0.8 C
Скопје
18 јануари, 2025
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Борбата против корупцијата – што се случува?

Автор: Џелал Незири

Новата влада вели дека започнува храбра борба против корупцијата и организираниот криминал. Поднесени се кривични пријави против неколку поранешни функционери, меѓу кои и против поранешниот прв заменик-премиер, Артан Груби, додека се најавуваат и други кривични постапки.

Дали ова е почетокот на крајот на епидемијата на корупцијата или крајот на еден лажен почеток? Дали актуелните функционери ќе ја научат лекцијата или ќе најдат „креативни“ начини да не остават траги? Дали државата е на вистинскиот пат да добие барем една битка против корупцијата?

За да победи во битката против корупцијата, една држава мора да го направи ова нелегално дејство непрофитабилно. За да се постигне таа состојба, кога лаком функционер ќе каже „не вреди“, потребно е зголемување на свеста кај граѓаните и конфискација на имотот стекнат преку нелегални активности.

Ниту колективната свест, ниту конфискацијата кај нас не функционираат, или се на незадоволително ниво.

Постои коруптивна култура кај речиси сите народи на Балканот, која произлегува од ниската свест за оваа појава. Сè што не е лична сопственост, односно е јавна или државна сопственост, според таа свест, може да се злоупотреби. Оваа логика ја претвора политичката трка во борба за стигнување до моќта, односно до власта, која овозможува пристап до јавните добра или државните финансии. Ако политичар се збогати за еден или два мандати, тој се смета за способен, и обратно.

Оваа свест го создаде култот за корупцијата како најбрз начин за збогатување. Го создаде култот за корумпираниот како способен човек, по кој треба да се водат и другите.

Зголемувањето на свеста го подразбира и етичкиот аспект во борбата против корупцијата. Овој аспект бара дефинирање на корупцијата како лоша активност, која носи сериозни последици за државата и општеството. Само погледнете го животниот стандард на земјите во светот и присуството на корупција во тие држави и сè ќе стане јасно. Колку помалку корупција има една земја, толку е побогата. И обратно – колку повеќе корупција има, толку е посиромашна. Земјите со хронична корупција обично се во постојан конфликт, со државни удари и диктатури.

Свеста е јавниот суд што може да му се направи на функционер кој злоупотребил функција. Кариерата на еден министер во Данска заврши затоа што го користел службеното возило за приватни потреби. Истата судбина ја имал и министер во Велика Британија, кој службениот стан ѝ го отстапил на својата партнерка. Овие коруптивни активности можеби не претставуваат кривично дело казниво со закон или кривичен законик, но дефинитивно се санкционирани со етички кодекс, со јавен суд. Токму овој суд ја завршил кариерата на многу европски и американски функционери.

Сите истражувања покажуваат дека, покрај јавниот суд или свеста во јавноста, конфискацијата е ефикасна алатка што ги обесхрабрува алчните функционери и им ги менува намерите.

Иако законот беше донесен, сепак нелегално стекнатиот имот не се враќа на државата, т.е. на граѓаните. Причината е во неспроведувањето на Законот за конфискација и нефункционирањето на судскиот систем и истражните органи.

Досега во Северна Македонија имотот им е конфискуван само на четири лица затоа што е стекнат по коруптивен пат: Љубе Бошковски, Слободан Богоевски, Сашо Мијалков (сите тројца дел од полициските структури) и бизнисменот Сеад Кочан.

Богоевски беше уапсен во 2013 година поради сомнение дека го сторил делото „Перење пари, злоупотреба на службената положба и овластување и даночно затајување“. Осуден е на две години затвор, а му се конфискувани пари и имот.

Покрај Богоевски, имотот му е конфискуван и на лидерот на партијата „Обединети за Македонија“, Љубе Бошковски. Тој беше осуден за кривичното дело „злоупотреба на службената положба“, по што доби казна затвор во траење од седум години.

Бошковски беше уапсен ден по парламентарните избори во 2011 година, по средбата со лице кое, наводно, му ја дало хартиената кеса со 100.000 евра внатре. Овие пари беа конфискувани од надлежните органи.

Најново, дел од имотот му беше конфискуван и на Сашо Мијалков, поранешен директор на УБК.

Ако една земја нема ни зголемена свест, ни ефикасен систем за конфискација, секој функционер може да направи едноставна пресметка: во најлош случај ќе издржи затворска казна од 3-4 години, но на крајот ќе му останат 3 или 300 милиони евра. Значи, му се исплаќа. Нивната логика им кажува – вреди. Особено кога како богат ќе ужива и повеќе почит во општеството, без разлика на тоа како го стекнал тоа богатство.

За да се исполнат овие два предуслови за ефективна и ефикасна борба против корупцијата, на земјата ѝ е потребна европеизација во смисла на инсталирање здрав систем на вредности. Тоа подразбира започнување на процесот на преговори за членство во ЕУ. Искуството вели дека земјата сама нема капацитет да ги инсталира и негува тие вредности.

Related posts

Меката моќ на Србија во Северна Македонија станува се посилна

admin

ИНТЕГРИСТИТЕ И ПОТРАГАТА ПО ВНАТРЕШНА КОХЕЗИЈА

admin

Бавната смрт на македонските телевизии

admin

Да се подготвиме за забрзување на историјата

admin

ВЛАДА БЕЗ ДУИ – КОГА ЕГОТО Е ПОВАЖНО ОД ЦЕЛТА

admin

„Ајде, ајде! Сите во напад!“

admin