Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, во понеделникот преку објава на Фејсбук ја одбележа 21-годишнината од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа на 26 февруари 2004 година, заедно со членови од неговата делегација.
„Денеска се сеќаваме на претседателот Борис Трајковски, политичар кој, и покрај многубројните околности и исклучителни предизвици, беше посветен на мирот и стабилноста во Република Северна Македонија и во регионот. Неговата заложба за соживот и напорите за одржување на стабилни демократски процеси сè уште се актуелни и денес,“ напиша Ахмети.
Борис Трајковски беше вториот претседател на независна Македонија, избран во 1999 година. Тој одигра клучна улога за време на вооружениот конфликт во 2001 година, поддржувајќи го Рамковниот договор кој обезбеди крај на конфликтот и започнување на процесот на интеграција на етничките Албанци во општествено-политичкиот систем.
Трајковски загина кога авионот што го превезуваше кон меѓународна конференција во Мостар, Босна и Херцеговина, се урна поради лоши временски услови. Неговата смрт остави длабока трага во политичкиот живот на земјата, а неговото наследство како симбол на помирување и европска иднина сè уште се почитува.