Затоа, оваа серија текстови ја нареков „писма“, бидејќи писмата обично се пријателски текстови, дури и кога во себе имаат нерв на реакција, бунт, кога во себе имаат збунети, но длабоко човечки артикулации.
Пишува: Бардул Заими
Долги години пишувам различни новинарски статии за многу проблеми, за многу прашања што ми се чинеле важни. Но, сега имам една нејасна сензација, една внатрешна празнина што ми ја руши секоја илузија дека навистина ги рефлектирав суштините на проблемите за кои пишував. Како што знаете, новинарството се работи под притисок, под немилосрден диктат на времето и многупати, без да забележиш, му се предаваш на итностите, на шемите, на клишеата, на еден прифатлив, а понекогаш и елитистички дискурс, секогаш во обид да се задржи и храни една оддалеченост од баналностите.
И, доаѓа еден момент кога длабоко во себе чувствуваш дека нешто не е во ред, дека тоа не е она што требаше да биде, без разлика на тековноста и филгранската прецизност на новинарското пишување. Можеби си во потрага по жанр, во потрага по поширока перспектива за да го изразиш од прво лице она што го чувствуваш надвор од ограничувањата на професијата, рамнотежите, независноста и другите концептуални трикови што те држат затворен во едно одвратно ниво на тривијалност.
Обично, внатрешниот тон сам го наоѓа жанрот. Твојата внатрешна супстанција ја наоѓа својата природна форма на појавување, исто како пупките што со тврдоглавост никнуваат и во најстудените зими и ја добиваат својата природна форма на егзистенција.
Во овој случај, сакам мојот тон на пишување да биде попрозен, поослободен од сенката на концептите и крутите правила што ги диктираат формите на академските текстови, на оние текстови што лесно ја убиваат чувствителноста со калапи, со зборови и поими што се повторуваат до бесвест, без живот во себе, без таа внатрешна суштина што зборовите ја носат во својата длабочина, во своето битие, и што се тука за да бидат искажани, поврзани и да опишат некое чувство, некоја слика, некое минато што никогаш не се случило, или некоја иднина што можеби никогаш нема да дојде.
Зборовите не бараат само значење, туку и слика, чувствителност и состојба што често се занемаруваат во текстовите оптоварени со идејата за вистината, за прогресот, за некој концепт и клишеата во него.
Затоа, оваа серија текстови ја нареков „писма“, бидејќи писмата обично се пријателски текстови, дури и кога во себе имаат нерв на реакција, бунт, кога во себе имаат збунети, но длабоко човечки артикулации.
Во првото писмо сакам да пишувам за политиката, за овој толку употребуван и злоупотребуван збор во нашиот простор. Нема да должам многу, ќе бидам краток.
Секако, не планирам да ја дефинирам како поим, да зборувам за етимологијата, за бројните интерпретации. Ќе се ограничам на неколку реченици што ја прикажуваат мојата визија за тоа што е и што значи политиката, особено кога гледаме во триесетгодишниот временски лак.
За жал, во текот на овој период поимот „политика“ е сведено и целосно обезвреднето. Од својата суштина, која подразбира организација на сите димензии на граѓанскиот живот, таа се претвори во некој вид шминка, во одвратна маска за профитирање на многу безобразни луѓе, кои немаат што да ѝ дадат на општеството освен ароганција, измама и празнина.
Со неколку зборови, политиката во овие три децении може да се дефинира како празнина, како голем балон на празнина што лебди над страдалните глави на луѓето кои фатално се надеваат, кои парадоксално веруваат, иако знаат дека ништо нема да се случи надвор од однапред одредените шеми што, како гипс, ги парализираат сите општествени членови.
Политиката овде, откако почна таканаречениот плурализам, се заглави во зборување без суштина, во празна реторика и во филозофија на профитери. Таа не успеа да отвори хоризонт на напредок, затоа што самата си била доволна, затоа што ѝ бил доволен профитот, сервилноста, незнаењето и договорите под маса.
Во сите овие години, политиката создаде големо недоразбирање околу претставувањето, нудејќи им на граѓаните мазна маска на наводно нивен интерес, додека од другата страна тивко ја хранеше ледената ароганција на злоупотребата на нивната волја.
Политиката, низ сите овие години, го создаде големото недоразбирање на претставувањето, нудејќи им ја на граѓаните измазнета маска на наводниот нивен интерес, додека од друга страна, подмолно ја хранеше ледената ароганција на злоупотребата на волјата на граѓаните, кои во многу случаи и самите го прифатија овој самозалажувачки чин со некаква фатална покорност.
Политиката не го создаде одговорниот, достоинствен, слободен и несервилен човек. Напротив, постојано ја хранеше послушноста, интригата, племенската логика и безобразната ароганција на собирачите на гласови, кои се претворија во највлијателните луѓе во распаднатото општество, во „уникатни шалтери“ за услуги во името на мајката партија.
Ние не можеме да се оттргнеме од историските детерминации и од временскиот контекст во кој ја живееме нашата егзистенција. Понатаму од шарлатанството, од хаотичните, често одвратни реакции, од сведувањето на статистички податоци, потребен ни е интелектуален ум за да замислиме подобар свет, во кој ќе ја утврдиме нашата општествена и културна суштина. Ги загубивме референтните точки и дозволивме бескрајно да бидеме фрагментирани во нашата маленкост од политичките математики. Станавме униформни битија на актуелноста, каде што доминираат шематските формули на политиката.
За да излеземе од оваа состојба и да ги вратиме заборавените димензии на афирмацијата на нашето битие, неопходно е да се стимулира креативната јавна мисла, која се базира на знаење и систематска работа. Секогаш спојувајќи ја имагинацијата на минатото и иднината во духот на критичкото размислување. Ќе треба повторно да ја реконституираме нашата јавна егзистенција преку реконституирање на јавниот простор и дебатата во него. Ова ќе нè доведе до мислата, до овој ентитет кој не е само емпириски, туку и историски и имагинативен. Да се замислиш себеси во смисла на присуство во временски контекст значи да си го дадеш на себеси димензијата на слободата на мислата!