена со турски беспилотни летала Бајрактар минатата година и со 250 американски противтенковски ракети Џавелин годинава. Без овие вооружени системи, кои украинската армија успешно ги користи во борбата против Русија, независна Украина одамна не би постоела во сегашната форма.
Проект „Српски свет“
Се поставува прашањето зошто Белград со години акумулира огромен арсенал оружје без да има закана од соседите? Дали претседателот Вучиќ крои планови за напад врз соседните земји, како што предупреди косовската претседателка?
Така барем навестуваат изјавите, заканите и постапките на српското раководство во Белград, кое го пропагира проектот „Српски свет“, малку помала верзија на „Голема Србија“ на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ, поради што има реакции во соседните земји Косово и БиХ.
Милошевиќ почина во затвор во Хашкиот трибунал за воени злосторства во 2006 година. За да ја спроведе својата историска националистичка цел за Србија, т.е. обединување на сите области населени со Срби на територијата од поранешна Југославија, тој започна четири војни во 1990-тите, во кои загинаа повеќе од 130 илјади лица.
Повеќе актуелни српски функционери служеа уште во времето на Милошевиќ, вклучително и претседателот Александар Вучиќ и министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ, кои го предводеа пропагандниот апарат на Милошевиќ.
Поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ (д.) и неговата сопруга Мирјана Марковиќ до премиерот Момир Булатовиќ (л.) на Денот на армијата на 15 јуни 1999 година Фотографија: picture alliance/dpa
Сесрпски сабор
На почетокот на јуни 2024 година, Вучиќ водеше „Сесрпски сабор“ во Белград, со претставници на Србите од сите делови на поранешна Југославија, што беше стратешки состанок на кој беше формулиран планот за спроведување на „Српскиот свет“. Косово, притоа, се наведува како дел од Србија, а Република Српска, односно делот од Босна и Херцеговина во кој доминира српското население, како „национален интерес на Србија“.
Ова наиде на невообичаено остра осуда од портпаролот на Министерството за надворешни работи во Берлин. Сојузната влада смета дека Сесрпската декларација е „многу загрижувачка и штетна за Босна и Херцеговина, за Србија и за сите земји од Западен Балкан“.
Бечировиќ во својот говор пред Обединетите нации го коментираше белградскиот состанок со зборовите дека „деструктивната декларација на таканареченото Сесрпско собрание, усвоена во Белград на 8 јуни годинава, е […] не само декларативен чин, туку и опасен документ за голема држава“.
Српскиот претседател Александар Вучиќ зборува на „Сесрпскиот сабор“ во јуни 2024 година Фотографија: Darko Vojinovic/AP/dpa/picture alliance
Војна на Балканот?
Ниту една од соседните земји кои се чини дека се мета на територијалните претензии на Белград нема вооружени сили „подготвени за војна“. Без заштитата од двете западни мировни мисии на НАТО на Косово (КФОР) и на ЕУ во Босна (ЕУФОР/Алтеа), тие би биле лесен плен за агресивниот експанзионизам на Белград.
Во изминатите години, неколку распоредувања на српски војници на границата кон Косово и напад на српска паравоена единица врз косовските безбедносни сили предизвикаа вознемиреност и немири, бидејќи вакви паравоени напади ја започнаа војната во Хрватска во 1991 година и една година подоцна во Босна и Херцеговина.
Последните воени инциденти можеби беа пробни балони на Белград. Бидејќи реакциите од САД и НАТО беа мошне брзи и остри, Белград се повлече. Во август 2024 година, Вашингтон повторно интервенираше, овојпат и со директорот на ЦИА, Вилијам Брнс, кој специјално дојде во Босна и Херцеговина за да ги спречи сепаратистичките чинови на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик. Тој повеќепати иницираше чекори за прогласување независност на Република Српска и опреми илјадници членови на паравоени единици. Политичари во главниот град Сараево се подготвуваат за можноста Република Српска да напредне со плановите за отцепување. Доколку тогаш дојде до вооружен конфликт и босанските Срби бидат ставени под воен притисок, многу е веројатно дека Белград би можел да ги испрати своите тенкови за да ги спасува.
Така што, не може да се исклучи нова војна на Балканот. Со Доналд Трамп повторно на власт во Вашингтон, сосема е нејасно како би се однесувала суперсилата САД во таков случај. Перспективен кандидат за функцијата министер за надворешни работи е поранешниот американски амбасадор во Германија, Ричард Гренел. Заедно со зетот на Трамп, Џаред Кушнер, тој има огромни деловни интереси во Србија.
Александар Ротерт (*1970) е автор и политиколог. Студирал политички науки и историја со фокус на меѓународните односи и историјата на Југославија. Работел за ОБСЕ, ОН и ЕУ помеѓу 1997 и 2016 година, главно во Босна и Херцеговина.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик