14.8 C
Скопје
25 април, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

МОСКОВСКИ КЛУБ НА САМОУБИЈЦИ

Пишува: Денко Малески

И ова утро се огласи истакнат претставник на московскиот клуб на самоубици – Димитриј Медведев. Се пофали дека НАТО нема да интервенира дури и ако Русјија фрли нуклеарна бомба врз Украинците. Ова е точно, нема да интервенира. Но, воздржаноста на Западот и во таков случај само кажува дека од другата страна има политичари кои го сочувале разумот и не се спремни без размислување да му пресудат на човештвото. Всушност, мислам дека не би следела автоматска реакција на Западот за почеток на Трета светска војна дури и Русите да фрлат атомска бомба врз членка на НАТО во Источна Европа или на Балтикот. Тоа не зборува за нивната слабост туку за фактот дека, соочени со катаклизма, дури и тогаш разумни луѓе би барале разумен излез од кризата. А што е со колективната безбедност која што произлегува од членот 5 од атлантската повелба на НАТО?

Еве што за темата на колективна безбедност вели науката за меѓународната политика. Природна тенденција на државите, кога ќе се соочат со опасност, е да се групираат против агресорот кој, доколку биде успешен во совладувањето на својата прва жртва , ќе им се сврти и на другите. Доколку се во сојуз, државите ги обврзува начелото на колективната безбедност да и притекнат на помош на жртвата. Во случајот на НАТО сојузот, тоа е запишано во фамозниот член 5 од атлантската повелба. Пред години, во дебата со мојот американски пријател и колега се прашавме дали треба членот 5 да се сфати буквално? Определувајќи се за една мала држава членка на НАТО, тогаш си го поставивме прашањето што ако Русија фрли атомска бомба врз Братислава, Словачка? Дали автоматски следи нуклеарен одговор на останатите членки на НАТО и почеток на Трета светска војна? Заклучивме дека искуството на човештвото со принципот наречен колективна безбедност покажува дека таков автоматизам нема, дури и кога е нешто запишано на хартија. Имено, реалноста покажува дека нема бланко поддршка за потенцијалната жртва на агресија. Политичарот на чело на една држава секогаш сака да има одврзани раце во прагматичното проценување на карактерот на кризата и како таа кореспондира со националниот интерес на неговата земја. Фактот дека државниците не се спремни да ја жртвуваат внимателната анализа на секој конкретен случај за апстрактниот принцип наречен колективна безбедност или член 5, не ги прави неморални како луѓе. Едноставно тоа е така. Оттаму и слабите држави мораат да внимаваат каква меѓународна политика водат и, со своето поведение, да придонесуваат кон светскиот мир. Тоа, накусо, е што вели науката за меѓународната политика.

Преведено на сегашната криза во Украина заклучокот е дека и во случај Русија да фрли нуклеарна бомба врз Украина Западните сили најверојатно нема да почнат со нуклеарни удари фатални по опстанокот на човештвото. За доблесни луѓе кои го сочувале разумот, тоа побргу би можел да биде момент на отрезнување и повлекување од ивицата на нуклеарниот амбис. Но, токму тоа е картата на која играат членовите на московскиот клуб на самоубици. Го знаете тоа поведение од секојдневниот живот кога насилниците нашата пристојност ја изедначуваат со наша слабост, за на крајот да се изненадат дека не било баш така. Е, во тој манир упорниот Медведев повторува:„Морам уште еднаш да потсетам за оние глувите кои само себе се слушаат.Русија има право да користи нуклеарно оружје ако е потребно…И тоа дефинитивно не е блеф“. Американскиот државен секретар Блинкен, пак, ги повикува руските политичари „да престанат да зборуваат глупости за нуклеарна војна“ . Можеби на ум ги има зборовите на Хрушчов кој, своевремено, ќе рече дека после светска нуклеарна војна „живите ќе им завидуваат на мртвите“.

 

 

 

 

 

 

Related posts

НЕЕДНАКВОСТА

admin

ВЛАДА БЕЗ ДУИ – КОГА ЕГОТО Е ПОВАЖНО ОД ЦЕЛТА

admin

2024: Работите ќе се влошат пред да се подобрат

admin

ПАРЛАМЕНТАРНИ И ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ НА ИСТ ДЕН?!

admin

Илинденски патрдии

admin

МЕНГЕМЕ НА “ТОЛПАТА“ НА ГУСТАВ ЛЕ БОН

admin