Американскиот претседател Трамп го нарече украинскиот претседател диктатор. Тоа е пресметана провокација која ѝ овозможува на Русија да се врати на светската сцена.
Пишува: Торбен Бергерс (АРД)
Тоа е пресврт на американски начин: Американски претседател кој не му се заканува на Владимир Путин, туку на неговиот колега од Украина? До неодамна тоа беше незамисливо. Пријателот стана непријател, сојузниците стануваат жестоки противници.
Оној кој го нарекува Володимир Зеленски диктатор, и ја префрла на нападнатата земја вината за руската инвазија и од старт ја исклучува можноста Украина да стане членка на НАТО, тој не сака мир, туку капитулација.
Сменети улогите на агресорот и жртвата
Превртувањето на улогите од страна на Доналд Трамп е вознемирувачки, но не и изненадувачки. Повторно и повторно, самопрогласениот мајстор за преговори во текот на изборната кампања ветуваше со големи зборови дека ќе ја заврши војната во Украина што побрзо – по секоја цена. Во овој случај, тоа можеби ќе значи дел од територијата на суверена нација.
За Трамп, сè е предмет на преговори – во кои на крајот победува посилниот. И за него, посилниот во овој случај очигледно е Русија. Да се гледа неговото враќање во Белата куќа како жртва на руските дезинформации не е доволно.
Формирање нова структура на моќ
Американскиот претседател треба да се гледа како извршител на пресметаната провокација – според принципот: „Прво пукај, потоа нишани!“ Од урнатините на умирачкиот светски поредок, поранешниот магнат за недвижности сака да формира нова структура на моќ според своите замисли – „Америка прва“. Популистички национализам наместо меѓународна соработка – како можеби никогаш досега во историјата на САД.
Дипломатскиот самостоен потег на претседателот на најмоќната држава на светот претставува ново дно во трансатлантските односи и сигнал за будење за Необединетите европски држави. Патот до преговарачката маса е долг, но може да се постигне само ако постои единство.
Русија се враќа на светската сцена
Но, ЕУ и НАТО во моментов се оддалечени по ова прашање, колку што е оддалечен Вашингтон од Киев. „Меѓу нас и нив има цел океан“, изјави Трамп алудирајќи на Украина. Во моментов, изгледа дека овој океан е непремостив.
Русија може да се чувствува спасена и да ги трие рацете поради неверојатната промена на курсот преку Атлантикот. Противење од сопствените редови Трамп не очекува, бидејќи молкот на републиканците во Конгресот на САД е гласен.
Русија се враќа на светската сцена, на покана на САД. Тие не само што ја остават Украина на цедило, туку со неа ја остават и целата западна заедница.
Коментарот во оригинал можете да го прочитате на следниот линк