Откако првичниот притисок на Русија да ја потчини Украина не успеа во првите недели од нејзината целосна инвазија, повеќе од две ипол години преовладуваше широко распространетиот став: Нема крај на војната на повидок!
Тоа се промени во последниве месеци поради неколку причини и фактори кои се движат од ситуацијата на бојното поле, па се до јавното мислење по изборот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој се враќа во Белата куќа на 20 јануари и постојано изјавува дека за ден, два ќе го реши најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна.
Значи, дали дека војната на Русија против Украина ќе заврши во 2025 година?
Ако крајот значи траен мировен договор, одговорот е НЕ, велат повеќето аналитичари, делумно затоа што рускиот претседател Владимир Путин не го сака тоа, без оглед на тоа што го тврди, освен ако не ја остави Москва со одреден степен на доминација врз Украина, што е неприфатливо за Киев и неговите поддржувачи во странство.
Експертите велат дека Путин сака Русија да претставува постојана закана за Украина и предизвик за Западот, кој го смета за агресор во цивилизациската конфронтација.
Украинците, пак, не сакаат мировен договор, ако тоа значи формално предавање територија на Русија и откажување од надежта дека Русија ќе одговара за нејзините злосторства против земјата и нејзиниот народ.
„Мислам дека сме многу, многу далеку од крајот на војната“, вели Најџел Гулд-Дејвис, виш соработник за Русија и Евроазија во Меѓународниот институт за стратешки студии во Лондон.
Сепак, притисокот за прекин на огнот постои, со оглед на ветувањата на Трамп за брзо завршување на војната, а преговорите сега изгледаат поверојатни, отколку што беа по серијата дискусии неколку месеци откако Русија ја започна целосната инвазија на Украина во 2022 година.
„Добра работа во моментов е тоа што Трамп веројатно може да ги натера Русите и Украинците да разговараат и со него и едни со други“, изјави за РСЕ Олга Оликер, програмски директор за Европа и Централна Азија во Кризната група.
„Мислам дека она што веројатно ќе го гледаме е барем де факто, ако не и де јуре прекин на огнот со одреден степен на преговори, премолчени или експлицитни, во текот на 2025 година“, смета Сем Грин, професор на Институт „Кралска Русија“ при Кралскиот колеџ во Лондон и директор за демократска отпорност во Центарот за анализа на европската политика.
Земја и безбедност
Има многу стапици кои би можеле да произлезат од прекинот на огнот, вклучувајќи го и ризикот Русија да го искористи како шанса да се прегрупира и повторно да нападне доколку не се воспостават ефективни средства за одвраќање и заштита за Украина.
Има и многу пречки за каков било договор, а некои од нив произлегуваат од навидум непомирливите позиции за клучните аспекти на конфликтот.
Еден од нив е територијата. Договорот за прекин на огнот сега изгледа поверојатен отколку во минатото, делумно поради знаците дека Украина, за која Оликер вели дека е „уморна и исцрпена“ во услови на бавни и енормно скапи, но упорни придобивки на руското бојно поле, би можела да биде подготвена за договор што ќе остави многу од окупираните територии во Украина под де-факто руска контрола на привремена и неофицијална основа.
Но, тоа можеби нема да биде доволно за Путин. Тој и другите руски официјални претставници рекоа дека не може да се преговара за признавањето на четирите провинции во Украина како руски- вклучително и за големи делови што Украина ги контролира, што пак за Киев неприфатливо.
Уште поголема пречка е потребата од сериозни, ефективни безбедносни гаранции за Украина.
Русија е против пристапување на Украина во НАТО: Едно од барањата што Москва ги постави како начин да се спречи инвазијата од целосен обем беше обврзувачкото уверување дека Киев никогаш нема да стане членка.
Аналитичарите велат дека Кремљ, исто така, е речиси сигурно дека ќе се налути на секој аранжман што може да биде означен како еквивалент на членството во западната воена алијанса.
Ако западните поддржувачи на Киев „се обидат да се насочат околу ова, да изградат нешто што има содржина, но не и форма на гаранција, Путин јасно ќе каже дека тоа не би било прифатливо за него“, рече Гулд-Дејвис.
„Многу, многу е тешко да се види како тоа би изгледало“, вели тој во врска со безбедносната гаранција за Украина што ќе им одговара и на двете страни. / Целата анализа е достапна ТУКА