По победата на Демохристијаните на сојузните избори, од Брисел не стигнуваат само честитки, туку и првични барања. Меѓу другото, се очекува Германија да издвојува повеќе за одбраната.
По изборната победа на Демохристијаните во Германија, првите честитки од Европа се слеваат од сопствените политички редови. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го нарече изборниот резултат „одлучна победа за нашето политичко семејство, за Германија и Европа“.
Конзервативната Европска народна партија (ЕПП), на која припаѓаат двајцата политичари, исто така му честиташе на Фридрих Мерц на својот официјален Х профил (поранешен Твитер). ЕПП е уверена дека Фридрих Мерц ќе го обезбеди „потребното лидерство за силна Германија во силна Европа“.
„Германија е важна за силна Европа“
На конзервативниот кандидат за канцелар му честитаат и други европски сопартијци. Додека хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ се надева на „наскоро формирање на новата сојузна влада“, неговиот фински колега Петри Орпи му честита на „неговиот пријател Фридрих Мерц“.
Силната Германија е важна за силна Европа, нагласува тој на X. Летонскиот премиер Евика Силина со нетрпение очекува да изгради „посилна, побезбедна и конкурентна Европа“ заедно со Мерц. Португалскиот премиер Луис Монтенегро со нетрпение очекува да се справи со „заедничките предизвици во ЕУ, НАТО и Обединетите нации“.
Чешкиот премиер Петр Фиала, чија партија е дел од десничарските европски конзервативци и реформисти, посакува многу „сила и успех во формирањето на сојузната влада“. Тој, исто така, со нетрпение очекува да „работи заедно на силна Европа“.
Социјалдемократската премиерка на Данска, Мете Фредериксен честита и нагласува дека во неизвесни времиња ни треба „силна Европа и силна Германија“. Честитаат и германските Социјалдемократи во Парламентот на ЕУ. Нејзиниот претседавач Рене Репаси повикува да се започнат преговори со „сигурни европски политички партнери“.
Доколку Фридрих Мерц успее да обезбеди владино мнозинство и да стане следниот канцелар на Сојузна Република, тој ќе заседава во Европскиот совет заедно со шефовите на држави и влади на другите 26 држави на ЕУ. На нивните редовни состаноци на самитот, тие го трасираат курсот за политиката на Европската унија.
За време на Мерц како канцелар, се очекува Германија да го промени курсот во некои области, како што е миграциската политика. Во Брисел постои и надеж дека новата влада повторно ќе се врати кон јасност во однос на германската позиција за законските предлози.
Руте: „Европа мора да троши повеќе на одбраната“
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте се приклучува на редот на оние кои упатуваат честитки. Тој со нетрпение очекува да започне заедничка работа во овој „критичен момент за нашата заедничка безбедност“. Европа треба да троши повеќе за својата одбрана и тука раководството на Мерц е централно.
Сегашната договорена стапка за трошоците за одбрана на НАТО изнесува два отсто. Откако американскиот претседател Доналд Трамп побара нејзино зголемување на пет проценти, во НАТО се разговара за поставување нова цел. Марк Руте веќе истакна дека целта во иднина треба да биде „над три проценти“. Одлуката се очекува да биде донесена на самитот на НАТО во јуни.
И во ЕУ се води дебата за тоа како може да се зголемат трошоците за одбрана. Комисијата на ЕУ ја проценува потребата за следните десет години да биде 500 милијарди евра.
Дебатата за тоа од каде би можеле да дојдат парите се води во правец на заеднички долгови, кои актуелниот канцелар Олаф Шолц жестоко ги отфрла, и за разлабавување на Пактот за стабилност. Новата германска влада ќе има важна улога во ова, со оглед на тоа што Германија е најголемата економија во ЕУ.
Иако институциите на ЕУ сѐ уште не ги коментирале резултатите од изборите во нивната најголема земја-членка, Фридрих Мерц веќе ги испрати своите први сигнали до Брисел. Во ТВ-соочувањето на политичките лидери непосредно по завршувањето на изборите, тој објасни дека негов „апсолутен приоритет“ ќе биде „чекор по чекор да се зајакне Европа за да постигнеме независност од САД“.
Ова веројатно ќе биде особено добро прифатено од францускиот претседател Емануел Макрон, кој долго време се залагаше за неговиот концепт на „стратешка автономија“. Макрон му честиташе победа на Мерц со порака на платформата Х, притоа оценувајќи: „Во овие времиња на несигурност“ двете земји треба обединето да се соочат „со најголемите предизвици во светот и на нашиот континент“. /DW