Неколку дена порано изјави дека добил гаранција од Путин дека ќе ја запре војната, бидејќи наводно е заинтересиран за мир. По неколку години замрзнати односи меѓу Вашингтон и Москва, Трамп се очекува да го оствари својот прв состанок со Путин во Ријад, Саудиска Арабија…
Автор: Џелал Незири
Откако ги доби претседателските избори во 2016 година, на почетокот од првиот мандат, американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа го прими мислителот, писателот, теоретичарот и поранешен државен секретар на САД, тогаш 97-годишниот Хенри Кисинџер. Имајќи го предвид профилот на Кисинџер како поддржувач на реал-политиката и прагматичниот пристап во решавањето на глобалните проблеми, овој состанок беше своевиден вовед во “Трамп доктрината”. Во 2020 година, Трамп не успеа да освои уште еден мандат, а три години подоцна Кисинџер почина на 100-годишна возраст.
МККИНЛИ КАКО МОДЕЛ
На почетокот од вториот мандат, Трамп изгледа ќе го продолжи патот што го започна во првиот. Освен Кисинџер, во своите први јавни настапи, Трамп најави дека ќе ги следи визиите и на уште еден американски државник од минатото. Станува збор за 25-тиот претседател на САД, Вилијам Мекинли, кој служеше од 1897 година до неговото убиство во 1901 година. Тој е запаметен по големата победа над Шпанија, која траеше од април до август 1898 година и резултираше со преземање на неколку шпански колонии, како Гуам, Филипини, Куба и Порторико. Покрај тоа, Шпанија беше принудена да плати 20 милиони долари на САД, што денес би изнесувале околу 760 милијарди долари.
Освен колонијалната политика, Мекинли е познат и по високите тарифи за заштита на домашното производство, што доведе до невиден економски раст во САД. Политиката на протекционизам со тарифи на Мекинли, но и колонијализмот (спомнувајќи ги Канада, Гренланд и Газа), изгледа ќе бидат модел што ќе го следи и Трамп.
Доктрината опфаќа збир на убедувања што произлегуваат од идеологијата на партијата или државата, стекнати со легитимитет на избори. Во првиот мандат, доктрината на Доналд Трамп беше заснована на таканаречениот “принципиелен реализам”, каде што, пред воена интервенција, се настојува проблематичните земји да бидат поттикнати (преку притисок и санкции) кон позитивни промени (Северна Кореја, Иран, Кина…) и да се заштитат американските интереси. Сега истиот пристап се дефинира како “употреба на сила за мир”. Во надворешната политика, оваа доктрина продолжува да се заснова на слоганот „Америка на прво место“.
Секој американски претседател има своја доктрина за надворешна политика. Малите држави немаат можност да влијаат врз овие стратегии, а уште помалку да ги променат. Единственото мудро нешто што можат да го направат е да бидат конструктивни, искрени и посветени партнери во нивното спроведување. Со други зборови, да го бараат својот интерес во рамките на тие стратегии. Се разбира, ако сакаат да бидат во сојуз со САД како најголема светска сила.
Иако одржуваат константни демократски вредности врз кои е изградена американската држава, доктрините на различни претседатели се разликуваат во принципите, интересите и пристапите во надворешната политика.
„Доктрината на Бил Клинтон“ се фокусираше на спречување крвопролевање во поранешна Југославија и може да се сумира со реченицата: „Мораме да бидеме насекаде и да правиме сè за да ги спречиме војните“. Ова доведе до воена интервенција во БиХ, Косово и неколку африкански држави.
„Доктрината на Џорџ В. Буш“ имаше два елементи: унилатерализам и превентивни воени интервенции против потенцијални закани. Признавањето на Косово беше токму таква интервенција, пред Русија да ги зацврсти своите позиции на Балканот.
Барак Обама ја спроведе доктрината на „преговори и обид за позитивни промени пред конфронтации“. Балканот не беше на врвот на неговата агенда, но тој се обиде да поттикне позитивни промени преку Арапската пролет и поддршката на демократските сили во диктаторските и автократските режими.
„Доктрината на Бајден“ подразбираше „употреба на дипломатија со поддршка на сила“ и „обединување на демократскиот Запад против автократскиот Исток“.
Така, времињата и американските доктрини се менуваат.
ОДНОСИТЕ СО ПУТИН
Трамп изгледа има уникатен пристап: тој ги гледа како партнери и пријатели само силните лидери, оние што имаат моќ да потпишат и спроведат големи договори. Ставањето на американскиот интерес во прв план го фокусира на најголемите глобални предизвици, како што се Русија, Кина и Иран.
Со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, тој веќе воспостави први контакти. Пред неколку дена изјави дека добил гаранција од Путин дека ќе ја запре војната, бидејќи е заинтересиран за мир. По неколку години замрзнати односи меѓу Вашингтон и Москва, Трамп треба да го оствари својот прв состанок со Путин во Ријад, Саудиска Арабија.
Не се знае точниот датум, ниту условите што Москва би ги поставила за мир. На прашањето на новинарите зошто на состанокот не е поканет и украинскиот претседател Володимир Зеленски, Трамп не даде јасен одговор, но навести дека за судбината на Украина ќе разговараат само тој и Путин.
Се вели дека Путин бил принуден да прифати мировен план поради заканата на Трамп дека ќе ги натера Саудиска Арабија и другите земји од ОПЕК да произведуваат рекордни количини на нафта и гас, што би ги намалило нивните цени на глобалниот пазар. Ова би ја погодило Русија, чиј буџет во голема мера зависи од приходите од нафта и гас.
Покрај ова, Трамп изгледа ќе му гарантира на Путин дека Украина никогаш нема да стане членка на НАТО.
Овој момент треба внимателно да го следат балканските земји, бидејќи би можел да има пошироки импликации, вклучително и за регионот.