Пишува: Константин Рихтер
Тешки времиња се за Германија.
Една година по доаѓањето на канцеларот Фридрих Мерц на власт, неговиот рејтинг е низок, а коалициската влада што ја предводи е широко непопуларна. Искористувајќи го незадоволството кај граѓаните, крајнодесничарската Алтернатива за Германија напредува во анкетите и се приближува кон власта. Дополнително, САД најавија повлекување на дел од своите трупи од Германија, доведувајќи ја во прашање една од клучните оски на германската надворешна политика. Политичката стабилност, општествената кохезија и трансатлантската ориентација – обележјата на современа Германија – се под сериозен притисок.
Но зад сите овие проблеми стои уште подлабок предизвик. Германската економија, некогаш симбол на ефикасност, ред и стабилност, денес се наоѓа во сериозна криза. Земјата практично е во рецесија веќе три години. Речиси секоја недела некоја голема компанија најавува отпуштања, а јавноста сè почесто се прашува што останало од некогашниот германски економски модел.
Најголемиот проблем не се само бројките. Економскиот успех беше составен дел од германскиот идентитет по Втората светска војна. Германците веруваа дека, и покрај сите недостатоци, нивната држава функционира подобро од многу други. Денес тоа чувство исчезнува, а со него и самодовербата. Сепак, подобра економија е можна. Таа можеби нема да ја промени политичката насока на земјата, ниту ќе го ублажи незадоволството во Вашингтон, но може да ја прекине стагнацијата и да ја врати отпорноста по која германските компании беа познати.
Во најуспешните децении Германија беше земја со високи даноци, високи плати и голема бирократија. Тоа е важно да се запомни за оние што денес веруваат дека единствениот рецепт за обновување е намалување на трошоците за бизнисот. Во повоениот период економијата функционираше како сложена машина во која сите делови беа усогласени.
Тие делови вклучуваа образовен систем што произведуваше високо квалификувани работници, менаџери со инженерско и научно образование, банки и осигурителни компании ориентирани кон долгорочни цели, како и стабилни односи меѓу работодавачите и работниците. Сето тоа придонесе за технолошката супериорност поврзана со ознаката „Произведено во Германија“.
Кога американската економија во 1990-тите почна да напредува благодарение на Волстрит и Силиконската долина, Германија остана без нови идеи. Земјата се отвори кон странски капитал, банките и осигурителните компании ги продадоа своите удели во домашните фирми, а корпоративните раководства сè повеќе се ориентираа кон меѓународни инвеститори. Владата на Герхард Шредер го либерализираше пазарот на трудот и укина дел од заштитите што ги уживаа работниците.
На прв поглед, Германија напредуваше во првите две децении од новиот век. Успешно ја помина финансиската криза и го задржа индустриското јадро. Но, гледано наназад, успехот беше потпомогнат од евтин руски гас, брзорастечкиот кинески пазар и глобалниот трговски систем предводен од САД. Автомобилската индустрија продаваше милиони возила во Азија, но недоволно инвестираше во преминот кон електрични автомобили. Истата комбинација од претпазливост и краткорочно размислување се појави и во други компании.
Денес тој свет повеќе не постои. Американскиот протекционизам, кинеската конкуренција и развојот на вештачката интелигенција создадоа нова реалност. Но кризата не мора да биде фатална. Германија може да го приспособи својот економски модел на новите услови.
Првиот приоритет е финансирањето. Голем број германски компании денес се во мнозинска сопственост на странски инвеститори, а дел од клучните средни семејни претпријатија се преземени од инвестициски фондови. Иако финансиската дисциплина има свои предности, долгорочниот развој бара стабилна поддршка и трпелив капитал. Владата веќе формираше инвестициска иницијатива наречена „Дојчландфонд“, со цел да ги насочи домашните заштеди кон стратешки индустрии и сектори со висок потенцијал за раст.
Вториот приоритет е образованието. Германскиот дуален систем, кој комбинира учење и практична работа, долго време обезбедуваше квалификувана работна сила за индустријата. Денес има сè помал интерес за него, делумно поради демографскиот пад, а делумно затоа што младите избираат други професии. Дополнително, учениците покажуваат послаби резултати токму во математиката и природните науки, области во кои Германија традиционално беше силна.
Земјата не инвестира доволно во образованието и научно-технолошките истражувања. Техничките универзитети што некогаш создаваа генерации нобеловци денес заостануваат зад подобро финансирани конкуренти во странство. Враќањето кон амбициозни истражувачки проекти, во кои заеднички учествуваат државата, академската заедница и приватниот сектор, би било добар почеток.
Третиот приоритет е пазарот на трудот. Германската социјална држава станува сè поскапа, што значи дека граѓаните ќе мора да работат подолго и повеќе години за да се одржи системот. Но реформите треба да се спроведуваат во духот на социјалното партнерство – моделот на консензус меѓу синдикатите и работодавачите што одигра важна улога во повоениот развој.
Довербата меѓу двете страни е нарушена, а одговорноста е заедничка. Бизнис-лидерите го потрошија добриот углед доделувајќи си високи примања, додека синдикатите честопати одбиваа дури и мали компромиси.
Развојот на вештачката интелигенција би можел да помогне. Иако САД имаат значителна предност во технологијата, вештачката интелигенција добро се вклопува со германските традиционални предности во висококвалитетното инженерство. Наместо да ги заменува луѓето, технологијата би можела да ја подобри нивната работа и продуктивност.
Минатото не може да се врати. Но она што Германија го загуби е вербата во сопствените сили. Денес во земјата владее претеран песимизам. Потребна е јасна визија за иднината, како и паметни инвестиции, јавна поддршка и нова доза самодоверба. Тоа нема да ги реши сите проблеми, но може повторно да ја насочи Германија кон просперитет. (The New York Time)

